Министерот за одбрана на Русија генерал Сергеј Шојгу пред највисоките офицери на руската армија изјави дека поморската воена вежба „Океански штит“ е првиот значаен воен настан во современата историја на Руската Федерација кој се изведува „далеку од руските граници“, пренесува новинската агенција ТАСС.
Министерот притоа соопшти дека во рамките на оваа воена вежба ќе биде реализирана комплетна проверка на нивото на борбената обука на личниот состав при симулација на изведување на сложена воздушно-поморска битка: „Ќе поминеме низ сите елементи на современата борбена тактика и ќе го увидиме нивото на способност за содејство меѓу поморските сили и авијацијата“, изјави Шојгу. Така бродовите на Северната и Балтичката флота ќе мораат да поминат повеќе од 4500 наутички милји за да дојдат на зборното место за изведување на вежбата, додека бродовите на Касписката флотила ќе поминат преку вештачкиот Волго-Донски канал кој преку реката Дон и Црноморскиот теснец го поврзува Каспиското езеро со Црното море.
„Воздухопловната компонента на ВМФ ќе изврши концентриран прелет од северните, балтичките и кримските воени аеродроми на просторот на воздухопловната база „Хмејмим“, каде одделни групации на руските воздухопловни сили ќе прелетаат дистанца од 5000 км. Планирано е во вежбата да учествуваат стратешки суперсонични бомбардери Ту-160 „Бел лебед“, воздухопловни системи за радарско набљудување и наведување или „летечки радари“ А-50, како и воздухопловни цистерни Ил-78 од составот на Воздушно-космичките сили“, изјави рускиот министер за одбрана.
Тој нагласи дека во овој регион „ќе биде формирана меѓуфлотска групација на ВМФ која ќе биде оспособена самостојно да решава широк спектар задачи земајќи го предвид многу динамичното опкружување“. Министерот понатаму додаде дека „раководењето со оваа вежба ќе го има штабот на ВМФ од центарот за команда во кој се наоѓа во Санкт Петербургу, кому ќе му помагаат офицерите од командниот пункт кој се наоѓа во сириското пристаниште Тартус“.
Првиот човек на Министерството за одбрана соопшти дека во рамките на единиците на Северната флота е реализирана етапа на државните тестирања на современиот поморски противвоздушен систем „Полимент-Редут“ при што се лансирани повеќе од 10 ПА ракети. Тактичко-техничките можности на овој систем гарантираат ефикасна борба против современите но и перспективните средства за воздушен напад кои на море може да ги примени непријателот.
Тој исто така истакна дека неговото министерство особено е фокусирано на мониторинг на процесот кој се однесува на развојниот проект на тешката вселенска ракета „Ангара“ поради тоа што „од успешната реализација на овој проект во голема мера зависи нараснувањето на орбиталната групација на вселенските апарати за комбинирана и воена намена“.
Претходно голема воена вежба во акваторијата на Средоземното море се одржа во периодот од 1-8 септември 2018 година. Во неа беа ангажирани 26 бродови, вклучувајќи и две подморници, како и 34 воздухопловни апарати од составот на ВМФ и ВКС. Во рамките на овие маневри се извршија боеви ракетни гаѓања од бродовите и хеликоптерите и авионите кои учествуваа во таа вежба.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче