- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Некои заробени советски генерали Германците се обидоа да ги привлечат на своја страна со подмитување или мачење. Но, само ретки поединци се согласија да соработуваат со непријателот, додека мнозинството останаа доследни на својата заклетва.
1. Дмитриј Карбишев
Генерал-потполковникот на инженеријата Дмитриј Карбишев беше еден од најценетите стручњаци на Црвената армија. Беше исклучителен експерт на полето на фортификацијата, а неговите бројни научни трудови беа користени во воените школи при обуката на командниот кадар.
Карбишев беше заробен во август 1941 година на територијата на Белорусија. Германците му понудија на генералот да го ослободат од логорот, да му дадат посебен стан, можност за научноистражувачка работа во интерес на Третиот Рајх со неограничен пристап до архивите и библиотеките, како и неколку лични асистенти.
Советскиот воен командант категорично ја отфрли оваа понуда. Дури и кога нацистите преминаа од поткуп на закани и ги влошија условите на неговото заточеништво, тој не попушти.
„Се покажа дека овој исклучителен советски фортификатор, офицер на старата руска армија, човек на возраст над шеесет години, беше фанатично посветен на идејата за лојалност на воената должност и патриотизмот...“ – пишува во германски извештај од 1943 година. „Карбишев може да се смета за безнадежен случај кога е во прашање можноста за негово користење како стручњак за инженерија“.
Стариот генерал беше испратен на логорска работа и префрлуван од еден во друг логор. На 18 февруари 1945 година тој почина во логорот Матхаузен откако на студ го полеаја со ладна вода.
2. Петар Новиков
Командантот на 109-та стрелечка дивизија, генерал-мајор Петар Новиков раководеше со одбраната на Севастопол пред градот да биде освоен од Германците. Во рацете на непријателот падна на 9 јули 1942 година при неуспешен обид за евакуација.
Фелдмаршалот Ерих фон Манштајн, кој беше унапреден токму поради заслугите во освојувањето на Севастопол, се среќаваше со советскиот генерал во заробеништво. Тој ги пофали јунаштвото и храброста на советските војници и му предложи на Новиков да премине на страната на нацистите. „Јас сум војник и ќе ѝ останам верен на заклетвата до крај, а за пофалбите се заблагодарувам“, одговори тој.
Подоцна генералот ја одби понудата да се приклучи на колаборационистичката Руска ослободителна армија на Андреј Власов. После тоа односот кон него значително се влоши.
Петар Новиков загина во концентрациониот логор Флосенберг во август 1944 година. Според една верзија, чуварите на кампот го претепале до смрт.
3. Михаил Потапов
Командантот на 5-та армија, генерал-мајор Михаил Потапов, падна во заробеништво на Германците во септември 1941 година. Таму ја помина целата војна додека во април 1945 година не беше ослободен од американската армија.
Потапов веднаш одби секаква соработка со Германците. Во исто време, тој смело им порача дека и да стигнат до Урал, нема да победат.
По враќањето во СССР Потапов ги помина сите неопходни проверки, му беше вратен чинот и му беше понудена служба во Вооружените сили. Имаше проблем само со обновувањето на членството во Комунистичката партија. На помош му дојде Георгиј Жуков, со кого заедно се бореа против Јапонците на Халкин Гол во 1939 година.
„Што се однесува до неговите командни квалитети, другарот Потапов беше најдобриот командант на армијата, а единиците со кои командуваше секогаш беа водечки. Во граничната битка 5-та армија се бореше со извонредна одлучност и храброст... Другарот Потапов исклучително добро командуваше со војската. Ќе додадам и дека тој беше човек со широка душа кој го сакаа сите негови подредени поради неговата добронамерност и разбирање“, се наведуваше во препораката на маршалот.