Копнениот сегмент на репетицијата беше реализиран во услови на благ дожд, што не ѝ попречи на борбената техника синхронизирано да помине покрај импровизираниот подиум во еднакви временски интервали и совршен поредок. Во ешалоните се наоѓаа основни борбени тенкови, борбени возила на пешадијата, самоодни хибридни ПВО-орудија „Панцир“ (овие системи во последно време добија сериозен пакет модернизација). Се разбира, еден ваков настан не може да помине без огромните транспортно-лансирни возила со интерконтиненталните балистички ракети „Јарс“. Прикажани се и новитетите кои ќе учествуваат во парадата, а тоа се многу мобилните теренски возила „баги“ опремени со тешки митралези „Корд“ со калибар 12,7мм, пренесува интернет-порталот РГ.
Репетицијата на воздухопловната парада беше реализирана на небото над Подмосковје. Во неа учествуваа вкупно 74 авиони и хеликоптери, кои одговараат на бројот на годините поминати од Денот на Победата (9 мај 1945 – Берлин). Воздухопловната техника која учествуваше во оваа парада полета од осум аеродроми на просторот на Централна Русија, се сретна на небото над Подмосковје и формираше 16 посебни групи кои во организиран поредок прелетаа преку зададената точка каде што се одржуваше репетицијата. Авионите и хеликоптерите летаа со минимална брзина на релативно мала висина која одговара на стандардите за изведување на воената парада.
На почетокот на воздухопловната програма видовме тежок воено-транспортен хеликоптер Ми-26, кој леташе на висина од стотина метри. По него во налет поминаа авиони-ловци, бомбардери, стратешки ракетоносци, авион за воздушно набљудување и командување („летечки радар“), авиоцистерни за дополна на авионите со гориво во воздух и тешки воено-транспортни авиони Ил-76. По традиција, оваа програма заврши со прелет на јуришници Су-25 кои притоа целата приредба ја украсуваат со траги во вид на руското знаме. Предвидено е пилотите до 9 мај да изведат 10 проби, од кои две ќе бидат реализирани над Црвениот плоштад во Москва.