Пештера со мамут ја запре изградбата на новиот автопат „Таврида” на Крим

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Во текот на изградбата на автопатот „Таврида” е откриена голема варовничка пештера во која се пронајдени остатоци од мамут.

Пронајдената пештера е најголемата на Крим.

„Работите на оваа делница привремено се запрени додека не се завршат испитувањата, затоа што, според мислењето на стручњаците, можеби постои опасност од рушење на патот. Врз основа на резултатите од испитувањето ќе донесеме одлука што да правиме понатаму. Постојат повеќе можности“, напиша претседателот на Крим Сергеј Аксјонов на „Фејсбук“.

Тој соопшти дека наложил да се формира комисија од стручњаци од Руското географско друштво, Рускиот сојуз на спелеолози, министерствата за сообраќај, екологија и природни ресурси, Федералната служба за еколошка, технолошка и нуклеарна инспекција, Кримскиот федерален универзитет и компанијата ВАД која го гради автопатот.

Спелеолозите пронајдоа во пештерата прсти на мамут и заби на младенче на мамут или на предокот на мамутот – мастодонтот. Нивната старост е околу 75-100 илјади години. „Освен тоа, пронајден е голем број на шупливи коски кои се преполовени по должина. Според хипотезата, тоа го направил човек“, рече претседателот на Рускиот сојуз на спелеолози Генадиј Самохин за радиото „Спутник на Крим”.

Тој исто така истакна дека се работи за најголемата пештера на Крим. Долга е 1015 метри. Претходно се сметаше дека најголемата пештера на полуостровот е Таврската во Бахчисарајскиот реон, долга 500 метри.

Пештерата, смета Самохин, настанала по долготрајното дејство на артешки подземни води. Сега нема вода, а висината на галериите е од 6 до 12 метри, додека ширината е 4-5 метри.

Се разгледува можноста за спасување на пештерата од рушење и продолжување на изградбата.

Прочитајте повеќе за Кунгурската пештера – магично царство во утробата на Урал