„Сите знаеме дека Русија е огромна. Оваа земја е речиси двојно поголема од Канада, а нејзината површина е скоро еднаква на онаа на површината на Плутон. Но е ретко населена: на еден жител на Русија му паѓа четири пати поголема територија отколку на еден Американец. А Сибир се издвојува дури и според руските мерила“, прозаично ја развива својата теорија Елија Кабанов од весникот „Хафингтон Пост“.
Според податоците што ги наведува новинарот, Сибир зафаќа 77% од територијата на Русија, а во него живеат само 27% од населението на земјата, т.е. 39 милиони луѓе. Причината зошто е тоа така лежи во суровата клима на Сибир. Поголемиот дел е покриен со вечен снег и мраз, што до неодамна практично ги спречуваше изградбата и развојот на земјоделството.
Меѓутоа, ситуацијата би можела да се промени како резултат на глобалното затоплување, смета авторот. Тој ги известува американските читатели дека, според научниците од Истражувачкиот центар „Ленгли“ на американската НАСА и Краснојарскиот научноистражувачки центар, неизбежното покачување на температурата и зголемувањето на врнежите до 2080 година ќе ги направи условите за живот во азискиот дел на Русија значително попријатни.
„Според прогнозите, суровата клима ќе стане поблага и попријатна. Благодарение на тоа, Сибир најверојатно ќе биде девет пати попријатно место за живеење на луѓето и во него ќе почнат да пристигнуваат климатски имигранти“, предвидува новинарот. „Сибирската клима до 2080 година ќе стане значително потопла и поблага. Зоната на вечниот лед значително ќе се помести кон североисток. Условите за живот во азискиот дел на Русија во споредба со денешните ќе станат од три до девет пати подобри“.
Во услови на потопла клима вечниот мраз ќе почне да се топи, со што ќе се зголеми земјоделскиот потенцијал на северен Сибир, пишува авторот. Меѓутоа, тој укажува и на можни проблеми: поплавите би можеле да доведат до уништување на инфраструктурата и станбените објекти, што можеме да го видиме веќе денес. Имено, инфраструктурата на рускиот Арктик веќе пропаѓа поради деградацијата на вечниот мраз.
Порастот на миграцијата, според мислењето на американскиот новинар, ќе го компензира падот на наталитетот во Русија. Елија Кабанов, повикувајќи се на податоци на ООН, предвидува дека бројот на жители на Русија до 2050 година ќе се намали од 143,9 милиони на 132,7 милиони. „Климатските миграции за Русија би можеле да бидат единствениот начин да се надоместат овие загуби“, заклучува авторот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче