Која е руската кралица на Инстаграмот?

Начин на живеење
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Профилот на Олга Бузова е меѓу трите најпосетени на светот оваа година.

Руската телевизиска водителка и пејачка Олга Бузова (Instagram: @buzova86) спаѓа меѓу елитата на социјалните мрежи, барем според бројот на прегледи на нејзините постови. Според годишната статистика што ја објави Инстаграм, нејзините „Инста приказни” имаат повеќе прегледи од објавите на Ким Кардашијан, иако Русинкта има 10 пати помалку следачи од американската реалити-ѕвезда: 11 милиони наспроти 104 милиони.

Бузова е родена во Ленинград (денешен Санкт Петербург) 1986 година, а се прослави во популарното телевизиско реално шоу „Дом-2” во кое учесниците се обидуваат да пронајдат љубов. Тоа е телевизиска емисија со најдолг стаж на светот.

Почна како учесничка 2004 година, а по четири години учество стана домаќин. Сега редовно се појавува во различни емисии како водителка. Во 2016 година се разведе од својот сопруг, фудбалерот Дмитриј Тарасов, и се фокусираше на својата пејачка кариера. Набргу ги имаше најслушаните песни на руските ранг-листи. Меѓутоа, не се сите убедени во нејзиниот талент.

„Ќе престанам да пеам дури кога ќе ги добијам сите награди во Русија, САД и Европа, затоа што сум првиот изведувач кој ја крева руската музика на меѓународно ниво, како што формулираше една музичка издавачка куќа“, вели Бузова.

Освен како пејачка, Бузова се појавува како ди-џеј, модел и авторка на неколку книги.