Што вежба Путин за да остане во форма

Михаил Климентјев/Sputnik
Од добро познатата страст за џудото до алпско скијање, автомобилски трки и риболов – рускиот претседател е во извонредна форма и му идат многу спортови.

Не е толку познато дека во раното детство Владимир Путин имал извесна антипатија кој руската народна музика. Таткото на Путин со задоволство свирел хармоника и го терал сина си да ги свири неговите омилени песни. Како и да е, идниот претседател го избрал спортот, а не музиката. Анатолиј Рахлин, тренерот по џудо на Путин еднаш откри дека морал да ги убедува родителите на претседателот дека неговиот син е талентиран и дека џудото не е опасен спорт.

Џудо

Владимир Путин почнал да тренира џудо на 11 години. „На почетокот не можев да забележам никакви особени предиспозиции и не се издвојуваше по ништо од другите. Но, со текот на времето покажа одлични резултати. Владимир беше вистински пантер на теренот, се бореше до последната секунда“, се сеќава Рахлин. Путин беше познат по префрлањето на противникот преку рамо и префрлање додека го држи противникот за двете раце.

Путин стана шампион на Ленинград во Џудо кога имаше 21 година и се стекна со звањето мајстор на спортот. Во 1999 година беше објавена книгата „Часови по џудо со Владимир Путин“, а претседателот учествуваше и на снимање на часови по џудо за почетници.

Путин знае и други боречки вештини, како што е каратето. Носител е на црн појас 8 дан накјокушин карате.

Алпско скијање

Алпското скијање е уште еден од омилените спортови на рускиот претседател. Негов личен тренер по скијање е Леонид Тјагачов, поранешен претседател на Рускиот олимписки комитет и поранешен скијач и тренер.

„Владимир Путин нема поминато обичен курс по скијање. На почетокот ги повторуваше истите грешки. Но, по неколку години ја усоврши техниката. Сега е солиден скијач и се движи со голема брзина“, вели Тјагачов. „Трениравме ноќе, почнувавме на полноќ, а завршувавме во еден или во два часот. И сега се трудиме да скијаме доцна навечер“, вели Тјагачов.

Тренерот вели дека техниката на Путин е подобра одошто кај просечен аматер, но и понатаму прави некои ситни грешки. Но, сето тоа не го запира Путин да ита по планините на скии.

Хокеј

За разлика од џудото, хокејот е едно од најновите хоби на Путин. Во јануари 2011 година, во разговор со младите спортисти на 25 Зимска универзијада во Турција, Путин вети дека ќе научи да лизга. „Претходно мислев дека тоа е невозможно“, рече претседателот. „Се обидов еднаш, додека вежбав боречки вештини“.

Познатиот руски хокеар и повеќекратен освојувач на Светскиот Куп Алексеј Касатонов му стана личен тренер по хокеј на Путин. И тука претседателот мораше да вежба ноќе. „Едно 12-годишно момче ми рече дека тренира хокеј веќе 9 години. А, јас само два месеци! Научив да лизгам, држејќи се за стол. Претходно не можев ни да замислам дека ќе стојам на лизгалки“, призна Путин.

Во април 2011 година Путин научи да лизга и да игра хокеј, па дури и даде неколку гола. Путин стана покровител на Руската ноќна лига за хокеј, во која со него играат руските политичари и бизнисмени и собираат пари за хуманитарни цели. Примерот на Путин мотивираше многу руски познати луѓе да се занимаваат со хокеј. Иако, како што вели членот на Ноќната лига за хокеј бизнисменот Олег Смирнов, другите играчи мораат да бидат внимателни кон Путин. „Тој е наш претседател, а хокејот е контактен спорт. Затоа мораме да внимаваме и да не го повредиме“, вели Смирнов.

Возење

Прв автомобил на Путин е „невнимателниот“ Запорожец што неговите родители го добиле на лотарија.

Во 2006 година Путин го возеше Џорџ Буш помладиот на советскиот автомобил ГАЗ-21 од 1956 година. Во Сочи го возеше претседателот на Меѓународниот олимписки комитет на Нива, одлична за планински терен. И овие две возила се во сопственост на Путин.

Во 2010 година Путин возеше нова Лада Калина на четиридневен пат долг 2.000 километри низ рускиот Далечен исток, на релација Хабаровски-Чита. Кога новинарот го праша дали се чувствува комотно додека истовремено вози и разговара, Путин одговори дека е совршено мирен и дека ужива во возењето, можеби за првпат за десет години.

Поголемиот дел од времето во кола Путин го минува на задното седиште од претседателската лимузина, иако никогаш не ја пропушта шансата да го фати воланот во раце. На состанокот во 2018 година во Сочи рускиот претседател го повози својот египетски колега Сиси во „Аурус“.

Путин сака и спортско возење. Во 2010 година управуваше со болид на Формула 1 и го забрза до 240 километри на час.

Нуркање

Кога е на годишен одмор, Владимир Путин задолжително нурка на дното од реката или од морето. Во 2011 година нурна на дното на Таманскиот залив и ја разгледа таканаречената руска Атлантида, потонатиот старогрчки град Фанагорија. Тогаш по вторпат во животот нурна со опрема на толку голема длабочина.

Истата 2011 година Путин и Дмитриј Медведев на југот од Русија, во Астрахањската област нуркаа на дното од Волга и ја фотографираа подводната флора и фауна. Во август 2017 година претседателот беше на кус дводневен одмор во Тува и се занимаваше со подводен риболов.

Пешачење

Во Тува, родното место на министерот за одбрана Сергеј Шојгу, Путин сака да пешачи. Во друштво на Шојгу и на првиот човек на Федералната служба за безбедност Александар Бортников Владимир Путин помина неколку одлични дена во август 2018 година.

Политичарите пешачеа по ритчињата и по планините на Сајано-Шушенскиот национален парк. „Пловевме по реката Енисеј и пешачевме. Се искачивме на некои ритчиња, а на некои нè однесе хеликоптер, но горе на врвовите секогаш пешачевме. Владимир Путин со леснотија преминува големи растојанија“, вели Генадиј Кисељов, директор на Сајано-Шушенскиот национален парк.

Изгледа дека Путин многу сака да го минува својот годишен одмор во Тува. Таму беше неколку пати, а во 2008 година токму таму беа снимени неговите прочуени фотографии на кои јава на коњ и рибари.

Риболов

Александар Трети еднаш рекол дека Европа може да чека додека рускиот император рибари. Владимир Путин исто така го сака риболовот. „Го сакам риболовот и се радувам на ретките можности кога можам да седам покрај брегот со трската. Понекогаш и работата помага во тоа. Како инаку би рибарел во Америка со двајца американски претседатели“, рече еднаш Путин.

Тува е исто така едно од омилените места за риболов на Путин. Во 2013 година улови штука од 21 килограм, толку беше голема што три минути ја влечеше од водата. Во август 2017 година два часа ловеше риба со харпун. „Локалните штуки се толку лукави и внимателни, брзо нуркаат во песокот“, рече претседателот. „Најдобрите места за риболов на светот се во Мурманската област и делтата на реката Волга во Астрахањ“, сигурен е претседателот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња