Местото каде Путин со задоволство се одмора: Како родното место на Сергеј Шојгу стана дел од Русија

28 август 2018 година. Рускиот претседател Владимир Путин за време на својот одмор во Сајано-Шушенскиот природен резерват, Република Тува.

28 август 2018 година. Рускиот претседател Владимир Путин за време на својот одмор во Сајано-Шушенскиот природен резерват, Република Тува.

Алексеј Никољски/Sputnik
Можеби никогаш не сте слушнале за Република Тува, каде Владимир Путин го минува својот одмор. Историјата на овој оддалечен регион е навистина специфична.

Изразот „Република Тува“ не им значи многу дури ни на определени граѓани на Русија, особено ако живеат во европскиот дел од земјата. Тува е еден од 85 субјекти на Руската Федерација. Се наоѓа многу далеку, 4.600 километри источно од Москва, во Јужен Сибир, и се граничи со Монголија.

Од Москва не постојат дури ни директни авионски летови до Тува. Во овој регион не постои пруга. Оној што сака да го посети Кизил, главниот град на Тува, мора најпрво со авион да оди до сибирскиот град Абакан, па оттаму да патува 7.5 часа до Кизил. Зошто некој воопшто би се мачел толку?

Реката Мал Енисеј (Каа-Хем)

Тува е многу поинтересна одошто може да ви се стори на прв поглед. Пред сè тоа е земја во која живеат шамани. Тувинците порано биле номадско племе, а сега живеат во помали заедници и сè уште ја чуваат мистичната вештина за комуникација со другиот свет (барем тие така велат). Покрај тоа, природата во тувската дивина е толку убава што Владимир Путин со задоволство таму ги минува своите слободни денови. Во август 2018 година помина викенд во поход низ дивината, а една година претходно го помина одморот во Тува, ловеше риба и веслаше заедно со министерот за одбрана Сергеј Шојгу, кој по националност е Тувинец.

Особено е интересно како Тува станала дел од Русија. Пред нешто помалку од 100 години тоа била независна држава во Азија која дури и ѝ објавила војна на нацистичка Германија за време на Втората светска војна, Зошто се присоединила на Советскиот Сојуз?

Од Кина во Советскиот Сојуз

Ако се свртиме кон минатото, ќе видиме дека Тува на почетокот на 20 век ѝ припаѓала на Кина, а исто така и на Монголија и на цела Северна Азија која не била во границите на Русија. Сепак, границите биле „разводнети“ или дури не постоеле. Како што пишува Dilentant.media, „стотици руски трговци имале бизнис со Тува и живееле таму“.

Шаман со жена си, 1920, Тува.

Тувинците имале големи стада крупна рогата стока, а земјата им изобилувала со крзна и со злато, така што имале голема корист од трговијата со Русија. Во тоа време нивните врски со Кина станувале сè послаби зашто кинескиот император го изгубил својот авторитет. Кинеската монархија паднала во Синхајската револуција (1911-1912) и набргу потоа Тувинците го замолиле царот Николај Втори нивната татковина да се спои со Русија. Тој го прифатил тоа во 1914 година.

„Кинезите протестирале, но никој не обрнувал внимание на тоа зашто беснеела Првата светска војна“, заклучува Dilentant.media. Но, набргу сè се изменило кога Русија во 1918 година потонала во граѓанска војна, како и Тува.

Минијатурна држава

Човек им приоѓа на урнатините на манастирот Усту-Хуре, пред поранешниот централен будистички храм во Тува, во близина на населбата Чадан, околу 1.000 километри јужно од сибирскиот град Карснојарск. Манастирот Усту-Хуре е уништен за време на Сталиновите чистки во триесеттите години на минатиот век.

Војната ја поделила Тува на три дела кои ги контролирале Монголците, Белата армија и локалните вооружени формации. Кога болшевиците ја узурпирале власта во Русија решиле да ја напуштат Тува и да ја третираат како независна држава за да не ги расипат односите помеѓу Москва и Пекинг. Тувскиот политиколог Виктор Сандакпан нагласува: „За Тува било премногу рано да влезе во СССР зашто нејзините лидери биле аристократи, дел од населението ја поддржувало Монголија, а комунистичката парија била слаба“.

Сепак, новата Тувска Народна Република (ТНР) е формирана во 1921 година, и во голема мера зависела од Советска Русија. Не е ни чудо со оглед на тоа дека во 1941 година армијата на ТНР броела само 489 војници. Покрај тоа, за 20 години независност променети се шест устави, а тамошните комунисти успеале да спроведат поблага верзија на големите Сталинови чистки.

„Кон крајот на дваесеттите и на почетокот на триесеттите години со земјата управувале млади сталинисти кои се школувале во Москва“, истакнува Dilentant.media. „Тие ги исфрлиле старите лидери од нивните функции и поголем дел од нив стрелале“. Младата, брутална генерација војувала против аристократијата, будистите, шаманите и против сите оние кои не се вклопувале во новата идеологија. Како што пишува Виктор Сандакпан, во Тува во текот на триесеттите години од минатиот век биле репресирани помеѓу 1.200 и 1.700 луѓе.

Тува против Хитлер

Салчак Тока бил убеден комунист. Тој во 1932 година станал генерален секретар на Централниот комитет на Тувската народно-револуционерна партија. Тока велел: „Јас сакам нашиот народ да се обедини со народите од големиот Советски Сојуз. Додека тоа не се случи, мојот сон нема да биде остварен“.

Салчак Тока, генерален секретар на Тувскиот областен комитет на КПСС во својата канцеларија. Тувска Автономна Советска Социјалистичка Република.

Тувската Народна Република ја докажала верноста кон Советскиот Сојуз така што прва официјално изразила поддршка во Втората светска војна кога нацистичка Германија на 22 јуни 1941 година го нападнала СССР (по неколку часа истото го направила и Велика Британија). Оваа мала држава со 90.000 жители ѝ објавила војна на Германија. Се зборува дека Адолф Хитлер не реагирал на оваа објава за војна зашто не можел да ја најде Тува на мапата. (Можеби не се ни обидел).

Шегата на страна, иако мала, Тува дала сè од себе за да му помогне на СССР, започнувајќи од своите златни резерви па сè до 8.000 луѓе кои биле испратени како регрути во Црвената армија.

Во Русија

Сонот на Салчаков бил остварен уште пред завршувањето на војната. Советската власт во 1944 година ја исполнила молбата на Тувската Народна Република да се присоедини на ССС како дел од Руската Советска Федеративна Социјалистичка Република.

Шаман го чека изгрејсонцето за време на голем шамански обред.

Тоа значело дека дури и по распадот на Советскиот Сојуз Тува останала во Руската Федерација, зачувувајќи ја својата уникатна шаманска култура и обезбедувајќи му на Владимир Путин убаво место за одмор.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња