Напаѓачот на репрезентацијата на Русија Артјом Ѕјуба оцени дека мечот против Шпанија на Светското првенство во фудбал претставува за рускиот тим „натпревар на животот“.
„Можеби за Шпанците тоа е обична средба, меѓутоа, за нас е натпревар на животот. Мораме да загинеме на теренот, да се дадеме 200-300 отсто, и само тогаш ќе имаме шанса. Во овој момент сите наши мисли се насочени кон тоа како да ја покажеме најдобрата можна игра“, рече Ѕјуба.
Како што истакна тој, за целата репрезентација на Русија претстојниот меч ќе биде клучен во кариерата.
„Свесни сме дека ништо слично никогаш нема да ни се случи. Ова е шампионат на домашен терен на кој првпат по 32 години се пласиравме во нокаут фазата. Затоа сега сакаме да направиме мало чудо“, рече Ѕјуба.
Напаѓачот на руската репрезентација верува дека Шпанците во осминафиналето ќе играат пофокусирано отколку во групната фаза. „Тие и понатаму спаѓаат во фаворитите на СП, без оглед на проблемите во групната фаза. Мислам дека репрезентацијата на Шпанија ќе игра многу поагресивно и поконцентрирано. Ние мораме да се вооружиме со трпение и да го сочекаме својот момент“, рече тој.
Играчот за врска на репрезентацијата на Шпанија Иско претходно предупреди дека рускиот тим ќе биде опасен ривал во плеј-офот на Мундијалот и дека е во состојба да игра добар фудбал.