Што кажа Путин за финалето на Светското првенство во фудбал?

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Рускиот претседател Владимир Путин ги изнесе впечатоците кои му ги оставило финалето на Светскиот шампионат во фудбал.

Запрашан дали од Кремљ слушнал што се случуваше на Црвениот плоштад, Путин одговори потврдно, напоменувајќи дека од прозорците на Кремљ видел нешто, но не одблизу и дека не можел да се запознае со сѐ што се случуваше. Тој додаде дека е „во секој случај, во тек со сите настани“, се вели на сајтот на Кремљ.

Финалниот натпревар тој го опиша како преубав, истакнувајќи дека резултат 4:2 во финале „едвај се памети“ и дека верува дека љубителите на фудбалот ширум светот не ги штеделе дланките во текот на целиот натпревар.

Рускиот претседател нема сомнежи дека отворениот, офанзивен фудбал што го прикажаа репрезентациите на Франција и Хрватска, како што рече, им се допадна на сите. Смета дека конечниот резултат е праведен и дека „еден гол беше интересен“.

„И макар што и хрватската селекција исто така практикуваше отворен фудбал и ризикуваше, некаде пропушти нешто“, истакна Путин. „Тоа се случува“, коментираше рускиот претседател, додавајќи дека Французите, во суштина, „покажаа голема умешност“.

Путин исто така рече дека му се чини дека претседателката на Хрватска која изминатите настани ги прими на срце, дури и заплакала.

„Сепак, генерално, сите се среќни и задоволни. И за хрватската селекција која покажа добра и квалитетна игра ова е голем успех, второ место на шампионатот на светот“, рече Путин.

На прашањето за кого навиваше, рускиот претседател одговори дека „едноставно уживав во фудбалскиот спектакл“. Тој уште и рече дека планира да се сретне со репрезентацијата. Сумирајќи ги резултатите од шампионатот кој во периодот од 14 јуни до 15 јули се одржа во 11 руски градови, тој оцени дека земјата може да биде горда и дека организацијата била исклучително успешна во сите сегменти.

Прочитајте повеќе: Инфантино објасни зошто Мундијалот во Русија е најдобриот во историјата