Овој човек на јахта го преплови Тихиот океан за да се врати на своето семејство

Ever Sailing-жизнь в океане/YouTube
Рускиот државјанин се дал на мошне опасна пловидба за да се врати на своето семејство кое живее на Нов Зеланд.

КОВИД-19 го изненади Дмитриј Пелевин како и сите останати. Тој како искусен едриличар и човек кој работи во ИТ-секторот одеднаш сфати дека е „заглавен“ во Франција, каде имал намера да помине само неколку дена на патот од Русија за Нов Зеланд, каде живее неговото семејство.

„Кога започнаа да ги затвораат границите решив да останам и да го дочекам крајот на пандемијата [во Франција]“, пишува Дмитриј на својот Телеграм-канал.

Набргу му станало јасно дека пандемијата нема да помине бргу, а летовите главно беа запрени и многу земји ги имаа затворено границите.

„Започна карантинот и моите летови беа откажани. Од тој момент барав начин како да му се вратам на своето семејство“, раскажува Дмитриј.

Тој толку многу сакал да го види сина си и својата поранешна сопруга кои живеат на Нов Зеланд, што се решил на самостојна и опасна пловидба преку Тихиот океан. За волја на вистината, Дмитриј и претходно замислувал дека еднаш ќе посака да го преплови океанот, но не планирал тоа да го направи во 2020 година. „Немаше никакви конкретни планови. Сè излезе спонтано“, раскажува тој.

Ја продал јахтата што ја имал и која била предвидена за пловидба само во близина на брегот, па почнал да бара нова која би можела да издржи прекуокеанска пловидба.

На крајот ја пронашол соодветната. Јахтата Dufour Gib’Sea 37 била вкотвена на Мартиник во Карипското море. На таа страна можело да се патува од Франција зашто Мартиник е француска прекуморска територија. Веќе следниот ден стасал на одредиштето. Јахтата била долга 11 метри и се викала „Купидитас“ и му припаѓала на семејство руски блогери кои решиле да ја продадат и да се преселат во Москва. Дмитриј ја купил јахтата и почнал да се подготвува за пловидба.

Го напуштил Мартиник на 11 јули 2020 година и запловил во насока на Панамскиот канал низ кој требало да мине за да влезе во Тихи океан.

Покрај опремата за долго патување, Дмитриј морал да ги извади и сите потребни документи кои му овозможуваат легална пловидба.

„[Потребна ми е] дозвола за пловидба во територијалните води на Панама. Француска Полинезија засега е затворена и за да влезам во неа морав да добијам дозвола од локалната поморска канцеларија. Ангажирав агент [за да поднесе документи во мое име]. Целата таа бирократија требаше да биде завршена [пред да продолжам со пловидбата]“, вели Дмитриј на една видеоснимка што ја има поставено на својот канал на Јутјуб посветен на оваа пловидба.

Во меѓувреме го искористил преостанатото време за да ја подготви јахтата за последното и најголемо искушение. „Обично потребни се неколку месеци за да се подготви јахтата [за прекуокеанска пловидба]. Сите системи и компоненти – трупот, такелажата, моторот, системите за управување, за навигација итн., сето тоа треба да биде проверено и заменето [доколку е потребно]. Треба да се земат многу работи: залихи од храна, резервни делови и опрема за спасување. Имав на располагање само две недели на Мартиник и околу три недели во Панама. Направив сè што можев“, вели Дмитриј.

Пред заминувањето од Панама Дмитриј бил оптимист кога станува збор за траењето на пловидбата. „Ве потсетувам, планирам да го препловам Тихи океан и да стасам до Нов Зеланд. Ќе морам да минам 4.000 морски милји, тоа најверојатно ќе трае 35 до 40 дена“, рече тој пред да исплови.

Меѓутоа, набргу сфатил дека нема да оди толку лесно. Поради пандемијата со КОВИД-19 многу административни процедури беа променети, па локалните власти и патниците мораа да се прилагодат на новите околности.

„Денес не е лесно да се плови со јахта. Многу земји ги затворија своите морски граници и го отежнаа минувањето на пловилата. Имаше и други тешкотии. На пример, во Панама не ми беше дозволено да наполнам гориво пред тргнувањето во пристаништето. [Локалните власти] тоа го образложија [со нови ограничувања] со правилата за користење на пристаништето за време на пандемијата. Морав да наполнам дизел во канистери во најблиската пумпа и тоа да го влечам до јахтата„, вели Дмитриј.

Пловидбата преку Тихиот океан не е детска игра кога човек сака сам тоа да го стори. Дмитриј го очекуваа многу опасности на тој пат. „Доколку паднев во морето, или сериозно се разболев или ако се повредев – немаше кој да ми помогне. Потешко е и да се управува со јахта кога човек е сам, мора постојано да бидеш внимателен и да спиеш со 'отворени очи'. Можев да се исцрпам и да направам некаква грешка“, вели тој.

Од друга страна, Дмитриј смета дека му било полесно да опстане кога е сам, зашто доколку излезе некоја вонредна ситуација тој би го искористил чамецот за спасување. „Никогаш не се знае како би се однесувал другиот човек во критична ситуација. Може да го фати паника. Во таа смисла е полесно да се биде сам кога човек одговара сам за себе. Уште потешко е [да се преживее во критична ситуација] доколку на пловилото има жени и деца“, вели тој.

За среќа, Дмитриј ги избегнал сериозните вонредни ситуации. Физички и морално бил подготвен да го преплови океанот. „Човек мора да биде во добра физичка форма. Организмот не треба да биде ослабен, особено кога станува збор за неговиот имунолошки систем. На крајот на краиштата, мошне е опасно да се разболиш во океан кога не постои никаква лекарска помош. Исто така пожелно е човек да нема никакви хронични болести, зашто во стресни ситуации тие можат да дојдат до израз, објаснува Дмитриј.

Поради пандемијата патувањето на Дмитриј се оддолжило, но сè минало релативно мирно. По 6 месеци Пелевин се укотвил во пристаништето на Нов Зеланд каде го чекале синот и поранешната сопруга.

„Син ми беше многу среќен [што ме гледа]. Нему, секако, многу му недостасував и сега практично не излегува од јахтата. Моментално живееме на јахтата [заедно]“, вели Дмитриј.

Пловидбата преку Тихиот океан е првото искуство на Пелевин од ваков вид, а тој сега вели дека нема да биде последно: „Многу ми се допадна и најверојатно ќе го повторам потфатот, и тоа не само еднаш. Сега ќе го препловам Атлантикот“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња