Државната корпорација „Роскосмос“ ќе формира одред од млади жени-космонаути за летови на орбитата, а нивниот избор ќе се врши од редовите на стручњаците од ракетно-космичката индустрија, изјави за агенцијата ТАСС извор од оваа област.
Како што се наведува, „Роскосмос“ нема да чека дамите сами да тропнат на врата, туку самиот ќе покрене иницијатива за нивен избор. Исто така, планирано е и скафандерот „Орлан-МКС“ да биде доработен за жени, па така ќе се појават елементи на скафандерот за зајакнување на рацете на операторот за потешки работи, како што е работата на МВС. Обуката, меѓу другото, е планирана во врска со идните мисии на Месечината.
Во август минатата година беше одржан уште еден избор за рускиот одред космонаути. Можеа да конкурираат сите граѓани на РФ помлади од 35 години со диплома од областа на инженерството, науката или авијацијата и со работно искуство. „Густото сито“ успеаја да го поминат само осум мажи од вкупно 420 кандидати, меѓу кои имаше 87 жени. Меѓутоа, селекцијата не ја помина ниту една жена. Како што беше кажано, не ги задоволиле критериумите. Во Русија во орбитата околу Земјата престојуваа четири жени. По Валентина Терешкова, Светлана Савицка леташе двапати и е првата жена која излезе во отворена вселена. Елена Кондакова во орбитата околу Земјата престојуваше двапати, а во бестежинска состојба помина 178 дена. Елена Серова беше првата Русинка на Меѓународната вселенска станица. Малку се знае дека по успешниот лет на Валентина Терешкова е планиран старт на чисто женски екипаж кој требало да го сочинуваат три членки. За тоа пламено се залагал главниот конструктор Сергеј Корољов, меѓутоа, по неговата смрт и несреќата на тестирањето на бродот „Сојуз“, проектот беше одложен, а групата подоцна беше расформирана. Лет на уште еден женски екипаж беше планиран 1985 година.
Обуката за вселенски летови во Русија ја поминаа 16 жени. Во овој момент во рускиот одред космонаути има само една жена - пробниот космонаут Ана Кикина. Меѓутоа, засега таа „леташе“ во вселената само на земја во рамките на меѓународниот експеримент SIRIUS, кој симулираше лет на Месечината и беше спроведен во Институтот за биомедицински проблеми ИБМП на Руската академија на науки во ноември 2017 година. Треба да се каже дека обуката на жени-космонаути никогаш не била помалку изискувачка од онаа која ја поминуваат нивните колеги-мажи и дека тие никогаш немале никакви олеснувања. Згора на тоа, на жените-космонаути секогаш им било потешко отколку на посилниот пол.