5 руски топ-модели од минатото

Натали Палеј. Извор: AFP / East News

Натали Палеј. Извор: AFP / East News

Супермоделите денес добиваат баснословни хонорари. Но, малкумина знаат дека токму руските убавици-емигрантки од почетокот на 20 век работата на модел ја претвориле во престижно и добро платена професија.

Во Париз по Првата светска војна се нашле голем број емигранти од револуционерната Русија. Тие биле образовани и добро зборувале француски. Руските аристократки, кои ги познавале законите на модата, барајќи средства за да преживеат, почнале да работат како модели во париските модни куќи. Нивната убавина, аристократското воспитување, шармот и умешноста себеси да се покажат во најдобро светло им носеле огромен приход на популарните модни брендови. 

Натали Палеј 

Првата руска убавица која го минала патот од манекенка до филмска дива на Холивуд. Нејзин татко бил великиот кнез Павел Александрович, син на императорот Александар Втори. По Револуцијата таа со мајка си и со својата сестра ја напуштила Советска Русија и заминала во Париз. Работела како модел во модните куќи „Iteb” и IRFE и брзо го освоила модниот Париз. Другите манекенки се огледувале на неа и таа станала кралица на модата. Коко Шанел ја препорачала Натали на престижната модна куќа на Лисјен Лелонг, за кого набргу Натали се омажила. Потоа, откако го напуштила Лелонг, заминала во Холивуд, каде се омажила за бродвејскиот продуцент Џон Вилсон. Многу големо внимание во јавноста привлекла нејзината романса со писателот Ремарк. Натали повеќепати била на насловната страница на „Вог“, а нејзиното име го носи и еден од парфемите на фирмата „Лелонг“.

Марија Еристова


Фотографија од слободни извори

Родена е во Тбилиси, но од своето рано детство живеела во Санкт Петербург. Била дворска дама на императорката Александра Фјодоровна. Николај Втори, врз кого нејзината убавина оставила длабок впечаток, ѝ рекол: „Грев е, кнегињо, да се биде толку убав“. По Револуцијата Марија заминува на Кавказ, а потоа во Париз. Од 1925 година работи за „Шанел“. Имено, Коко Панел во тоа време им давала покровителство на Русите. Еристова била нежна бринета и отелотворение на тип на убавица кој бил модерен во дваесеттите години од минатиот век и кој му одговарал на стилот на Шанел од тоа време. Освен тоа, на Коко ѝ импонирало за неа да работат „вистински руски кнегињи“. Во тоа време од манекенките се барало и да зборуваат. Требало на неколку странски јазика на клиентите да можат да им ги објаснат моделите што ги прикажувале, спецификите на ткаенината, кројот или обработката. Затоа Мери, која зборувала на три јазика, била мошне ценета.

Теа (Екатерина) Бобрикова

Фотографија из слободни извори

Од 1927 до 1934 година работела во модната куќа на Ќана Ланцен. Огледувајќи се на оваа креаторка, ја основала својата модна куќа „Катрин Парел“. Парел значи „што таа создала“. Модната куќа на Екатерина Бобрикова работела до 1948 година. Како и големите модни куќи, „Катрин Парел, претставувала по две, за волја на вистината скромни, колекции годишно. Меѓу клиентите на Екатерина Бобрикова биле и познатите париски глумици од тоа време Мишел Морган и Лиз Готи. Модната куќа „Катрин Парел“ креирала модели за филмови, па и фустани за филмот „Пасторална симфонија“, кој бил награден на Канскиот фестивал.

Људ Федосеева

   Фотографија из слободни извори

Најдобро платената руска манекенка, супермодел на емиграцијата. Работела во окупирана Франција и била сметана за главна конкуренција на моделите од Третиот рајх. Нејзината кариера е директно поврзана со развојот на модната фотографија, која веќе во тоа време станала значаен инструмент на модниот маркетинг. Нејзините фотографии што ги направиле Хорст П. Хорст (кој ја открил), Едвард Штајхен, Џорџ Хојнинген-Хине не се симнувале од страниците на „Вог“ и на „Harper's Bazaar“. Људ се фотографирала како за списанија, така и за реклами. Во своите кампањи сакале да ја имаат и Елза Скијапарели и Коко Шанел Фотографијата на Људ Федосеева што ја направил Хорст во фустан во антички стил денес се смета како пример за модна фотографија. Наспроти ослободувањето на Париз Људ заминала во Аргентина, а кога се вратила останала без работа и без поранешната слава. Поранешната ѕвезда на модните писти и на гламурозните списанија во педесеттите години од минатиот век работела како службеничка во една авиокомпанија, а подоцна во пералница во емигрантски дом за стари.

Ија Ге (Леди Абди)

Фотографија из слободни извори

Прадедото на Ија бил Французин, кој за време на Француската револуција пребегал во Русија. Првата светска војна ги нашла Ија и нејзината мајка во Германија, од каде успеале да преминат во Швајцарија, а потоа во Франција. Бидејќи се наоѓала во тешка финансиска ситуација, Ија отишла на авенијата Елисејски полиња во модната куќа на сестрите Кало за да побара работа. Ѝ понудиле да биде манекенка за плата од 450 франци со појадок. Тоа бил излез. Тука на неа обрнал внимание клиент од Англија, но во модната куќа „Кало“ постоеле строги правила и одбиле да му помогнат да се сретне со девојката. Но, тие случајно се сретнале во еден ресторан и Роберт Едвард Абди, петти баронет од богато аристократско семејство станал сопруг на Ија. Откако се развела од Абди таа, задржувајќи ја аристократската титула, на покана на Коко Шанел почнала да работи на развој на модели во модната куќа на прочуената креаторка. Ија била сметана за пример за елеганција и нејзините портрети често биле објавувани во „Вог“ и во други списанија, а големите модни куќи  ѝ нуделе фустани за вечерни излегувања. Често ја повикувале на маскенбали и на забави кои тогаш во Париз ги приредувал неуморниот гроф Сирил де Бомон. Подоцна Ија Абди го засакала театарот и почнала да глуми во претстави. Оваа висока, складно градена, синоока блондинка со достоинствено држење и со горд лик знаела колку вреди. 

Рускиот текст на порталот russian7.ru.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња