Путин го карактеризира покрстувањето на Русија како почетна точка на развојот на руската државност

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Покрстувањето на Русија имаше големо влијание врз развојот на целиот свет и беше почетна точка во настанокот на руската државност, изјави претседателот на Русија Владимир Путин.

Рускиот претседател во текот на прославата на 1030-годишнина од покрстувањето на Русија изјави дека тоа било клучна фаза и пресвртница во историјата, настан од „цивилизациски размери и духовна сила која носи препород“, како и дека споменатиот настан го „го трасираше повеќевековниот пат на Русија и влијаеше на развојот на целиот свет“, пренесува агенцијата РИА „Новости“.

Претседателот на РФ исто така истакна дека примањето на православната вера во Русија е неодвоиво од кнезот Владимир, кој ја „донесе таа решавачка одлука, (...) виде во неа морална потпора, убавина, светлоста на вистината и доблеста, темел за обнова на животот, за зацврстување на единството и заедништвото на народите кои живееја во Стара Русија“.

Лидерот на Русија нагласи дека покрстувањето било момент на „настанок и развој на руската државност, вистинско духовно раѓање на нашите предци, дефинирање на нивниот идентитет и самосвест, како и процут на националната култура и образованието, како и на развој на сестрани врски со други земји“.

Православието успеа да го постигне она „што претходно не постоело – му се обрати на човекот, на неговата совест и на неговата душа, му се обрати со вечниот повик за милосрдие, добрина и љубов“.

Путин го цитираше историчарот Лав Гумиљов кој велел дека покрстувањето им ја дало на предците на денешните Руси највозвишената слобода – слободата на избор меѓу доброто и злото.

Претседателот на Русија додаде дека народите кои ги примиле „христијанските вистини со целото срце“ достигнале „невидени височини во политиката, уметноста и книжевноста, во науките и стопанството, дека стекнале огромно искуство на единство кое нашата татковина многу пати ја спасуваше и поддржуваше во најсуровите и најдраматичните историски моменти“.

Патријархот Кирил му го честиташе именденот на шефот на руската држава и му посака од името на Руската православна црква „помошта Божја во напорите, духовната цврстина и физичката снага“.

„И, што е најважно, утеха да наоѓате не само во молитва и комуникацијата со блиските, туку и во согледувањето на плодовите на својот труд“, додаде поглаварот на Руската православна црква.

Во саботата, 28 јули, во Русија, Украина и Белорусија, како и во низа други земји, се славеше 1030-годишнината од покрстувањето на Русија и поменот на светиот кнез Владимир.

Божествена литургија служеа патријархот Московски и на цела Русија Кирил и патријархот Александриски и на цела Африка Теодор II.

Прочитајте повеќе: Зошто поголемиот дел Руси се христијани?