Уште од 2005 година Путин има обичај да купува сладолед на годишниот аерокосмички саем МАКС. Таа година за првпат купи два корнети кои чинea по 15 рубли, а на продавачката ѝ подаде 500 рубли и замина во колата.
Оттогаш рускиот претседател им купува сладолед на сите високи гости кои го следат на овој саем. Оваа година му купи сладолед на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган и на сите од своето опкружување, замолувајќи ја продавачката да му го врати кусурот на министерот за индустрија и трговија Денис Мантуров „за развој на авијацијата“. Путин за себе си зеде ист сладолед како и пред две години „Кравичка од Кореновка“ во кус корнет. Овој сладолед со ваквата реклама за две години поскапи за 10 рубли.
Во 2011 година Путин предложи да се основа посебна лига за аматери и да се нарече „Ноќна хокеарска лига“. Оттогаш тој со бројот 11 на дресот секоја година игра хокеј на гала-мечот заедно со членовите на владата и со други политичари. На последниот ваков натпревар екипата на Путин победи со 14:7. Претседателот постигна осум гола.
Во 2008 година Путин за својот роденден доби на подарок женка на усуриски тигар. Изгледа дека тогаш и започна сè. Две години подоцна од шишенце напои младенче на лос, а оваа година на една бела мечка ѝ стави синџирче со приемник за сателитски сигнал за време на својата поларна експедиција во Земјата на Франц Јосиф. Освен тоа, во 2012 година во делтаплан (параглајдер со мотор) им го покажа на белите жерави патот на југ, во 2013 година во приморскиот аквариум „се ракуваше“ со морж, а во 2014 година гушна персиски леопард во Сочи. Последните животни кои му се имаат приближено на претседателот се орловски касач и малечко на киргиски ‘рт.
Од 2015 година Путин редовно учествува во акцијата „Бесмртниот полк“ која се одржува секој 9 мај. Во рацете ја носи сликата на татка си Владимир Спиридонович кој го ослободувал Ленинград од опсадата. Страдањата и јунаштвото на своето семејство Путин ги има опишано во статија објавена во 2015 година. Ние таа статија ви ја имаме прераскажано.
Секако, Путин не вози кола секој ден, на пример кога оди на работа. Но, нема ништо против да седне зад воланот кога ќе му се укаже можност. На пример, во 2010 година возеше жолта Лада Калина 2.200 километри на патот Чита-Хабаровск, во 2011 година го тестираше руското хибридно возило „Јо-мобил“, а во 2018 година возеше камион „Камаз“ на отворањето на Кримскиот мост.
Путин е љубител на возење мотори во друштво на „бруталните“ бајкери. Лидерот на Русија за првпат во 2010 година го „јавна“ Харлито кога го посети собирот на бајкери од клубот „Ноќни волци“ во предградието на Севастопољ. Потоа ова стана негов обичај. Владимир Владимирович во 2019 година на чело на колоната бајкери возеше мотоцикл „Урал“ со приколка. Во приколката со Путин се повози првиот човек на Крим Сергеј Аксјонов.
Се сеќавате на фотографијата на Путин без маица, а потоа и на многубројните мемиња кои настанаа врз основа на неа? Рускиот претседател со задоволство го минува одморот во изолација од целиот свет (тука се запрашавме зошто е тоа така и се обидовме да најдеме одговор). Сибир е идеален за такво нешто, а особено Република Тува. Путин секоја година го минува својот одмор во Сибир каде лови риба во дивината. Понекогаш со себе носи и некој гостин како што е принцот Алберт Втори од Монако или министерот за одбрана Сергеј Шојгу.
Секоја година на Божиќ Путин оди во храм заедно со обичните парохијци, а секогаш надвор од Москва. Досега бил во Јакутија, Сочи, во Тверската и во Воронешката област, во Велики Новгород и во родниот Санкт Петербург. Последниот Божиќ го дочека во Спасо-Преображенскиот храм каде е крстен во 1952 година.
Вероника Уваева со кученце златен ретривер кое го има добиено како подарок од претседателот на РФ Владимир Путин. Таа со својата мајка напиша дека сака да има домашно милениче и писмото му го испрати на претседателот. Населба Славјанка, Приморски крај.
Виталиј Ањков/SputnikПутин често им подарува кучиња на децата. Неколку пати се случи тоа вака: девојче од провинција кое одамна сака да има некакво куче на сајтот на претседателот на Русија му пишува писмо со молба да му го подари тоа куче. Така беше со ученичката од Брјанск на која претседателот ѝ подари кутре лабрадор, и со ученичката од Хакасија која од Путин доби хаска, и со девојчето од Приморје кое страда од аутизам и нејзе рускиот лидер ѝ подари златен ретривер. Ова не е целиот список деца на кои рускиот претседател им го разубави животот, подарувајќи им куче.
Би се рекло дека тоа не е баш многу оригинално, но сепак не е толку вообичаено во меѓународните односи. Путин како знак на почит со задоволство им подарува букет цвеќе на првите дами и на лидерките на другите држави. Од него цвеќе има добиено претседателката на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ, сопругата на францускиот претседател Брижит Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел. За волја на вистината, германските новинари овој подарок за својата канцеларка го протолкуваа како знак дека таа е обична слаба жена, но Кремљ не се сложи со таквото толкување.
Белиот термос „како на Путин“ стана хит на Алиекспрес откако корисниците на социјалните мрежи забележаа како на средбата на лидерите на Г-20 за време на ручекот само Путин пиеше од сопствена термос-чаша. За волја на вистината, рускиот претседател веќе неколку години ја носи оваа термос-чаша на многу големи прес-конференции, на самити и на директни линии, и тоа го прави од 2014 година. Според неговиот портпарол, Путин „постојано пие чај од тој термос“, но не објаснува зошто. Веројатно исто така станува збор за навика.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче