10 најдобри јадења на кавкаската кујна

Legion Media
На рускиот Кавказ живеат околу 50 етнички групи и секоја од нив си ја одржува својата кулинарска традиција. Но, има нешто што е заедничко за сите: дарежливите печива, владеењето на месото и... голема желба гостите да се најадат толку многу да не можат да станат од масата.

Рускиот Кавказ е претежно ридско подрачје меѓу Каспиското езеро и Црното море. Мултиетничко население живее овде рамо до рамо со векови. Народите на Дагестан, Северна Осетија, Чеченија, Кабардино-Балкарија, Карачаево-Черкесија и другите територии имаат своја национална кујна која се заснова на хранливи јадења и многу свеж зеленчук. Следуваат, според наше мислење, најпопуларните кавкаски гастрономски залчиња што можете да ги пробате во Русија.

1. Шашлик

Парчињата месо на ражен (најчесто јагнешко или пилешко) се едно од најпопуларните кавкаски јадења кои влегле во руската кујна кон крајот на XIX век, а во советско време станаа синоним за пролетни и летни викенди. Сега може да се најде буквално во секој дел на Русија, и не само во рестораните. Скара на отворено е она што Русите едноставно го сакаат! Пред печењето на скара, месото треба да се маринира, а има десетици состојки и начини за тоа!

2. Хичин

Овој леб со разни филови е крал на трпезата во соседните републики Кабардино-Балкарија и Карачаево-Черкесија. Сепак, хичините се сосема различни и се предмет на спор меѓу локалните готвачи. Балкарските хичини се тенки сомуни, додека карачајските се прават од крцкаво тесто со кефир или млеко. Најчесто се полнат со компири, зачински билки и месо. Сепак, ако посетите некој од овие региони, бидете подготвени за напад на хичини врз стомакот. 

3. Хинкал

Ова е „најдагестанското“ јадење што можете да го најдете. Звучи како грузиски хинкали, но овде вареното тесто и месото се сервираат одвоено. Дагестан е дом на околу 30 етнички групи и сите прават хинкал на свој начин. Аварите користат големи парчиња тесто, Лакците - ситни ленти, Кумиците го виткаат во тенки ромбови, додека Даргинците го виткаат во „полжави“ и потоа го варат на пареа. Можно е да се одлучи што е повкусно само по гастрономско патување.

Рецепт: Како да направите дагестански хинкал со млад кромид

4. Чуду

Друго препознатливо јадење на дагестанската кујна е чуду сомунот. Обично се полни со зеленило (но има и солени верзии), се готви на сува тава и се премачкува со путер или масло.

Чудуто нема традиционален рецепт сам по себе, но обично има сезонски филови. Свежо зеленило (коприва или млад кромид) напролет, сирење и млад компир лете, тиква наесен, јагнешко месо зиме.

5. Хингалш

Чеченскиот сомун се нарекува хингалш. За разлика од чуду и хичин, ова јадење се прави не само од пченично, туку и од пченкарно брашно. Тестото е многу тенко, речиси без тежина, а филот светол и сочен. Најпопуларниот фил е тиквата. Кога се служи, хинглашот обично се сече на парчиња. Ова е исто така популарна улична брза храна во Чеченија.

6. Жижиг-галнаш

Ова јадење, чие име е многу тешко да се изговори, всушност е едноставно чеченско јадење кое се состои од месо со њоки. Жижиг значи месо, галнаш значи њоки. Големи парчиња месо (јагнешко, говедско или пилешко) се варат и се сервираат со њоки од пченично брашно или кнедли на длабока чинија со булјон од месо.

7. Осетинска пита

Големите и вкусни пити од Северна Осетија се познати низ цела Русија, но на Кавказот можете да најдете ТОЛКУ многу различни форми и филови!

Фиџин е пита (голема или мини) исполнета со сечкано говедско месо и булјон. Валибах е пита со домашно осетинско сирење. Локалните жители прават и пити со тиква, компири и грав. И вреди да се пробаат сите!

8. Адигејско сирење

Луѓето од Адигеја прават меко сирење од кравјо млеко. Овој благ вид сирење не се топи кога се пече или пржи и може да се изрони. Порано се правел само во домашна верзија сé до Олимписките игри во Москва во 1980 година кога и Советите и странските гости имаа вистинска можност да го пробаат: им се допадна и започна масовно производство. Адигејското сирење во 2009 година доби статус на производ со заштитено географско потекло и само компаниите во Адигеја сега имаат право да го користат името Адигејско сирење.

9. Урбеч

Кавкаската „нутела“ се вика урбеч. Всушност, ова е путер направен од пржени бадеми, индиски ореви, ф'стаци, ореви, семки од тиква и многу, многу други дарови на природата. Во Дагестан, урбечот измешан со мед е популарен десерт и се користи дури и како лек.

10. Кефир

Кавкаските народи пијат ферментирани млечни напитоци поради нивните здрави својства. Кефирот, или киселото кравјо млеко, е најпопуларно меѓу нив. Настанал на Кавказот (денешна Кабардино-Балкарија и Карачаево-Черкесија), се раширил низ цела Русија пред повеќе од еден век и сега се смета за важен дел од руската исхрана.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња