- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Репката со право може да се нарече родоначалник на градинарските култури што се одгледуваат во Русија. Пред компирот да биде воведен за време на владеењето на Петар Велики (почетокот на XVIII век), репката била основната намирница на руската трпеза. Всушност, историските хроники откриваат дека неуспешните берби на репка во периодот од XI до XIII век се сметале за своевидна природна катастрофа. Толкаво било значењето на овој скромен зеленчук.
И покрај тоа што е нискокалорична, репката е преполна со хранлива вредност. Богата е со минерали, есенцијални масла и има високо ниво на витамин Ц и бета-каротен. Ниската содржина на шеќер исто така ја прави одличен избор за оние кои се борат со дијабетес.
Русите отсекогаш наоѓале различни начини да уживаат во репката. Може да се пече, вари, динста, да се јаде сирова, да се додава на разни јадења и салати. Историски гледано, популарно јадење бил репникот, крепка мешавина од рендана репка и житарки. Репница била вкусна супа направена од репка и слад или јачмен. Репката се ставала и во пити, што сведочи за нејзината сестраност.
Во Русија репката се сметала за „женска култура“, која традиционално ја сееле жените кои верувале дека враќаат дел од својата плодност на Мајката Земја.
Репката е вткаена и во руската култура преку изреки и поговорки. Во рускиот јазик постои израз „Проще пареной репы“ - поедноставно од парена репка (ние велиме „Просто како грав“), што ја одразува леснотијата на подготовка на овој зеленчук. Сепак, култивирањето на богата и вкусна култура на репка не било едноставна работа.
Денес предлагам да подготвиме динстана репка со печурки и зеленчук - тоа е класично руско јадење кое ни овозможува навистина да го цениме наследството на репката.
Состојки за 4 порции:
- Репка - 4 мали парчиња
- Свежи печурки - 500 г (вргањ, лисичарка или едноставно шампињони)
- Морков - 2 парчиња
- Растително масло - 100 мл
- Сол и бибер по вкус
Подготовка:
1. Прво темелно измијте ги репката и морковот.
2. Потоа излупете ги и исечкајте ги на коцкички.
3. Сега да ги подготвиме печурките. Прво исчистете ги така што ќе ја исчистите целата нечистотија, а потоа исплакнете ги печурките под млаз вода. Откако ќе ги исчистите, исечете ги печурките на парчиња со големина на залак.
4. Потоа сечканите печурки се варат во вода неколку минути, што помага делумно да се сварат и се подобрува нивниот вкус.
5. Загрејте ја рерната на средна температура од 180-200℃. Во керамички или огноотпорен сад почнете да ги редите состојките. Прво слој репка исечкана на коцки, па слој моркови, па слој печурки. Продолжете со овој процес на редење слоеви додека не се потрошат сите состојки.
6. Прелијте ги слоевите состојки со растително масло. Зачинете со сол по желба. Покријте го садот со капак или фолија.
7. Поклопениот сад ставете го во загреана рерна. Оставете го садот да се динста во рерната околу 1-1,5 часа. Повремено проверувајте за да бидете сигурни дека зеленчукот се готви рамномерно и додавајте малку вода доколку е потребно за да спречите лепење.
8. Кога репката ќе омекне и сите состојки се добро сварени, извадете го садот од рерна. Динстаната репка послужете ја топла, по желба украсена со свежи зачински билки. Уживајте!