Во древните пештери на Сибир пронајдени природни антибиотици

Alamy/Legion Media
Сибирските биолози во древните пештери пронајдоа нови природни антибиотици кои, според научниците, можат да се борат против бактерии кои се резистентни на постојните лекови.

Во Сибир, во пештерата Бољшаја Орешнаја оддалечена 130 километри од Краснојарск, биолозите пронајдоа досега непозната супстанца. Сè уште не е јасно дали светло сивата наслага е производ на животна активност на микроорганизми или е посебен облик тенок варовнички слој.

Научниците го нарекоа овој пронајдок „Месечево млеко“. Тоа има необични својства. Доколку парче се згмечи во рацете, тоа станува меко како пластелин. Но, најважно е тоа што оваа нејасна структура содржи група бактерии кои синтетизираат антибиотици. Излезе дека 100 од вкупно 120 досега издвоени соединенија ѝ се непознати на науката.

До ова откритие дојдоа научниците од Научноистражувачкиот институт за биологија на Иркутскиот државен универзитет. Деталите од својот пронајдок тие ги соопштија пред заминувањето во нова експедиција.

Сè започна од раковите

Сибирските научници бараат природни антибиотици уште од 2013 година. „Започнавме од длабоководните бајкалски ракови зашто сметавме дека бактериите придонесуваат за нивната отпорност во борбата со патогените микроорганизми и паразити“, вели Денис Аксјонов-Грибанов, постар научен соработник на институтот. „Потоа започнавме да проучуваме различни екстремни места каде живеат бактерии – оддалечени делови на пештери, организми од наједноставните подземни безрбетници и други суштества кои еволуирале во текот на милиони години во услови на целосна или на делумна изолација, па поради тоа не доаѓале во допир со средината врз која влијаел човекот’.

Во пештерата Бољшаја Орешнаја долга 58 километри научниците се заинтересирале за израстоците на ѕидовите. Провериле дали таа супстанца содржи бактерии и изолирале неколку активни чисти култури. „Претчувството не нè изневери!“, вели Аксјонов-Грибанов. „Потоа зедовме примероци од Месечевото млеко и во други пештери... Сега имаме колекција од чисти култури од пет пештери, и сите тие се уникатни.

Пештерите се недопрени оази на нашата планета

Како се случило пештерите во Сибир да изобилуваат со перспективни бактерии? „Работата е во тоа што тие се недопрени оази на нашата планета“, вели професорот Максим Тимофеев, директор на Институтот за биологија на Иркутскиот државен универзитет. „Тие можат да се споредат со џиновски конзерви во кои во текот на милион години била пакувана информација за геолошките процеси на Земјата, вклучувајќи и податоци за климата, за одамна изумрените животни и билки“.

На пример пештерите во Тажеранската степа се формирале во добата кога древното езеро Бајкал настанувало, односно пред повеќе од 24-30 милиони години. Како што истакнува Тимофеев, пештерите се место каде живеат уникатни организми, кои се прилагодиле на живот во целосна изолација од надворешниот свет, без светлина и често на ниски температури. Сибирските пештери се доста ладни. Температурата во нив изнесува само од 2 до 4 Целзиусови степени.

„Од година в година е сè потешко да се пронајдат зони во природата во кои не се чувствува влијанието на човекот врз природата. Во оваа смисла пештерите и понатаму претставуваат огромни подземни научноистражувачки полигони. Она што тие го кријат е недостапно за неупатените, зашто за да се дојде до нив потребна е специјална опрема и обука. Овие пештери се премногу опасни за туристите“, објаснува Тимофеев.

Долг пат од бактерија до лек

Според научниците, соединенијата што ги имаат издвоено од Месечевото млеко активно дејствуваат против бактерии и габички, на пример против габичките што предизвикуваат кандида. „Исто така е мошне важно што тие ја уништуваат активноста на ешерихија коли, а таа е резистентна на познатите и широко распространети антибиотици канамицин и ампицилин“, вели Аксјонов-Грибанов. „Притоа новото соединение не го уништува растот на неутралните и на полезните габички, што ги зголемува шансите за успешно спроведување на претклиничките (експериментални) и на клиничките испитувања, зашто соединението кое го уништува развојот на сè, сигурно ќе биде токсичен за човекот“.

Според рускиот научник, долг е патот од првите научни резултати до патентиран препарат – овој процес трае околу 10-12 години. „Во производството на лекови постојат строги правила. Испитувањето на нов лек отпочеток чини повеќе милиони долари“, истакнува Тимофеев.

Текстот е основан на материјали од списанието „Огоњок“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.