Кунгурската пештера – магично царство во утробата на Урал

Кунгурската пештера е составена од вкупно 48 галерии. Секоја од нив има своја приказна и уникатен назив. Пештерата годишно ја посетуваат околу 90.000 лица. Извор: Getty Images.

Кунгурската пештера е составена од вкупно 48 галерии. Секоја од нив има своја приказна и уникатен назив. Пештерата годишно ја посетуваат околу 90.000 лица. Извор: Getty Images.

Кунгурската пештера е чудо на рускиот Урал и често се вбројува меѓу највеличествените подземни творби на природата во светот. Кога од надворешниот свет ќе зароните во студенилото на утробата на Урал, една од најстарите планини на светот, ве очекуваат мистични слоеви исконски мраз, камени тантели и „подземни метеори“, езера и воздух за кои велат дека се лековити.

Поради убавината на своите подземни галерии и пристапноста оваа пештера стана најпосетувана знаменитост на Урал. Долга е 5.6 километри, од кои 1.5 километри се уредени за туристички посети. Организираните тури на Кунгурската пештера почнале пред повеќе од сто години. Од сведочењето на првите истражувачи дознаваме дека за да дојдат до нејзините галерии, морале неколку часа да поминат пробивајќи го патот низ мраз кој ги затворил премините. Низ подземните канали и галерии се движеле со помош на светлина од факел, меѓусебно поврзани со јаже, искачувајќи се преку еден куп камења и бркајќи ги лилјаците, исконски жители на оваа пештера.

По патот на првите истражувачи

Туристите денес во пештерата влегуваат низ вештачки изграден тунел. Колку што тунелот продира подлабоко во планината, станува сè поладно. Ако на ова место дојдете налето, ќе можете многу подобро да го почувствувате овој контраст. Надвор е жешко, на сонцето блескаат белите карпи од вар, воздухот е исполнет со мирис на полска трева. Но, штом се отвори тешката порта на влезот во подземјето, чувствувате како до вас допира студенилото од утробата на Урал.

Извор: Getty Images.

Едно од најубавите места во пештерата се наоѓа во близина на влезот. Тоа се две галерии „Брилијантска“ и „Поларна“. Во нив се гледа како низ повеќегодишните слоеви мраз се прекршува светлината на рефлекторот. Сликата потсетува на замрзнат водопад. Сводовите се прекриени со величествен накит од мраз. Тоа се необични гроздови, кои понекогаш се кршат под сопствената тежина, додека од тлото се издигаат столбовите мраз, сталагмити.

Чудо на природата

Кунгурската пештера се состои од вкупно 48 галерии. Секоја од нив има своја приказна и уникатно име. На пример, галериите „Корална“ и „Морско дно“ се украсени со камена тантела, која водата ја има обликувано во текот на 12 илјади години. А, во „Метеорската“ галерија ќе ви се причини дека пред себе гледате огромни метеори, потонати во подземјето. Се смета дека пештерата под ледената планина е една од најдобро проучените во Русија. Во неа се направени патеки, сводовите се зацврстени, спроведена е електрична енергија и поставени се рефлектори.

Извор: Getty Images.

Но, без оглед на тоа, оваа пештера и понатаму знае да ги изненадува истражувачите. Така, минатата година научниците од Рударско-геолошкиот институт при РАН тука открија нов минерал, кој за првпат е пронајден во Русија. А, една група спелеолози, истражувајќи ја заштитената зона Кунгурската пештера, открила претходно непозната подземна галерија, исполнета со вода.

Преубавите подземни езера, кои во пештерата ги има точно седумдесет, оставаат длабок впечаток на посетителите. За нив исто така постојат посебни приказни. На пример, во „Титанската“ галерија може да се види Големото подземно езеро во кое, како во огледало, се гледаат сводовите на пештерата, кои потсетуваат на потонат град.

Митови за подземјето

Како да се стаса до Кунгурската пештера

До уралското чудо на природата можете да стасате во сопствен аранжман, патувајќи со воз до станицата во градот Кунгуру или по автопатот Екатеринбург-Перм. Од Перм има автобуси кои возат организирани тури кои одат до самиот влез на туристичкиот комплекс со назив “Ледена планина“. Патувањето од Перм до Кунгуру трае половина час. Налето задолжително со себе земете топла облека, зашто температурата во пештерата е значително пониска одошто на површината. Но, најдобро е пештерата да се посети во февруари или во март, зашто токму во тој период сталактитите и сталагмитите од мраз, кои ги красат сводовите на пештерата, ја достигнуваат својата максимална величина и раскош.

За да стасате до „Централната“ галерија, морате да се искачите по лизгави скали од вар, кои се нарекуваат „Солзите на дамата“. Името го имаат добиени кога во 1914 година пештерата ја посетила германската принцеза Викторија фон Батенберг со својата ќерка Луиза. Девојката на ова место се лизнала, паднала и почнала да плаче. Оттогаш постои легенда сека онаа девојка која ќе падне на овие скали и ќе го удри коленото, ќе го пронајде својот принц. Според друга легенда, токму на Ледената планина зимите со својот полк ги поминувал козачкиот атаман Ермак, а во пештерата го криел своето богатство. Местото на кое наводно престојувала неговата војска се нарекува „Ермаков град“. Но, не постојат докази кои би ја потврдиле оваа легенда.

Но, во пештерата постојат и проверени приказни. Така, во 1974 година поради одрон кој го затрупал излезот, група студенти била принудена во неа да ја пречека Новата година. Кога сфатиле дека нема да успеат брзо да се извлечат, студентите од материјалите што им биле на располагање направиле лампиони и еден сталагмит го накитиле како елка. На празничната трпеза се нашла содржината од ланч-пакетите – кекс и риба од конзерва. За да избегнат смрзнување, момчињата и девојките половина ноќ танцувале, пееле и рецитирале стихови. Пештерата ја напуштиле кога се разденило.

Лековит воздух

Новогодишната елка која вработените во комплексот Кунгурска ледена пештера секоја година ја спуштаат под земја, може да помине на ова место повеќе од година и пол, а да не се исуши.

Каде да се сместите

Во подножјето на Ледената планина, каде се наоѓа Кунгурската пештера, постои туристички комплекс наречен „Сталагмит“, во кој можете да се одморите од патот, да се пријавите за екскурзија низ градот или за пловење со сплав по реката Силва.

Научниците тврдат: слојот карпи дебел 80 метри го прочистува воздухот, кој во галериите минува низ ситни пукнатини, како најдобар филтер. Поради тоа во пештерата има лековити својства. Тој има посебен состав, идеално е чист, во него нема микроби, ниту, пак, прав. Тука организмот, кој во текот на животот во себе таложи алергени, се одмора. Освен тоа, воздухот во пештерата содржи поголемо количество негативно наелектризирани јони и јаглерод диоксид, кои на организмот делуваат подмладувачки. Позитивно влијание чувствуваат дури и обичните туристи, кои во пештерата ќе поминат час и половина.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња