Израелската војска тврди дека во моментот на воздушен напад на објектите во Сирија рускиот авион Ил-20 не се наоѓал во зоната на операцијата на израелското Воено воздухопловство.
„Кога сириската војска испука ракети кои го погодија рускиот авион, авионите на Военото воздухопловство на Израел веќе се наоѓаа во воздушниот простор на Израел. За време на нападите на израелските авиони на цели во Латакија рускиот авион не се наоѓал во зоната на операцијата“, се наведува во соопштението на израелската војска на Твитер.
Израелската војска на овој начин ја отфрла верзијата на руското Министерство за одбрана според која израелските пилоти летале, криејќи се покрај Ил-20, „чија рефлектирачка површина е многу поголема од онаа на F-16“. Ова го соопшти официјален претставник на рускиот воен ресор генерал-мајор Игор Конашенков.
Во вторникот Министерството за одбрана на Русија го обвини Израел дека неговите авиони во реонот на сириска Латакија намерно предизвикале опасна ситуација, што довело до тоа рускиот авион Ил-20 со 15 војници да биде соборен со ракета од системот С-200 на противвоздушната одбрана на сириската владина војска.
Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху на претседателот на Русија Владимир Путин му упати сочувство во врска со загинувањето на руските војници при падот на Ил-20 во Сирија.
„Нетанјаху изрази жалење поради загинувањето на руските војници и изјави дека Сирија е одговорна за соборувањето на авионот“, соопшти канцеларијата на израелскиот премиер.
Претседателот на Русија Владимир Путин, коментирајќи го инцидентот со рускиот Ил-20 во Сирија, изјави дека веројатно станува збор за ситуација на трагични околности.
„Ние без сомнение сериозно ќе се позанимаваме со тоа, а нашиот однос кон оваа трагедија е наведен во соопштението на Министерството за одбрана на Руската Федерација кое е договорено со мене“, рече Путин, а пренесува РИА Новости.
Рускиот претседател исто така апелираше трагедијата со Ил-20 во Сирија да не се споредува со настаните со турскиот воен авион, зашто станува збор за различни ситуации.
„Тогаш турскиот авион намерно го собори нашиот авион, додека во овој случај станува збор за низа трагични случајни околности, со оглед на тоа што израелскиот авион не сакал да го собори нашиот“, рече Путин.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче