Стадион: „Крестовски“, гледачи 64468
Во првото полувреме селекцијата на Русија тргна агресивно и тоа од самиот почеток на натпреварот. Првите половина час првенствено се играше на половината на репрезентацијата на Египет. На египетската одбрана големи проблеми ѝ задаваа руските крилни играчи, особено Денис Черишев и Александар Семедов, кои со индивидуални продори се обидуваа да дојдат до позиција за шут или проигрување на корпулентниот центарфор Ѕјуба, кој непрестајно се „бореше“ со египетските централни бекови Хегази и Али Габер.
Во тој период Русите петпати се обидоа да го загрозат голот на Мухамед Ел-Шенави кој во претходниот меч со Уругвај брилираше, но тие обиди останаа без успех. Овие шутови главно одеа надвор од рамките на голот, така што немаше потреба од интервенција на голманот.
На египетската репрезентација ѝ требаа половина час да се навикне на навистина високото темпо што го наметнаа руските репрезентативци. Дури од 30 минута тие почнаа малку поорганизирано да комбинираат на средината на теренот, каде главно од грешките на руските одбранбени играчи успеаја да создадат неколку потенцијално опасни ситуации преко Махмуд Трезеге и синоќа индиспонираниот Мухамед Салах.
На одмор се замина со нерешен резултат - 0:0.
А тогаш почна второто полувреме во кое Русите со помош на 65000 грла тргнаа во тотална офанзива кон голот на Мухамед Ел-Шенави со намера брзо да постигнат гол. Не поминаа ни 2 минути кога успеаја во тоа. Поточно, десниот бек на Египет Ахмед Фатхи невешто интервенираше пред Ѕјуба, при што ја смени патеката на топката, постигнувајќи си автогол.
Уследи ерупција од воодушевување, вистински делириум на стадионот „Крестовски“ во фудбалската престолнина на Русија – Санкт Петербург.
Веднаш по постигнатиот гол руската селекција продолжи во истиот ритам. Рускиот селектор Станислав Черчешов покрај аут-линијата непрекинато им гестикулираше на своите играчи да тргнат напред и да го дотолчат противникот. Не поминаа ни 10 минути, а Мухамед Ел-Шенави повторно беше присилен да ја вади топката од својата мрежа. По продорот на одличниот десен бек Марио Фернандес, тој успеа да ја сврти топката во срцето на казнениот простор од каде на агилниот Денис Черишев не му беше тешко да ја погоди мрежата. Гол за 2:0....
И кога се очекуваше дека Русија по ова водство ќе го намали темпото и ќе се обиде рутински да го приведе натпреварот до крајот, уследи уште еден гол. Рускиот центарфор Артем Ѕјуба мајсторски ја прими топката на работ на шеснаесетникот и се устреми кон противничкиот гол и од 6-7 метри го совлада немоќниот Ел Шенави.
До крајот на натпреварот играчите на репрезентацијата на Египет се обидуваа да го ублажат овој резултат. Тоа некако и им појде од рака, по проблематичниот фаул над Мохамед Салах кој Парагваецот Вилафане го окарактеризира како пенал. Истиот играч успешно го изведе казнениот удар и го постави резултатот за конечните 3:1. По овој натпревар Русија убедливо го зазеде првото место во својата група со две победи супериорна гол разлика од 8:1.