Десетте најубави цркви на Русија

Legion Media
Во Русија има многу интересни места кои треба да се видат. Овој пат ги издвоивме десетте најубави цркви и манастири.

Најпрвин ви ја претставуваме Соборната црква „Св. Софија“ во Новгород – една од најстарите руски цркви изградена во периодот 1045-1050 година.

Новодевичјиот манастир е подигнат 1524 година и спаѓа во најубавите архитектонски знаменитости на рускиот главен град. Се наоѓа на еден вид полуостров, бидејќи од три страни е опкружен од реката Москва. Манастирскиот комплекс опфаќа 14 згради, вклучувајќи ги конаците, административните објекти, камбанаријата и црквите.  

Новоерусалимскиот манастир го основал патријархот Никон во 1656 година, затоа што сакал во московското предградие Истра да изгради неколку светињи кои ќе го потсетуваат на светите места во Палестина. Централната црква е проектирана според позната Црква на Светиот Гроб во Ерусалим.

Троицко-Сергиевата лавра се наоѓа во Сергиевски Посад, 70 километри североисточно од Москва, а е основана 1337 година. Манастирот се смета за духовен центар на Руската православна црква. Неговото братство брои повеќе од 300 монаси.

Кишкиот „погост” е сместен на островот Кижи на езерото Онега во Република Карелија. Заведен е на листата на Светското наследство н УНЕСКО. „Погост” се оградени гробишта со парохиска црква. На островот се наоѓаат две големи цркви изградени во XVIII век и двете се првокласен пример на руската православна дрвена архитектура – изградени се без ниту една шајка.

Со манастирот ставен на листата на Светското наследство на УНЕСКО, недопрените шуми и езера, Соловецкиот рхипелаг претставува место со готово вонземна убавина. Овде веќе со векови се наоѓа манастир, а во 20-те години од минатиот век по налог на Ленин овде е основан Соловецкиот логор за специјални намени (тнр. СЛОН). Во логорот се праќани најмногу престапници и идеолошки противници на новата држава кои овде се „искупувале за своите гревови“ со тешка работа. Манастирот е повторно отворен на почетокот на деведесеттите, а на горниот кат се изложени експонати кои потсетуваат на трагичната судбина на бројните осуденици во логорите на ГУЛАГ-от.

Црквата „Покров на Пресвета Богородица“ на реката Нерла е подигната во 1165 година во близина на селото Богољубово и претставува извонреден споменик на руската архитектура. Припаѓа на комплекс градби од бел камен во Суздаљ и Владимир и се наоѓа на списокот на светското наследство на УНЕСКО.

Манастирот „Св. Борис и Глеб“ во Торжок е основан од благородникот Ефрем во 1038 година, речиси во исто време кога е подигната Киево-Печерска лавра. Од ридот околу манастирот се пружа преубав поглед на древниот руски град.

Преображенскиот манастир е најстарата градба во Јарослављ – подигнат е на темели од XIII век. Ова бил еден од омилените манастири на царот Иван Грозни, а пред 150 години е претворен во музеј. Комплекс се состои од шест цркви отворени за посетители, собрани во архитектонска целина уредена во стилот на локалната архитектура од XVIII век.

Главната атракција на островскиот град Кронштад е реставрираната Поморска црква „Св. Николај Чудотворец“. Изградена е 1913 година, а архитектот Василиј Косјаков ја проектирал во неовизантиски стил. Ова импозантно здание ја велича моќта и силата на Балтичката флота.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња