Макароник: Пробајте ги „морнаричките“ тестенини во советски стил

Legion Media
Макароните на морнарички начин се еден од симболите на советската кујна. Денес ќе направиме малку помалку позната верзија на ова јадење – макароник.

До крајот на XIX век макароните во Русија ретко се подготвувале од едноставна причина што биле релативно скапи поради високата цена на брашното. Исто така, нивното производство било долготраен процес. Затоа макароните во тоа време се сметале за деликатес.

Меѓутоа, во XX век ситуацијата се промени. Тестенините влегоа во масовно производство и брзо станаа достапни за сите делови од населението. Сепак, не се здоби со голема популарност поради избувнувањето на револуцијата во 1917 година и Првата светска војна, кои го нарушија производството.

Макароните станаа многу барани за време на Втората светска војна како полуготов производ. Тие беа подеднакво вкусни со месо од конзерва („тушонка“), конзервирана риба, па дури и со грашок.

Макароните на морнарички начим, кои потсетуваат на шпагети болоњезе, станаа едно од омилените јадења меѓу припадниците на руската морнарица. Овој рецепт за тестенини со месо се прошири низ земјата кога мажите се вратија од војната.

Советскиот готвач (издание од 1952 година) содржи неколку рецепти со различни филови и вклучува 3 вида макароник или лапшевик („лапша“ се тестенини на руски).

Макароникот запечен со млеко и јајца е веројатно една од првите верзии на ова јадење во Русија. Двата преостанати рецепти се макароник со сирење и со месо. Ќе подготвиме макароник со месо кој може да се послужи во тава или дури и како празнична солена пита.

Состојки (за 6 лица):

Мелено месо - 700 g

Тестенини - 400 g

Домати - 500 g

Павлака 10-20% - 200 ml

Холандско сирење - 150 g

Топено сирење - 250 g

Јајца – 3 пар.

Путер - 30 g

Сол по вкус

Црн бибер (или мешавина на бибер) по вкус

Магдонос – врзоп

Кромид– 1 главица

Лук – 3 чешниња  

Масло (за пржење на месото и подмачкување на плехот)  

Начин на подготовка:

1. Ситно исечкајте го кромидот.

2. Изгмечете го лукот и ситно исечкајте го магдоносот.

3. Пропржете го месото со сечканиот кромид на малку масло.

4. Додајте ги лукот, магдоносот, солта и биберот во меленото месо. Добро промешајте.

5. Ставете ги доматите во врела вода за минута, потоа префрлете ги во ладна вода и веднаш излупете ги.

Секој домат исечкајте го на 4-6 парчиња. Додајте го на меленото месо, долејте околу 50 g вода, поклопете го и динстајте го меленото месо со доматите додека течноста целосно не испари и доматите не станат пире.

6. Исклучете ја ринглата, додајте 2 белки и добро промешајте го меленото месо. Оставете го тиганот на страна.

7. Сварете ги макароните во солена вода додека не станат сварени до половина. Додајте путер и промешајте.

8. Изрендајте го тврдото сирење на најситно ренде.

9. Павлаката доведете ја до вриење, намалете го огнот, додајте лажица топено сирење и растворете го во павлаката. Истото направете го со целокупната количина топено сирење лажица по лажица. Оладете ја мешавината од павлака и сирење до собна температура.

10. Додајте го јајцето и преостанатите две жолчки во мешавината од павлака и сирење и измешајте со маталка.

11. Подмачкајте сад за печење или длабок плех со малку масло и ставете половина од макароните.

12. Макароните посипете ги со рендано сирење и добро натапкајте го кашкавалот со раце.

13. Додајте го меленото месо, израмнете со лажица.

14. Раширете го остатокот од тестенините преку месото. Притиснете добро. Можете одозгора да посипете со презла доколку сакате покрцкава кора.

15. Одозгора сипете ја мешавината од павлака и сирење.

16. Посипете го преостанатото сирење.

17. Ставете го во претходно загреана рерна на 200° C. Печете околу 30 минути. Потоа исклучете ја рерната, отворете ја малку вратичката од рерната и оставете го јадењето да отстои внатре уште 20 минути.

Макароникот е подготвен! Пријатен апетит!

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња