Кои јадења ги подготвуваат муслиманите во Русија за помен на починатите

Кујна
МАРИЈА БУНИНА
Помен за покојникот се одржува најмалку пет пати годишно по погребот. А посмртните муслимански обреди не се исти во сите краишта на Русија.

Исламот, по христијанството, е втората религија по бројност во Русија. На неа ѝ припаѓаат околу 10% од населението на земјата. Во Русија постојат два главни реојна на ширење на исламот: Северен Кавказ и Волшко-Уралскиот регион со Татарстан и Башкортостан, со кои генетски се поврзани муслиманите од европскиот дел на Русија и Сибир.

Некои обичаи се почитуваат без разлика од местото каде што живеат муслиманите. Така, посмртниот обред насекаде се состои од неколку помени: на 3, 7, 40 и 51 ден и една година по смртта. Се верува дека во тоа време со телото се случуваат биолошки промени и дека покојникот страда. Помен се организира за да види неговата душа дека луѓето се сеќаваат на него. За време на поменот се читаат Куранот и молитви.

Некои обичаи постојат со векови. И иако се прилагодуваат на времињата и начинот на живот, тие остануваат духовен ориентир за многу семејства. На пример, постои обичај според кој три дена по погребот во куќата на покојникот „не се пали оган“ и не се готви ништо. Роднините и соседите му носат храна на семејството на починатиот. Тоа се прави за најблиските роднини да се молат за покојникот, а не да мислат на храна. Муслиманите веруваат дека душата на починатиот сè уште не заминала и дека живее некаде во близина.

Ако има можност, според традицијата, на денот на погребот семејството на покојникот ќе заколи крава или бик и дели симболична „садака“ (во превод „милостина“) на роднините и соседите. Тоа може да биде свежо месо, ориз, просо, шеќер или пари. Тоа е милостина во чест на Алах.

Трпеза за помен на Северен Кавказ

Трпезата за помен во различни региони на Северен Кавказ варира во зависност од регионот, но има јадења што се подготвуваат насекаде.

Како прво, тоа се кружните лепчиња или „пишки“. Черкезите ги пржат во врело масло, а Чеченците и Ингушите ги пржат во сува тава. Според верувањето, мирисот на пржено тесто допира до душата на починатиот. Овие лепчиња се делат на роднините и соседите во текот на целата година, за да се сеќаваат на починатиот.

Покомплексна варијанта на лепчињата претставуваат рамните пирошки со фил од сирење, компир, компир со сирење или со месо. Балкарите и Карачајците подготвуваат „хичини“, Чеченците и Ингушите подготвуваат „чепалгаш“.

Со најголема популарност се стекнаа осетинските пироги. Бројот на пироги има посебна смисла. Додека за свадба или радосен празник во чинијата се ставаат по три осетински пироги, за помен се ставаат само два, бидејќи покојникот повеќе нема да ја види светлината на денот и пирогот што го симболизира сонцето не е потребен. Остануваат пирогите кои ги симболизираат Бог и земјата.

За помен се подготвуваат различни јадења со месо: супа од овчо месо („шорпа“ кај Карачаите), манти или пелмени. Исто така, јадења од ориз со парчиња варено месо, со суво грозје, ајран (ферментиран млечен напиток), путер или павлака.

Се прават и регионални јадења: сос „шчипс“ со лук, сирење, колбас од џигер со лук, кромид и црвен пипер. Освен тоа, домашни тестенини (хингал), кои се сервираат со варени јајца, лук или кисело млеко.

Важна улога игра алвата направена од брашно од пченица, пченка или просо, подготвена во стопен путер со додаток на шеќер или мед. Неа ја прават роднините на починатиот. Се смета дека „покојникот го гледа оној што ја меша алвата“ и дека неговата душа, благодарение на алвата што е поделена меѓу роднините, ќе ја очекува пријатен живот кај Алах.

За време на трпезата во текот на поменот се служи и густо варена каша од просо наречена паста. Кога ќе слегне и излади, се сече на парчиња и се јаде наместо леб.

Како пијалак се служат вода, ајран, црн или калмички чај со млеко, сол и зачини, како и домашна лимонада.

Трпеза за помен во Татарстан

Муслиманите од другите краишта се собираат на првиот помен дури на третиот ден. Во Татарстан главното јадење за помен се мали купи направени од тенки прамени шеќер. Тие се нарекуваат токиш-калеве и по сакрална смисла се аналогни на алвата или кољивата кај православните, односно: помагаат душата да стекне сладок, односно пријатен живот во другиот свет. Овој десерт се прави од брашно, путер, мед или шеќер.

Се смета дека трпезата за помен не треба да ги оптоварува домаќините. За помен се подготвуваат традиционални јадења: како предјадење супа од месо со тестенини, за главно јадење месо со компири или каша од хељда. Може да се подготват и плов, пељмени со буљон или долма. Се печат и лепчиња.

Во текот на целата година муслиманите се сеќаваат на покојникот во петок. Во Татарстан домаќинките по тој повод подготвуваат на силен оган обредни печива: пишки со фил од месо или компир. Мирисот од нивната подготовка треба да допре до починатиот. Поменот завршува со чај со слатки.

Храната за помен кај муслиманите во другите региони на Русија не се разликува многу од традиционалната празнична трпеза. На пример, во Башкортостан се подготвуваат супа со месо, тркалезна пита со фил од месо, лепчиња, колачи и чај со слатки.