Вотката и нејзините тајни

Вотката се пие добро изладена – се лади во замрзнувач најмалку еден час. Идеално изладената вотка станува густа, речиси како глицерин. Извор: Lori / LegionMedia.

Вотката се пие добро изладена – се лади во замрзнувач најмалку еден час. Идеално изладената вотка станува густа, речиси како глицерин. Извор: Lori / LegionMedia.

Вотката е најпопуларен дел на руската традиционална трпеза, позната во сиот свет. Жителите на Русија се страсни љубители на вотка, но и нејзини страсни противници. „Руска реч на македонски“ ви дава совети како да изберете вистинска вотка и како и со што да ја пиете.

За корисните и за штетните својства на вотката во руската литература е напишано на илјадници страници. Ќе се обидеме да откриеме во што е всушност тајната на оваа проѕирна течност со карактеристичен мирис и со малку „огнен“ вкус и јачина од 40 степени.

Најнапред неколку збора за тоа што е „вистинска“ вотка. За вистинска се смета онаа што е произведена од ‘ржан или од пченичен алкохол со висока чистина (96-98 степени, за разлика од вискито, кое се прави од многу послаб алкохол), разредена со изворска вода во однос 40:60 и тоа исклучиво според масата, а не според зафатнината.

РЕЦЕПТ: „Хреновуха“

 

„Хреновуха“ е една од најпопуларните видови ароматична вотка во руските ресторани, а едноставно се приготвува и дома. На едно шише квалитетна вотка треба да се додадат два корена рен, половина лимон и една супена лажица светложолт незашеќерен мед, со што се постигнува карактеристичниот „мек“ вкус. Ренот треба да се исече на тенки резанки и заедно со медот и со сокот од лимон да се додаде во вотката. Треба да престои на топло место неколку дена, пота да се процеди, да се излади и... понатаму знаете и самите. Вака добиената вотка е одличен аперитив, а исто така е и добра како дигестив.

Стручњаците се сложуваат дека вистинската вотка се произведува само во Источна Европа – во Русија, во Белорусија, во Украина и во Полска. Некои познавачи во овој список ја ставаат и Финска, но мислењата во овој поглед се различни. Вистинските љубители сметаат дека сите останати вотки, колку и да се скапи, и без разлика според која технологија се произведени, го немаат оној карактеристичен вкус на „вистинска“ вотка. Љубителите на вотката Греј Гус или на Апсолут треба да го имаат тоа предвид.

Но, никој сè уште не успеал да утврди зошто токму во Источна Европа се произведува „вистинска“ вотка. Едни како причина го наведуваат вкусот на житарките што се користат во производството, други исклучителните карактеристики на водата, но за тоа не постои единствено мислење.

Всушност, фактот дека вотката е оригинален руски пијалак доби и своја правна потврда. Полските производители во 20 век се обидоа да ја регистрираат „вотката“ како свој бренд, тврдејќи дека таа за првпат се појавила на територијата на денешна Полска. Но, рускиот гастроном и историчар Вилјам Похљопкин врз основа на историски документи докажа дека Русија има право на првенство, а меѓународниот суд тоа и го потврди.

Похљопкин заслужува за него да се напише одделна статија. Овој научник има пишувано трудови од историјата на Скандинавија и со тоа се стекна углед во научните кругови, но стана познат благодарение на книгите што ги напиша за кулинарството, меѓу кои е и книгата „Историја на вотката“. Неговите трудови од областа на гастрономијата се заслужно за своевидната „ренесанса“ на руското кулинарство. За жал, Похљопкин животот го заврши на застрашувачки начин. Пронајден е убиен во својот стан со 11 рани, што му биле нанесени со некаков вид исклучително голем шприц. Изгледа дека оружјето со кое е извршено злосторството било наполнето со вотка, зашто во мускулите на Похљопкин беше пронајдена висока концентрација алкохол, а познато е дека тој консумирал алкохол во умерени количества. Убиецот до денес не е пронајден.

Вилјам Похљопкин заслужил за негова душа да испиеме по една чашка „горка“, како што Русите нагалено ја нарекуваат вотката. Но, тоа треба да се стори согласно сите правила.

Пред сè, не се става мраз! Вотката се пие добро изладена. Се лади во замрзнувач најмалку еден час. Идеално изладената вотка станува густа речиси како глицерин. Се пие од посебни чапки од 50 или од 70 милилитри, кои, исто така, се претходно изладени. Во левата рака ја земаме виљушката, боцнуваме парче традиционално мезе: маринирана печурка, солена или кисела краставица, а во десната ја земаме чашата со изладената вотка. Вотката задолжително ја пиеме „на екс“, а веднаш по неа доаѓа мезето. Вотката ќе ни го олути јазикот и ќе го ни го зажежи хранопроводот, но затоа животот повеќе нема да биде горчлив. Тоа е и причината зошто вотката стана ритуален пијалак кој задолжително се служи на дачите (руска дрвена викендичка – заб. прев.) До душа, се служи и на свадби...

„Масоните го дошепнуваат рецептот за вотка на Менделеев за да се уништи рускиот народ“. Шеговитата верзија на приказната вели дека Менделеев го смислил рецептот за вотка во бунило, по четири дена и ноќи непрекината работа над Периодичниот систем. Карикатура: Васја Лошкин.

 

Менделеев и вотката

 

Кон крајот на 19 век прочуениот руски хемичар и творецот на Периодичниот систем на елементи, Дмитриј Менделеев, го формулирал стандардот според кој уделот на алкохол во вотката произведена во Русија мора да биде токму 40%.

Да ги оставиме настрана драматичните детали за употребата на вотката и да се вратиме на кулинарството. Во секој престижен ресторан на традиционална руска кујна освен таканаречената „бела вотка“, односни чиста вотка без додатоци, на менито меѓу лутите пијалаци задолжително се наоѓаат и „горчливата“ и „слатката“ ароматична вотка. „Горчливата“ се прави без додаток на шеќер, на тој начин што се додаваат различни ароматични додатоци, а потоа вотката се остава да престои извесно време. Најчесто на половина литар вотка се додава кора од еден лимон и тоа се остава да престои на топло место околу три недели, по што добро се лади. „Слатката“ се добива со додавање свежи бобинки или друго овошје, како и шеќер или мед. Овошјето треба да заземе две третини од садот, а шеќерот и медот се додаваат според вкус. Пијалакот треба да престои два и пол месеци на топло место, а потоа треба да се процеди. Слатката вотка не треба да се лади интензивно како „белата“ или „горчливата“.

И на крајот, неколку совети како да изберете добра вотка во Русија. Правило број еден: најквалитетната вотка не е секогаш и најскапа. Ако за шише вотка платите повеќе од 20 долари, знајте дека тие пари не сте ги вложиле за содржината во шишето, туку во дизајнот, маркетингот и рекламата. Вотка по пристапна цена сигурно нема да биде со полош квалитет. Правило број два: треба најпрво да се распрашате која вотка неодамна се појавила во продажба. Новиот производ сигурно ќе биде поквалитетен за разлика од производите кои се долго на пазарот. Работата е во тоа што со текот на времето филтрите во ректификациската колона во која се произведува рафинираниот алкохол за прехранбена употреба се валкаат. Затоа е неопходно работата повремено да се запира, но со оглед на тоа дека секој прекин на производството носи загуби, паузи се прават колку што е можно поретко, а тоа неизбежно се одразува на квалитетот на вотката.

Правило број три: кога пијат вотка, Русите никогаш не велат „На здравје“. Наместо тоа, тие кажуваат разни здравици, но најчесто едноставно велат „Пајехали!“ (рус. „Поехали!“, што во превод значи „Одиме!“). Тоа го рече и Гагарин кога полета во вселената.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња