Путин напиша колумна за своите родители и за војната

Извор: ТАСС

Извор: ТАСС

Претседателот на Русија Владимир Путин напиша колумна за весникот „Руски пионер“, во која го опишува животот на своите родители за време на војната. Колумната е насловена „Животот е толку едноставна и толку сурова работа“.

Рускиот претседател Владимир Путин напиша колумна во која опишува што преживеале неговите родители во Втората светска војна, што се случило со неговиот брат и зошто татко му и мајка му не чувствувале омраза кон германските војници.

„Ти ќе живееш, а јас одам да загинам“

Рускиот лидер пишува дека војната го затекнала неговиот татко како работник во една ленинградска работилница. Имал „потврда“ која му овозможувала да не оди на фронт, но тој напишал молба со која побарал да биде примен во партијата (Сојузната комунистичка партија на болшевиците), а потоа побарал да замине во војна. Го испратиле во диверзантскиот одред на Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД). Во една операција некој ги предал и Германците убиле 24 војници, а вкупно биле 28. Таткото на Путин преживеал отако неколку часа поминал во една бара, каде се криел под вода, дишејќи низ цевка од трска, и слушнал како во негова близина поминувале германски војници.

Најголемата парада во историјата
Парадата на победата на 9 мај според бројот на учесниците и количеството на воената техника ќе биде најголема досега, а во исто време и „најплодна“ според воените новитети кои за првпат ќе ѝ бидат прикажани на јавноста. Најновите оклопни возила раскрстија со советското минато и им се приближија на западните стандарди.

Потоа бил испратен на „Невски пјатачок“. Тоа е мал појас долж брегот на Нева што советската армија го бранела во текот на повеќе месеци по цена на животите на десетици илјади свои војници. Таму татко му на Путин бил ранет. Неговиот сосед од влезот го одвлечкал по ледината преку замрзнатата Нева на другата страна од брегот, а потоа го однел во болница. Како што пишува Путин, соседот најпрво се уверил дека ранетиот е опериран, а потоа му рекол: „Ете, готово е, сега ти ќе живееш, а јас одам да загинам“. За среќа и тој преживеал. Тие двајцата по многу години случајно се сретнале во Ленинград.

„Нема секој да преживее“

Путин опишува како за време на престојот во болницата неговиот татко својот оброк ѝ го давал на жена си, која потоа му го носела на малолетниот брат на Владимир Путин. Подоцна лекарите дознале за тоа и ѝ забраниле на мајка му на Путин да го посетува својот ранет сопруг. Братот на Путин за време на опсадата се разболел од дифтерија и умрел. Неговите родители на почетокот не знаеле каде се наоѓа неговиот гроб. Дури подоцна дознале дека е погребан на Пискарјовските гробишта. На овие гобишта во периодот од 1941 до 1944 година биле погребани околу половина милион луѓе – војници кои загинале во одбраната на градот и жители на Ленинград кои умреле од глад и од болести за време на опсадата.

Путин во својата колумна пишува и како за чудо се спасила неговата мајка. Неговиот татко се враќал од болница и кога дошол до својот влез видел како санитарците однатре изнесуваат трупови, а меѓу нив на носилка ја препознал и жена си. Му се сторило дека таа е сé уште жива и тоа им го кажал на болничарите. Тие му одговориле дека таа секако нема да преживее и дека ќе умре „по пат“. „Тој раскажуваше како тргнал кон нив со штаките и дека ги принудил да ја вратат назад во станот“, пишува Путин и додава дека на татко му му успеало да ја врати својата сопруга во живот, така што таа сепак ја преживеала војната. Таа почина во 1999 година. Татко му на Путин почина една година претходно.

„Како можеме да ги мразиме?“

Путин пишува дека неговиот татко имал шест браќа. Петмина од нив загинале во војната. Во семејството на неговата мајка исто така имало роднини кои загинале во војната. Но, истакнува Путин, неговите родители не чувствувале омраза кон германските војници. „Како можеме да ги мразиме тие војници? Тие се обични луѓе и исти така гинеа во војната. ... Тие се исто така обични работници, како и ние. Само што се испратени на фронт“, ова, според зборовите на Путин, го велела неговата мајка.

Во својата колумна рускиот претседател нагласува дека подоцна на ваков или на таков начин се потврдило сето она што му го раскажувале неговите родители за животот за време на војната.

Ова не е прва колумна што Владимир Путин ја има напишано за „Руски пионер“. Тој и претходно на страниците на ова списание има пишувано за тоа какви чувства му недостасуваат во животот и како тој работи со луѓето што му се непосредно подредени.

„Руски пионер“ излегува од 2008 година. Го издава Андреј Колесников, коментатор на весникот „Комерсант“. Колесников е познат по тоа што е во добри односи со рускиот лидер.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња