Киевска Русија, голема древна држава на источните Словени, основана кон крајот на првиот милениум по Христа, зазема голема територија на денешната Русија, Украина и Белорусија. Христијанството како државна религија во 988 година ја вовел великиот кнез Владимир. Православието го избрал токму поради блиските врски на Русија со Византиското царство. Некои историчари тврдат дека кнезот Владимир ја започнал изградбата на црквата Света Софија во Киев. Храмот го добил името по углед на главната црква во Константиниопол Аја Софија.
Уште една црква посветена во чест на Света Софија, оваа е во Новгород (на северот од Киевска Русија), е подигната за време на владеењето на синот на Владимир, великиот кнез Владимир Мудри. Двата храма на Света Софија во двата главни центри на моќната Киевска Русија биле симбол на единството на словенската држава. Достоинствените камени градби исто така биле моќна слика на новата религија која во тоа време се ширела во Русија.
Киевско-печерската лавра е еден од првите манастири во Киевска Русија. Исто така е основан за време на владеењето на Јарослав Мудри кон средината на 11 век. Се претпоставува дека најстариот источнословенски летопис „Повест за минатите години“ го напишал токму монахот Нестор од овој манаститр што уште еднаш го нагласува значењето на оваа црква како културна институција во тоа време. Нестор е подоцна прогласен за светител на Руската православна црква.
Црквата Покров на Пресвета Богородица на реката Нерљ е подигната кон средината на 12 век и се наоѓа во близина на градот Владимир кој во тоа време бил главен центар на древната руска држава, откако го презел приматот од Киев и од покраините на југ. Се смета дека оваа црква е еден од најубавите споменици на древната руска архитектура. Како што вели еден историчар на уметноста: нејзината „суптилна и просветлена хармонија ја прави слична на продуховена музика или песна која се издига кон небото“.
Со зајакнување на градот Владимир и северот на Русија во целина, Успенската црква во Владимир постепено станува главна црква на Стара Русија. Во 1299 година киевскиот митрополит ја напушта дотогашната престолнина откако била опустошена од Монголците, и го префрла своето седиште во Владимир. Во оваа црква титулата велик кнез ја добивале владимирските, а подоцна и московските кнезови.
Троица-Сергеевата лавра (50 километри од Москва) е најголемиот руски манастир и духовен центар на Руската православна црква. Играл важна улога во политичкиот живот на средновековна Русија. Основач на манастирот е Сергеј Радонешки кој станал еден од најпочитуваните руски светители и му дал благослов на Кнезот Дмитриј кога тој тргнал во борба против Монголците кои во текот на два века ја окупирале Русија.
Успенската црква во московскиот Кремљ ја изградил реномираниот италијански архитект Аристотел Фјораванте кон крајот на 15 век, откако Русија се ослободила од последните остатоци на монголската власт. Успенската црква била главна црква во Русија сѐ до Октомвриската револуција во 1917 година. Започнувајќи од средината на 16 век, во неа се крунисани сите руски владетели.
Храмот на Христос Спасителот е највисоката православна градба на светот. Денешниот храм е подигнат пред само две децении. Првобитно црквата е подигната во 19 век и е урната на почетокот на триесеттите години на 20 век за време на Сталиновата реконструкција на Москва. По распадот на Советскиот Сојуз претседателот Борис Елцин реши да ја обнови црквата и покрај очајната ситуација со јавните финансии.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче