Во 1998 година во светот голем одек имаше филмот на американскиот режисер Стивен Спилберг „Спасувањето на војникот Рајан“. Ова е приказна за истоварувањето на сојузничките трупи во Нормандија во јуни 1944 година. Од друга страна, американскиот историчар Мајк Дејвис ја напиша книгата „Спасувањето на војникот Иван“. Тој, како и многу историчари ширум светот, смета дека ослободувањето на Европа летото 1944 година не започнало во Нормандија, ами онаму каде советските партизани извршиле ненадеен напад во заднината на фронтот на моќниот Вермахт. Сепак, денес сè поретко се споменува водечката улога на Советскиот Сојуз во епохалната победа над фашизмот.
Оние што тежнеат да ги преиначат резултатите од Втората светска војна намерно ги игнорираат оценките на водечките политичари дадени уште додека оваа војна била во тек. „Од гледна точка на големата стратегија тешко е да се избегне очигледниот факт дека руската армија уништува сè повеќе непријателски војници и оружје од сите останатите 25 држави на ОН заедно“, констатирал во мај 1942 година претседателот на САД Франклин Рузвелт. Премиерот на Велика Британија Винстон Черчил во септември 1944 година на Јосиф Сталин му напишал: „Ќе ја искористам можноста утре во Домот на комуната да го повторам она што го реков претходно – дека токму руската армија ѝ ги истури цревата на германската воена машинерија“. Победата не ја „распарчувал“ ниту поранешниот Хитлеров министер за надворешни работи Јоахим фон Рибентроп. Тој наведува три главни причини поради кои Германија доживеала пораз. Првата е неочекувано силниот отпор на Советскиот Сојуз, втората е испораката на големи количества вооружување и техника од САД, а третата е успехот на западните сојузници во борбата за доминација во воздухот.
Доколку се погледне просторната димензија, тогаш не е потребен никаков доказ дека најширок бил советско-германскиот, односно Источниот фронт. Тој во 1941 година се протегал на 4.000 километри, а во 1942 на над 6.000 километри и бил четирипати подолг од Северноафриканскиот, Италијанскиот и Западниот фронт. Според современите истражувања Црвената армија на Источниот фронт прегазила 674 нацистички дивизии (508 дивизии на Вермахтот и 166 дивизии на германските сојузници). На англиско-американските трупи во Северна Африка во периодот од 1941 до 1943 година им се спротивставиле од 9 до 20 дивизии, во Италија 1943-1945 од 7 до 26 дивизии, во Западна Европа по отворањето на Вториот фронт во 1944 година од 56 до 75 дивизии. Вермахтот на Источниот фронт претрпел 73% од сите свои воени загуби. Само во човечка сила имал четири пати поголеми загуби од борбените полиња во Западна Европа и во Медитеранот. Црвената армија во периодот од 1941 до 1945 година има уништено или заробено вкупно 607 непријателски дивизии, додека англиско-американските трупи во истиот период онеспособиле 176 дивизии. Од сета техника која Вермахтот ја има изгубено за време на целата војна, на Источниот фронт се уништени 70% од авионите, 75% од тенковите и 74% од артилериското оружје.
Кршењето на Германија како предводничка на фашистичко-милитаристичкиот блок секако имало решавачко влијание врз ликвидацијата на последното жариште на Втората светска војна на Далечниот Исток. Генералот Махмут Гареев ги наведува следниве податоци: „Во август 1945 година јапонските вооружени сили броеја 7 милиони војници, 10.000 авиони и 500 воени бродови, додека САД и нивните сојузници од азиско-пацифичката зона имаа околу 1.8 милиони војници и 5.000 авиони. Доколку СССР не влезеше во војна, главнината на Квантунската армија можеше да се фокусира на Американците и во тој случај борбените дејствија (како што претпоставува раководството на САД) би траеле уште две години, а со самото тоа би биле поголеми и загубите, дотолку повеќе што јапонската команда веќе се подготвувала да употреби бактериолошко оружје. Како што пресметал Комитетот на началниците на штабовите на САД и на Велика Британија, војната за окупација на Јапонија би можела да одземе милиони човечки животи“.
Пред десетина години некои политичари бараа од Русија да се покае пред соседите и пред сојузниците од Источниот блок. Истовремено се појави и „претпоставка за вина“ на Русија (во смисла дека вината на Русија се подразбира сè дури не се докаже спротивното). Оние што сакаат да извршат насилство над минатото, на секој начин ја избегнуваат беспоштедната вистина за беспоштедната војна. Втората светска војна однесе над 50 милиони човечки жртви, а преку половина од жртвите во Европа ги поднесе Советскиот Сојуз. Станува збор за 27 милиони луѓе, а голем дел од нив не бил вооружени борци, туку цивили. Од друга страна, меѓу сојузниците на антихитлеровската коалиција во Велика Британија загинале 375.000, а ранети биле 369.400 лица, додека САД имале вкупно 1.760.000 настрадани, од кои 405.000 загинати на сите копнени и поморски боишта. Советскиот Сојуз плати висока цена и во борбата за ослободување на другите држави од Европа и од Азија од окупаторот. Над милион советски војници загинале на боиштата во Источна и во Централна Европа, на Балканот, во Кина и во Кореа.
Нити во Советскиот Сојуз, ниту во современа Русија никогаш не постоела поделба на заедничката Победа, никогаш не постоело нечовечко ситничарење на темата кој дал поголем или помал придонес во борбата против фашизмот. Русија никогаш не ја намалувала улогата на народите на Советскиот Сојуз и на сојузниците во победата. Споменот за Победата не познава граници, не ги дели луѓето според национална припадност и секако е повозвишена од какви било дневнополитички интереси.
Генадиј Бордјугов е професор на Московскиот државен лингвистички универзитет и претседател на Асоцијацијата на научните истражувачи на руското општество.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче