Разбивање митови: Не, Русите не наздравуваат со зборовите „На здаровје!“

Начин на живеење
СВЕТОСЛАВА ЦВЕТКОВА
Во свеста на многу странци од некаква причина вкоренето е мислењето дека „На здаровје!“ (На здравје) е најчестата руска здравица. Но, тешко дека во Русија ќе слушнете и ќе видите некој што така наздравува, а за она што Русите навистина го велат во здравиците можете да прочитате во нашава статија.

Руската душа е мистериозна и недопирлива. Многумина странци се обиделе да сфатат во што е нејзината тајна, но ретко кому му пошло од рака тоа. Општо земено, таа е често спој на нешто што не може да се спои. На пример, Русите однадвор изгледаат мошне строго, а всушност поголемиот дел се мошне добродушни и широкогради. Можете да бидете сигурни во едно: Русите обожаваат седенки! Но, од некаква причина надвор од Русија е врежано мислењето дека „На здаровје!“ е главната руска здравица.

Во целиот свет е познато дека Русите имаат посебен однос кон алкохолот. Културата не неговото консумирање во Русија е прилично богата, така што во рускиот јазик постојат мноштво разни здравици кои се изговараат на гозбите.

Русите се во голема мера суеверни. Дури и во современото општество ова суеверие е присутно, и тоа со елементи на цел еден обред. Поради тоа што Русите не можат да одбијат да се напијат за толку важна работа како здравјето. Разликата е во тоа што ние, Русите, пиеме „За здоровје“ (за здравје), односно „Сите да бидат живи и здрави“ или едноставно да кажеме: „Будем (живи/здорови)!“ (да бидеме живи/здрави), „Ваше здоровје!“ (за ваше здравје“, итн. Изразот „на здоровје“ не може да се примени во здравица. Тој се користи во сосема поинаков контекст – кога посакуваме здравје на оној што ни се заблагодарува за нешто: „Спасибо!“ –„На здоровје!“ („Благодарам!“ –„Да си жив!“), или кога изразуваме топли чувства кон човек кому нешто му нудиме: „Кушајте на здоровје!“ („Јадете, на здравје нека ви е“).

Многу руски здравици се сентиментални. Обично се пие „За родителите!“, „За оние кои повеќе не се меѓу нас!“, „За присутните/драгите дами!“ (мажите во Русија се доста романтични), „За домаќинката!“ – така гостите се заблагодаруваат на домаќинката за гостопримството и за трпезата (доколку во Русија ве викнале само „на чај“, бидете сигурни дека тешко ќе станете од маса).

Меѓу најчестите руски здравици се оние кои се однесуваат на целиот народ или дури на целото човештво: „За мир во сиот свет!“, „За мирно небо над нашите глави!“ (Русите имаат големи сеќавања за Големата татковинска војна и цената што нивната земја ја платила за мирот), „За љубовта!“, „За пријателството!“, итн.

Доколку не постои особен повод за славење, тогаш седенката може да започне со изразот „Поехали!“ („Одиме!“). Ова го рекол Јуриј Гагарин непосредно пред полетувањето во космосот.

Освен тоа, кај Русите се смета дека не е добро кога некој пие сам, зашто тоа го прават алкохоличарите. Затоа задолжително треба да се најде друштво (таков компањон на руски се нарекува „собутиљник“ од зборот „бутилка“ односно шише, но овој израз се однесува на луѓе со кои консумирањето алкохол е единствената допирна точка, или се користи во иронична смисла). Доколку тoа ви тргнало од рака, тогаш е крајно пожелно да се испие со новиот компањон „За познанството!“.

Посебна категорија ја сочинуваат здравиците карактеристични за луѓе со иста професија: војници, лекар, градежници, морнари итн.: „За ВДВ!“, односно за десантните падобрански трупи (Воздушно-десантные войска) чии припадници се познати по бурното празнување на денот на своите сили, 2 август, и традицијата на капење во градските фонтани. Или, да кажеме, „За сите што се на море!“ итн.

Постои посебна здравица за свадба. Гостинот ја крева чашата за невестата и за младоженецот со повик „Горко!“. На тие зборови младенците треба да се бакнат и тој бакнеж да трае што подолго за заедничкиот живот да им биде долг. Суеверната руска свест смета дека на младиот брачен пар заедничкиот живот ќе им биде посладок ако свадбата им биде горка.

На веселбите како што се свадбите или некоја годишнина вообичаено е да се кажуваат долги здравици. Оваа традиција дошла во Русија од Кавказ, каде здравицата личи на беседа, а се изговара како да е уметничко дело.

Посебни здравици постојат за крајот на седенката, кога гостите се подготвуваат да заминат. Тоа се нарекува „випит на посошок“ (во слободен превод: да се испие пред земање на стапот и пред тргнување кон дома). Овие „последни“ чашки можат да бидат неколку. На пример „На ход ноги“ (кога се станува од маса), „Стрјоменаја“ (кога ногата веќе ќе се стави во узенгија), итн.

Неискусниот странец лесно може да стане жртва на овие руски обичаи и здравици, кога најпрво ќе се каже „Между первој и второј переривчик небољшој! Светит месјац под горој не пора ли по второј?“ („Помеѓу првата и втората паузата е мала! Месечината сјае над ридот, не е ли време да ја испиеме втората чаша?“), потоа ќе се најде причина да се испие уште една, и тоа „до дно“ со човекот во чија чест е изговорена здравицата, потоа уште и уште, со зборовите „если ти мења уважаеш“ („ако ме почитуваш“), и така по ред за секој што изговара здравица (на руски „тостујушчиј“) и кому му е посветена здравицата („тостуемиј“). Значи, бидете внимателни!

На Интернет може да се најдат мноштво страници со огромен број здравици за секоја животна пригода (дури и во стихови).

Во суштина, Русинот секогаш ќе најде причина да се напие. „Не постои причина да не се напиеме“, велат Русите. Оваа ситуација добро ја илустрира еден стар виц.

Паднала ноќ, а целото село спие. Среде дворот стои маса, на масата четири шишиња домашна вотка: три празни и едно полупразно. На масата седат четворица, се муртат и со сета сила се обидуваат да се сетат на нешто. На крајот беспомошно воздивнуваат. Одеднаш од соседниот двор залајало куче. Еден од четворицата скокнал, ја кренал чашата и радосно викнал: „Е, па, за Шарко!“.