10 видови омилено руско печиво

Russia Beyond (Legion Media; Викторија Дреј)
Направивме листа на најпопуларните кифлички, колачи и други печива кои можете да ги купите во Русија или да ги подготвите дома.

1. Бељаши

Бељашите се необично печиво со месо. Се подготвуваат од бесквасно или тесто со квасец со фил од мелено говедско или јагнешко месо зачинето со многу кромид, сол и бибер. Благодарение на кромидот, бељашите не стануваат суви кога се пржат, туку сочни. Има и други нијанси: во филот може да се додаде млеко, кефир, ледена вода или само мраз. Се пржат во длабоко масло. Некогаш се прават со отвор на врвот, а некогаш се целосно затворени.

2. Пирошки

Пирошките со зелка, како и пирошките со компир, редовно се појавуваат на листите на најпопуларното печиво што се продава на киосците за храна во Русија. Меѓу другите солени пирошки, популарни се и оние со мелено месо, ориз и јајца. Од слатките предничат пирошките со јаболка. А пирошките со фил од риба често се подготвуваат со голем отвор во средината во кој се наоѓа филот и се нарекуваат „растегаи“.

3. Курник

Традиционалниот курник е голема свечена пита со фил од месо, а во продажба почести се малите триаголни курници со големина на пирошка. Се полнат со пилешко месо и компири со кромид.

4. Сочники

Сочники се преклопени мали погачки од ронливо масно тесто со фил од млада урда - „творог“. За да не истече филот со сирење од печивото, „творогот“ добро се цеди и му се додава малку брашно. Порано сочниците се печеле во печка, а денес се печат во рерна.

5. Ватрушки

Меко нараснато тесто и благ киселкаст фил од сирење нема да ги остават рамнодушни ниту возрасните ниту децата. Ова воздушесто печиво е погодно и за појадок и за ужина во текот на денот.

6. Крофнички

Меки одвнатре и крцкави однадвор, крофничките посипани со шеќер во прав се продаваат во многу руски градови. Може да имаат дупче во средината, но можат да бидат и без неа, како топче.

7. Земички

Речиси во секоја руска кантина, слаткарница и киоск со печиво можете да најдете земички со суво грозје, афион или џем. Тука се секогаш и „пљушките“, сплескани лепчиња во вид на срце посипани со шеќер.

8. Чебуреки

Самото спомнување на овие рамни, големи пити во вид на полукруг буди ѕверски апетит. Чебуреките се пржат во длабоко масло за да станат румени и вкусни. При пржењето на тенката кора од тестото се формираат меурчиња. Најпопуларните филови за чебурек се со месо и сирење.

9. Лиснати јазичиња

Многумина се сеќаваат на вкусот на лиснатите јазичиња од нивното детство. Обично ги купуваат како десерт со чај. Се подготвуваат едноставно, најчесто од замрзнато лиснато тесто. Потребни се само три состојки: лиснато тесто, јајце и шеќер за посипување.

10. Прстенчиња со творог

Малку потсетуваат на американските крофни, но тестото за нив е понежно, попарено, како за принцес-крофни. Внатре е засладено ситно сирење со слатка павлака или крем од путер.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња