Како да подготвите стара руска рибја пита „накрјопок“ (РЕЦЕПТ)

Кујна
ОЛГА БРОВКИНА
Оваа старинска воздушеста пита, вообичаена во северните делови на европскиот дел на Русија, се состои од неколку вкусни слоеви: каша, јајца и благо засолен лосос. Традиционално се подготвува за најмилите и најпочитуваните гости.

Со векови, пирогот (руска пита со благ или солен фил) во руската кујна бил симбол на гостопримството, топлината на домашното огниште и празничните прослави. Самото име доаѓа од зборот пир, кој го има истото значење на рускиот и македонскиот јазик.

Накрјопок е неверојатно сочен пирог. Рецептот одамна го измислиле жените во Псковската и Тверската. Најценетиот накрјопок се правел со ориз, бидејќи оваа житарка порано била многу скапа. Таква пита можеле да си дозволат само имашливите семејства.

Како по правило, накрјопокот се подготвувал за големи празници. Генерално бил симбол на среќа и благосостојба, а неговата тркалезна форма го претставувала сонцето. Некои домаќинки ја предвидувале иднината врз основа на тоа како ќе им успеел накрјопокот. На пример, ако кората и формата испаднале добро, се очекувало годината да биде успешна и приносна.

Името на овој пирог, накрјопок, потекнува од рускиот глагол „крепить“ (да прицврсти), што има врска со процесот на неговата подготовка. Питата, секако, има фил. Најпрвин тоа е каша од ориз или каша од хелда или овес. Потоа следува слој тврдо варени јајца со кромид, а врз него густ слој од парчиња малку посолен лосос, кој има задача да ја „прицврсти“ питата, односно да ја држи поврзано, да не се распадне. Сето тоа се става во кисело тесто. По желба питата може да се декорира со мали орнаменти од тесто во вид на риба.

Според друго толкување, питата се нарекува накрјопок поради состојките кои заситуваат и се многу хранливи. Имено, во старорускиот јазик за такво јадење се користел зборот „накреписти“. Затоа имајте на ум дека накрјопокот нема да ви помогне да ослабете, туку добро ќе ве нахрани и ќе ве засити.

Состојки за питата со дијаметар 26 cm:

Брашно – 400 g

Светло пиво или кефир – 200 g

Путер - 50-60 g

Павлака 20-30% - 4 лажици

Квасец – 12 g

Шеќер – 1 лажица  

Со  - ½ лажичка

Благо посолен лосос - 200 g

Јајца – 3 пар.

Ориз – 100 g

Кромид – 1 главица

Зачински билки по вкус

Млеко - 100 g за потопување на рибата

Начин на подготовка:

1. Најпрвин треба да ја натопите рибата во млеко. Ако користите цела риба, подобро е да ја исечете на парчиња. Наполнете ја чинијата со риба со млеко и оставете ја да отстои најмалку 12 часа. Ако рибата е многу солена, тогаш оставете ја 24 часа. Со потопување на рибата во млеко, филот ќе биде помек и посочен.

2. Сега направете го тестото. Во посебна чинија измешајте кефир (или пиво), квасец, шеќер и сол. Потоа оставете на топло место дваесет минути.

3. Во поголем сад просејте го брашното, додајте ја смесата од кефирот и квасецот и убаво замесете. На крај додајте ги омекнатиот путер и павлаката. Добро измешајте.

4. Оставете го тестото еден час на топло место. Потоа малку премесете и оставете го повторно уште еден час.

5. Во меѓувреме направете го филот. Сварете ги оризот и јајцата. Излупете ги јајцата и насечкајте ги на тркалца.

6. Ситно исечкајте ги кромидот и зачинските билки.

7. Тестото поделете го на два дела. Поголемиот дел расукајте го во плех во тенок слој. Потоа преку него распоредете го оризот и благо притиснете го.

8. Посипете го оризот со зачинските билки. Јас користев мирудија.

9. Одозгора ставете слој од тркалцата од јајца.

10. Потоа слој од кромид.

11. Рибата распоредете ја така што при печењето да нема празен простор меѓу парчињата.

12. Питата покријте ја со преостанатото тесто. Можете да ја премачкате горната кора со изматено јајце и лажица павлака.

13. Ставете ја питата да се пече 50 минути во рерна претходно загреана на 180℃.

Пријатен апетит!