Советскиот шпион кој се претвораше дека е Германец и ги тероризираше нацистите во 2 светска војна

Russia Beyond (Photo: Yevgeny Khaldei/Global Look Press; Archive photo)
Како Хуго Штиглиц – главниот лик во „Неславни копилиња“ на Квентин Тарантино (2009), кој масакрираше офицери на Гестапо – советскиот таен агент Николај Кузнецов уби најмалку 11 високи нацистички функционери на окупираните територии.

На 30 септември 1943 година, во попладневните часови, Пол Даргел, вториот по важност нацистички раководител на територијата на окупирана Украина, излезе од Комесаријатот на Рајхот во градот Ровно. Од зад грб му пријде црн „Опел“. Вратата се отвори и кон функционерот на нацистичката власт полета противтенковската граната. Неколку секунди по експлозијата, црниот „Опел“ го снема, како и двете нозе на Даргел.

Тоа беше втор обид за атентат на високиот нацистички функционер што го изведе немилосрдниот советски шпион, партизан и ликвидатор Николај Кузнецов.

Николај Кузнецов, 1940.

„Вистински Ариец“

Идната легенда на советската шпионажа и партизанското војување, Николај Кузнецов не беше очекуван избор за НКВД, моќната советска безбедносна служба. На 18-годишна возраст тој беше исфрлен од Комсомолот, многу важна политичка младинска организација во Советскиот Сојуз. На 19-годишна возраст беше уапсен и осуден на една година работа со одземање на дел од платата откако во полицијата пријави случај на проневера во шумското стопанство каде што работеше.

Во атмосфера на општа сомничавост и апсења што владееше во Советскиот Сојуз во 1930-тите, личност со толку извалкана репутација можеше да стане лесна мета на репресивната машинерија, но среќни околности од корен му го променија животот на Кузнецов.

Пред сé, младиот човек покажуваше исклучителен талент за странски јазици, особено за германски. Го зборуваше течно и со леснотија совладуваше различни дијалекти.

Додека учествувашр во процесот на колективизација во 1932 година, Кузнецов покажа храброст во моменти на опасност, па беше забележан од претставници на НКВД, советската тајна полиција.

Откако му е препорачан на Леонид Рајхман, еден од началниците на НКВД, како разузнавач што ветува, Кузнецов го импресионираше со своето владеење на германскиот јазик и изгледот.

„Кога првпат го пречекори прагот, бев целосно изненаден: вистински Ариец! Беше повисок од просекот, виток а силен, со руса коса, правилен нос и сиво-сини очи. Вистински Германец, но без знаци на аристократска дегенерација. И добро држење, како професионален војник, а тој беше уралски дрвосечач!“ – изјави Рајхман за кандидатот.

Николај Кузнецов, 1930.

Воената мисија на Кузњецов беше исклучително изискувачка. Неговата задача беше да се преправа дека е нацистички офицер, да се инфилтрира во окупаторските сили на украинска територија и систематски и безмилосно да елиминира високи нацистички функционери.

Елиминација на нацистите

Преправен во германски оберлајтнант (постар поручник) Паул Зиберт, советскиот шпион целосно посветено ѝ пристапи на својата ризична мисија. За 16 месеци работа, Кузнецов погуби единаесет нацистички генерали и високи раководители на окупирана Украина.

Оние кои за среќа ја избегнаа правдата на Кузнецов, не го избегнаа следниот обид, понекогаш само неколку дена подоцна.

Паул Даргел, кој на 30 септември ги загуби нозете во претходно споменатата експлозија, беше цел на Кузнецов и во нападот извршен само неколку дена претходно. Советскиот агент со три истрели случајно уби друг нацистички раководител, мислејќи дека е Даргел. Разочаран од резултатот, Кузнецов ја нападна својата првична цел на истото место каде што претходно го уби несреќниот „двојник“ на Даргел.

Николај Кузнецов

Со секоја наредна успешна ликвидација, тензиите растеа. Окупаторските нацистички сили, онеспособени од серијата атентати, започнаа акција за потрага по советскиот таен агент.

Според сведочењето на полковникот Дмитриј Медведев, еден од водачите на советското партизанско движење во окупирана Украина, советскиот шпион избегнуваше да биде фатен благодарение на комбинацијата на снаодливост и исклучителна духовитост.

Кога сфати дека нацистите го проверуваат секој автомобил на улиците на Ровно, испрашувајќи ги патниците во потрагата по него, Кузнецов, облечен во нацистичка униформа, го паркираше автомобилот и се вклучи во потрагата, запирајќи други автомобили и ги испрашуваше нацистите за најбараниот убиец во нивните редови.

Во своите мемоари Медведев опишува ироничен разговор меѓу советскиот шпион и офицер на Гестапо:

- Стој! Документи! - заканувачки нареди Кузнецов.

- Не грижете се, господин капетан - одговори еден од луѓето во автомобилот, покажувајќи значка на Гестапо, - и ние го бркаме истиот бандит.

Николај Кузнецов во германска униформа (лево), комесарот на партизанскиот одред „Победници“ С.Т. Стехов и разузнавачот Н.А. Гнидјук

Коментирајќи го својот потфат, Кузнецов наводно рекол: „Се чини дека јас сум највеселиот и најсамоуверен нацистички офицер таму!“

Кузнецов со години успешно ја избегнуваше одмаздата на нацистите. За време на својата работа, велат, ја открил и локацијата на тајната база на Хитлер „Верволф“. Исто така, се верува дека дошол до информации кои овозможиле да се спречи операцијата „Долг скок“, нацистичкиот план за атентат на Рузвелт, Черчил и Сталин за време на Техеранската конференција 1943 година.

Легендарниот советски шпион е убиен во март 1944 година, кога се обиде да ја напушти окупираната Украина и да им се придружи на партизаните. Советските власти до 1959 година не знаеја што се случило со него. Тогаш советски истражен тим наводно ги пронашол посмртните останки на Кузнецов. На Николај Кузнецов постхумно му е доделено звањето Херој на Советскиот Сојуз.

Николај Кузнецов

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња