„Вотката е масло за подмачкување кое ја намалува тензијата помеѓу Русите и стварноста кој ги опкружува“, вели еден од современите руски писатели Дмитриј Биков. „Без вотка ранливата руска душа и суровата реалност меѓусебно би се триеле, но алкохолот им помага на Русите да се борат со светот“.
Биков, секако, се пошегувал. Вековниот стереотип не одговара на вистината зашто не секој Русин сака вотка. Можеби е тешко да се поверува, но постојат Руси кои дури и го мразат ова „масло за подмачкување“. Лев Толстој во 19 век остро ги критикувал луѓето кои пиеле. „Тешко е да се замисли колку би било среќно општеството кога луѓето би престанале да се трујат со вотка, со вино и со тутун“, рекол тој во една пригода.
Марина Миронова
Сепак, вотката секогаш се поврзува со цела Русија, таа е неделив дел од таканаречениот „Европски појас на вотката“ каде овој пијалак со времето станал најпопуларниот алкохолен пијалак, кој ги засенил виното и пивото. Но, тоа не било секогаш така.
Русите ни самите со сигурност не знаат да кажат како вотката продрела во Русија, ниту кога станала толку популарна. Постои мит дека Дмитриј Менделеев, творецот на периодичниот систем на елементи, прв ја направил стандардната вотка со 40% алкохол и дека тоа било во 1894 година, така што тој подоцна се смета за татко на овој пијалак, но тоа не е вистина. Русите пиеле вотка многу пред Менделеев.
Според мислењето на историчарот Александар Пиџаков, алкохолот го „маринирал“ црниот дроб на жителите на царска Русија уште во 15 и 16 век. Тој вели дека Русите биле инспирирани од Европа во која италијанските научници експериментирале со „жива вода“, правејќи алкохол со дестилација од ферментирано комине. „Живата вода“ е мошне јака, речиси чист алкохол. Русите ја користеле за создавање на првокласно „лебно вино“. Според тоа сè започнало во 16 век. Овој ран вид вотка Русите ја извезувале дури и во странство.
Вотката била евтин производ така што од неа можело лесно да се заработи. Во 18 век руските власти не сакале секој да го прави овој пијалак, така што царицата Елисавета издала указ со кој само на благородниците им се дозволува да прават и да продаваат вотка. Со тоа квалитетот на вотката се подобрил, зашто благородниците можеле да си дозволат да применат метод и користење компоненти со кои вотката се чистела, меѓу другото и од протеини од животинско потекло. Биле додавани и разни ароми, така што секој производител правел вотка со посебен вкус.
Но, аристократите долго не уживале во оваа привилегија. Во 19 век илегално се произведувала лоша вотка од компири. Поради тоа заинтересираните руски императори вовеле монопол на државата за производство на вотка, така што само на властите им било дозволено да произведуваат алкохол, а алкохолот со јачина од 40% бил усвоен како стандард.
Владата долго време го држела монополот за производство и продажба на вотка, и во царскиот период, а и по него за време на комунистите. Пред почетокот на Првата светска војна во 1914 година овој монопол бил голем извор на пари во сопственост на руската држава и носел 32% од вкупните државни приходи.
Вотка / Legion Media
Државното производство на вотка било запрено поради конфликтот, но советските власти во 1924 година го обновиле овој процес зашто на Советскиот Сојуз му биле крајно неопходни пари. „Социјализмот не може да се гради во бели ракавици“, рекол Јосиф Сталин, а тоа значи дека болшевиците и покрај силното противење на пијанството сепак морале да го продаваат овој пијалак.
Државата со челична рака го држела ова производство сè до распадот на Советскиот Сојуз. Во текот на деведесеттите години од минатиот век приватниот сектор ја искористил можноста за производство на вотка и ја користи и до денешен ден. Сепак, некои политичари од време на време се обидуваат да ги убедат властите повторно да стават контрола на производството на алкохол во согласност со борбата против алкохолните пијалаци со лош квалитет и со алкохолот воопшто.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче