Како да испечете традиционална татарска пита со „капак“ (РЕЦЕПТ)

Legion Media
Во еден момент во текот на подготовката на ова јадење готвачот внимателно низ посебна дупка на врвот на познатата татарска пита „зур белиш“ додава булјон во филот од месо и компир, а потоа го затвора капакот. Така, питата „зур белиш“ станува необичен „огнен котел“.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Татарите се втора по големина етничка група во Русија (околу 5,5 милиони луѓе). Тие се многу гостопримливи: си одат на гости едни на други за време на викендите, готват различни јадења за да ги угостат пријателите и често печат „зур белиш“, што едноставно во превод значи „голема пита“. Ова е старо традиционално јадење, голема пита направена од бесквасно или тесто со квасец и полнета со парчиња масно месо (јагнешко, говедско, гуска, патка) со додавање на хелда или компири. Ако „зур белиш“ се прави во помала форма, тогаш се вика „вак белиш“.

Денес за филот првенствено се користат само говедско месо, компири и кромид. Порано имало неколку варијанти на јадењето. Кога ќе дошло време за колење на гуските, обично сите роднини ќе се собереле и ќе печеле „зур белиш“ со гускини изнутрици и компир. Филот богато се прелевал покриен со топен путер и гускина маст. Иако јадењето било малку тешко за стомакот, вкусот му бил извонреден. Во некои региони на Татарската република домаќинките печеле зур белиш со хелда која ја ставале во тестото заедно со другите состојки. Таа ги впивала сокот од месото и маснотијата.

Зур белиш е повеќе од храна. Тоа е и повод за семејни собири. Зур белиш денес се сече на парчиња и се служи во чинии. А порано целото семејство се собирало околу питата и ја јадело со лажица, како од обично тенџере, опуштено разговарајќи за секојдневните работи.

На свадба, постарите жени го предвидувале семејниот живот на младиот брачен пар според тоа како се подготвувал зур белиш. Затоа мајките на младите секогаш се труделе да ги користат најдобрите и најсвежите состојки за подготовка на питата.

Состојки за осум порции:

Брашно - 450 g

Кисела павлака - 150 g

Кефир - 150 g

Прашок за печиво - 1 лажиче

Путер (за подмачкување на питата) - 15 g

Компир - 700 g

Кромид - 200 g

Говедско месо - 600 g

Бибер и сол по вкус

Подготовка:

1. Најпрво треба да го подготвите месото. Исплакнете ги парчињата месо и ставете ги во тенџере со вода. Варете неколку часа. Додека го варите месото, додајте сол и бибер по вкус.

2. Сега подгответе го тестото. Измешајте ги киселата павлака, кефирот, половина лажичка сол, додајте го брашното со прашокот за печиво и замесете тесто. Не го додавајте целото брашно одеднаш, можеби ќе ви треба малку поголема или помала количина.

3. Тестото треба да биде меко и многу пријатно на допир. Оставете го 30 минути покриено со крпа или фолија.

4. За филот, свареното месо исечкајте го на ситни коцки.

5. Излупете ги компирите и кромидот и ситно исечкајте ги.

6. Соединете ги состојките: месото, кромидот, компирите, солта, биберот. Добро измешајте.

7. Одвојте 150-170 грама тесто за подоцна. Тоа ќе биде „капакот“ што треба да го затвори отворот на питата. Од главниот дел на тестото расукајте тркалезна тортиља, ставете ја во подмачкан калап така што рабовите малку да штрчат надвор од калапот.

8. Распоредете го филот рамномерно во калапот преку тестото.

9. Земете 100 g од тестото што претходно сте го одвоиле и развлечете го во круг. Ќе биде значително помало од дијаметарот на калапот. Ставете го во средината на филот и затворете го околното тесто во круг. Со прстите спојте го капакот со остатокот од тестото.

10. Од парчето тесто што ви остана, земете околу 15-20 g за кружниот затворач, а од она што ќе ви преостане направете тенок тркалезен украс со отприлика ист дијаметар како „капакот“. Направете процепи во тестото со секач или нож како што е прикажано на фотографијата.

11. Ова парче тесто ставете го во средина и залепете ги лентите како што е прикажано на сликата.

12. Во средината на питата направете дупка со дијаметар од 1,5 до 2 сантиметри. Затворете ја со тркалезниот затворач. Печете ја питата 2 часа на 180°C. По 40-50 минути, отворете го „чепот“ и сипете малку булјон. Потоа намалете ја температурата на 150-160°C и продолжете со печење на питата.

13. Печената татарска пита извадете ја од рерната и намачкајте ја со путер. Покријте ја со хартија за печење (или алуминиумска фолија) и крпа, па оставете ја 15-20 минути на собна температура.

Зур белиш можете да послужите за ручек или вечера. Питата можете да ја сервирате со свеж зеленчук со зачински тревки. Пријатен апетит!

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња