Десет здрави јадења од руската кујна

Legion Media; Albina Bougartchev/Getty Images
Руската кујна е позната по разновидноста на хранливи и здрави јадења кои вклучуваат чорби, каши, ферментирани производи и друго. Ќе наброиме некои од најкорисните за вашето здравје.

Кисела зелка

Оваа традиционална руска закуска е богата со пробиотици - корисни бактерии кои се формираат за време на киселењето. Тие ја обновуваат рамнотежата на микроорганизмите во цревата и спречуваат развој на патогени.

Зелката се кисела со разни додатоци. Најпопуларни се морковот, цвеклото, јаболкото, брусницата. За пикантност се додаваат рен, лута пиперка, лук или кромид.

Киселата зелка се јаде и како закуска - заедно со кисели краставички - со вотка (што не е најздрава опција), но и како гарнир со полнети шницли. Се користи и при подготовка на чорби, салати и полнето печиво.

Каша од просо со тиква

Просото не содржи глутен и е добро за исхраната на луѓето со целијакија. Исто така, просото има низок гликемиски индекс, поради што е дел од исхраната на дијабетичарите. Во исто време, просото содржи витамини од групата Б, фосфор, калиум, магнезиум, цинк и јод.

Каша од просо со тиква е нискокалорично јадење, во кое 100 грама содржи само 300 калории. Тиквата ѝ дава на кашата сладок вкус без дополнителни засладувачи. Покрај тоа, тиквата содржи многу витамин С, антиоксиданси, како и бета-каротин, кој е корисен за видот.

Посебно ефектно изгледа кашата од просо сервирана во тиква. Освен просо, во кашата се додаваат и ореви, суво грозје и друго сушено овошје.

Каша од хелда со печурки

Кашата од хелда е многу хранлива и има антиоксидантни својства. Помага во исфрлањето на вишокот холестерол од телото и јоните на тешките метали. Го обезбедува организмот со железо. Уште повкусна е со печурки и кромид.

Чорба со грашок

Руската кујна е богата со чорби и супи: шчи, борш, расољник, ботвиња. Секоја од нив е добра на свој начин, но токму чорбата со грашок е таа што им ја обезбедува на мускулите потребната количина протеини и тоа од растително потекло. Во 100 грама грашок има околу 20 грама протеини. Чорбата од грашок може да се готви и со месо и со зеленчук, на пример, со компир, морков и зелка (рецептот ќе го најдете овде).

Чорбата од грашок е извор на минерали (калиум, магнезиум, фосфор, јод и железо) и витамини Б, А, Ц, Е, ПП. Влакната содржани во грашокот ги чистат цревата и го подобруваат варењето.

Колач со сирење

Колачот со сирење практично го задржува целиот калциум од сирењето. Притоа не предизвикува дигестивни проблеми како свежото сирење. Колачот е корисен за децата за време на растот на забите и коските, за постарите и доилките. Но, не смеат да го јадат луѓето кои не можат да толерираат лактоза и глутен.

Во колачот се додаваат парчиња јаболка, суво грозје, суви сливи, вишни или бобинки. Одозгора може да се украси и со свежи бобинки, мед или павлака и да се посипе со ореви.

Печени јаболка

За разлика од свежите јаболка, печените полесно се варат и затоа се препорачуваат за луѓе со дигестивни проблеми, како и за сите кои тешко ја апсорбираат храната од растително потекло со голема количина целулозни влакна.

Пектинот во печените јаболка ја подобрува работата на цревата и ги исфрла токсините, што позитивно влијае на целиот организам и квалитетот на кожата. Покрај тоа, пектинот благотворно делува на кардиоваскуларниот систем.

Јаболката може да се печат со мед, суво овошје, сирење или сами. Иако се здрави, дневно не треба да јадете повеќе од две печени јаболка.

Винегрет

Винегрет е салата од варен зеленчук. Најчесто се прави од цвекло, кисели краставички, компири, моркови, грашок, кромид, масло, сол и бибер. Понекогаш ѝ се додаваат и други состојки: кисела зелка, грав, риба или печурки.

Винегретот е богат со аскорбинска и никотинска киселина, витамини од групата Б, бета-каротин, целулоза и минерали (железо, фосфор, магнезиум, јод, калциум, калиум).

Пивтија (холодец)

Во старо време, пивтијата се подготвувала во доцна есен и зима - од крајот на ноември, кога почнувала сезоната на колење. Пивтиите содржат витамини од групата Б (особено Б12 и Б3), железо, магнезиум, калиум, натриум, кобалт, лизин, глицин, фосфор и колаген, кој е корисен за кожата.

Пивтијата од свинско или говедско месо содржи повеќе железо и го зголемува нивото на хемоглобин побрзо пилешкото или мисиркиното месо. Но, притоа треба да се обрне внимание на нејзината калориска вредност. 100 грама свинска пивтија содржи околу 350 калории, 100 грама говедската пивтија до 220 калории, пилешката околу 120 калории, мисиркината 80, додека рибјата има само 50 калории.

Нутриционистите советуваат човекот да се ограничи на неколку порции пивтии неделно и да не ги препорачува на луѓе со дигестивни проблеми или слаби бубрези.

Кефир

Кефирот е млечен напиток кој се добива со ферментирање на млеко со употреба на специјални „кефирни зрна“. Кефирот содржи витамини од групите А, Б, Ц, Д, ПП, калиум, калциум, бакар итн. Ја нормализира цревната микрофлора, ја прочистува крвта, ги стабилизира ph вредностите во телото.

Кисељ

Овој пијалок од бобинки врз база на скроб е хранливо и калорично јадење. Скробот ги обложува ѕидовите на желудникот и обезбедува дополнителна заштита од желудечниот сок, што е важно за луѓето со зголемена желудочна киселина или гастритис.

Сепак, со кисељот не треба да се претерува, што особено важи за дијабетичарите, бидејќи прекумерното внесување скроб може да предизвика нагло зголемување на шеќерот во крвта.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња