Како изгледаше рускиот „Плејбој“ во времето на Хју Хефнер

Начин на живеење
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Основачот на магазинот „Плејбој“ почина на 27 септември во својата вила во Лос Анџелес во 91 година од животот. Russia Beyond Македонија се навраќа на некои од најпознатите насловни страници на руската верзија на овој магазин.

По првата публикација во Америка, на магазинот „Плејбој“ му требаше речиси половина век да се појави и во Русија. Во Русија не се продаваше сѐ до 1995 година, но тогаш зазеде значајно место, затоа што во земјата почна постсоветската сексуална револуција. Првата насловна страница на списанието во Русија имаше симболичен назив: „Русија, лето 1995“, и тоа беше многу жешко лето во секој поглед.

Руската поп-ѕвезда Лада Денс наскоро се појави полугола во „Плејбој“ 1996, а потоа ја доби главната улога во руската верзија на „Сексот и градот“, во која ја играше улогата на Саманта.

Година дена подоцна, пејачката и секс-симбол на 1990-те Наташа Корољова стана девојка на месецот на „Плејбој“, што ѝ помогна да го промовира својот хит „Жолти лалиња“.

Руската поп-пејачка и поранешна членка на групата „Мираж“ Ирина Салтикова исто така се појави на насловните страница во 1997 и 2000 година. Ја споредуваа со Памела Андерсон – барем во извесна смисла потсетуваше на неа.

Оксана Фандера исто така е руска актерка која ја красеше насловната страница на „Плејбој“. Таа во 1988 година го зазеде второто место на првиот советски избор за Мис, организиран под називот „Московска убавица“. И нејзината колешка, моделот Алика Смехова стана „зајачица“ во 1996 и 1999 година.

Мнозинството руски мажи со задоволство ќе се сетат на манекенката и телевизиска ѕвезда Ана Азарова. Таа се појави во едно издание во кое беше објавено и интервју со Доналд Трамп.

Водителката на емисии за сексот, Анфиса Чехова, во 2008 година брзо стана популарна благодарение на еротската шоу-програма „Секс со Анфиса Чехова“. Не ѝ требаше многу време да се стекне со верни приврзаници, особено со оглед на тоа што се појави на главната страница на „Плејбој“.

Телевизиското шоу под наслов „Дом 2“, во која учесниците градат куќа и во тој процес се обидуваат да си најдат партнер, даде уште една девојка од насловните страници на „Плејбој“. Аљона Водонаева се разголи 2009 година кога ја напушти оваа шоу-програма каде гледачите три години го следеа нејзиниот безгрижен начин на живот. Таа беше навистина „лоша девојка“ на руската телевизија.

Пејачката и поранешна натпреварувачка во уметничко лизгање Ана Семјонович ја шармираше публиката со својот исклучителен изглед. За нејзината става се шират многу гласови, но таа вели дека никогаш не била на пластична операција. Таа е поранешна победничка на Јуниорското светско првенство, двојна победничка на Финскиот куп и поранешна „зајачица“.