На врвот на првата Парада на победата на Црвениот плоштад на 24 јуни 1945 година знамињата на Третиот рајх биле симболично фрлени пред Мавзолејот на Ленин. Војниците што ги носеле имале ракавици за да го покажат својот презир кон нацистичка Германија. Потоа ракавиците биле запалени.
Сталин на една Парада требал да јава на коњ, но за време на пробата паднал и го повредил 'рбетот, па се откажал од оваа идеја. Но, за да се остане доследен на традицијата, добриот јавач Георгиј Жуков го зазел неговото место.
На Парадата на победата во 1945 година не учествувале само луѓе, ами и животни. Меѓу кучињата-деминери имало едно кое се издвојувало. Германскиот овчар Џуљбарс во текот на војната надушкал 7.000 мини и 150 бомби. Одликуван е со медал за борбени заслуги, но бил ранет и не можел да оди. Затоа Сталин наредил Џуљбарс да биде пренесен преку Црвениот плоштад замотан во неговото воено палто.
Денес воената парада е неизоставен дел од прославата на Денот на победата на 9 мај во Русија. Но, тоа не било така отсекогаш. За време на Советскиот Сојуз паради биле одржани само четири пати: 1945, 1965, 1985 и 1990 година. По парадата во 1995 година било решено дека овој настан не треба да биде резервиран само за годишнините.
Странски воени единици учествувале на Парадата на победата три пати. Во 1945 година претставници на Полската народна армија, која се борела против нацистите заедно со Црвената армија, биле поканети да учествуваат на првата парада. Единствен странски генерал кој некогаш учествувал бил бугарскиот генерал-полковник Владимир Стојчев.
Полските единици на Парадата на победата учествувале уште еднаш: во 2010 година заедно со претставниците на британската велшка гарда, со американскиот 18 пешадиски полк, со францускиот ловечки воздухопловен полк Нормандија-Немен и воените контингенти од земјите на Заедницата на независните држави.
Трети пат странски воени единици беа повикани во руската престолнина во 2015 година на прославата на 70-годишнината на Денот на победата. Десет земји испратија единици за учество на Парадата, меѓу кои Кина, Индија, Монголија и Србија.
На парадата во 1965 година во рамките на церемонијата биле претставени модели на три интерконтинентални балистички ракети (8К713, 8К96 и 8К99). Но, овие проекти никогаш не го здогледале светлото на денот.
Во 2005 година канцеларот на Германија Герхард Шредер доведе група ветерани на Вермахтот да присуствува на Парадата. Тие тогаш се сретнаа и со претседателот Владимир Путин.
На Парадата на победата 2018 година за првпат се појавуваат воени роботи. Учествуваат деминерскиот робот Уран-6 и борбениот робот Уран-9.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче