Министерството за одбрана на РФ ги утврди сите факти околу падот на Ил-20: Израел е виновен

Слободан Ѓукиќ
Израел грубо го прекрши постигнатиот договор од 2015 година кој спречуваше потенцијални инциденти меѓу воените воздухопловства на двете земји. Намерно задоцнија со најавата на својата воздушна операција и не ги прецизираа точните локации на нападот, додека нивните пилоти, со оглед на нивното искуство, се однесуваа крајно непрофесионално, поточно криминално.

 „Главната вина за соборувањето на рускиот извидувачки авион Ил-20 е кај израелските пилоти“, јасно назначи официјалниот претставник на руското Министерство за одбрана генерал-мајор Игор Конашенков, пренесува РИА „Новости“.

„Објективните податоци кажуваат дека дејствијата на израелските пилоти кои управуваа со борбените авиони F-16, при што дојде до загинување на 15 руски војници, беа непрофесионални, или пак, криминално немарни“, рече генерал Конашенков на конференцијата за новинарите.

Ил-20 е употребен како „жив штит“

Министерството за одбрана на РФ укажува дека израелските пилоти намерно го користели рускиот авион како „жив штит“ зад кој се криеле од дејствата на сириските ПА ракети. „Тие не можат а да не знаат дека рефлективната радарска површина на рускиот авион Ил-20 е значително поголема од израелските ловци F-16, што доведе до тоа токму рускиот авион да стане приоритетна цел за сириските ПА ракети“, рече рускиот генерал.

Во Министерството за одбрана на РФ нагласуваат дека израелските авиони F-16 извеле маневар за намерно приближување до рускиот авион Ил-20, што од страна на сириските ракетни единици е регистрирано како подготовка за втор бран на напади со наведувани бомби врз инфраструктурните објекти во Сирија. Тие притоа лансирале ПА ракета со голем дострел која во 22.03 ч. го погодила далеку поголемиот и поблизок воздушен објект Ил-20, отколку што тоа биле израелските авиони. „Командирот на авиоекипажот на Ил-20 преки радио-комуникацијата пренесе податок дека авионот е запален и дека рапидно ја губи својата висина“, наведуваат од Министерството за одбрана на РФ. Неколку минути по ова известување, рускиот авион исчезнува од екраните на дежурните радари.  

Намерно доведување во заблуда

Руското Министерство за одбрана ја извести јавноста дека во свој посед го имаат аудиозаписот на кој командата на ВВ на Израел ги предупредува руските колеги дека ќе изведе воздушни удари во Сирија. Меѓутоа, оваа порака буквално дошла истиот момент, практично се поклопила со моментот на почетокот на нападот, така што апсолутно не било можно да се изведат сите потребни мерки и постапки за предупредување на рускиот летечки и останат воен персонал за претстојниот напад. Со ваквиот развој на ситуацијата Тел Авив грубо го прекрши договорот со Москва постигнат пред три години, а кој се однесува на „спречување на потенцијални инциденти во воздухот“. Покрај неблаговремената информација за воздушниот напад, израелската воздухопловна команда воопшто не дала податоци за позициите на своите авиони. На ваков начин Москва е доведена во заблуда за потенцијалните мети на израелскиот воздушен удар.

 „Воздушните напади се изведени врз цели на сириската војска на северот на Сирија, во провинцијата Латакија, на нејзиниот западен дел кој се наоѓа покрај самиот брег на Средоземното море. Овој реон се наоѓа во близина на градот Латакија“, истакнува официјалниот претставник на руското Министерство за одбрана. Веднаш по добивањето на израелското предупредување, руската команда им пренесува на сите свои летала кои во тој момент се наоѓаат во сирискиот воздушен простор, вклучувајќи го и Ил-20, за приближувањето на потенцијалните воздушни удари од страна на израелското Воено воздухопловство. Меѓутоа, поради недостиг од прецизни податоци за местата на ударот, рускиот авион Ил-20 не добил потполна информација, освен да се врати во матичната база.

Русија ја предупредила командата на израелското ВВ веднаш да ги повлече своите авиони и одбила нивна помош

Министерството за одбрана на РФ понатаму изјави дека израелските ловци F-16 ја напуштиле воздушната зона во која е погоден и соборен рускиот Ил-20 откако руската страна ја известила нивната команда дека дошло до трагичен инцидент.

„Израелските авиони не го напуштаа поширокиот реон каде што се одигра овој инцидент и продолжија да вршат борбено патролирање сѐ до 22.40 ч. Во 22.49 ч. дежурниот офицер во штабот на руската група во Сирија ја извести командата на израелското ВВ веднаш да ги повлече сите свои авиони од зоната каде што исчезна рускиот авион, бидејќи кон местото на исчезнување на рускиот авион се упатија групи за потрага“, наведува руското Министерство за одбрана.

Некаде околу 22.53 ч. командата на ВВ на Израел повторно стапува во врска со рускиот штаб во Сирија каде ги известуваат руските офицери дека во поблиската и пошироката зона каде што се случил инцидентот повеќе нема израелски авиони и дека се подготвени да ја понудат целата неопходна помош во потрагата по рускиот авион.

Според руското Министерство за одбрана, рускиот авион Ил-20 падна на околу 27 км западно од местото Банијас во провинцијата Латакија. Притоа немаше преживеани.

Прочитајте повеќе: Во Сирија исчезна руски авион од типот Ил-20: Во тек е голема пребарувачко-спасувачка операција 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња