„За Марија Ивановна која имаше широк круг познаници одењето во Москва на подолго време не беше мала работа. Таа претходно мораше да се прости со сите, за случајно некој да не се навреди“, пишува за својата постара роднина функционерот од 19 век Дмитриј Рунич.
„Во четвртокот во шест часот Марија Ивановна седна во кочијата и тргна во посета, со список во раката, па тој ден прецрта 11 адреси, во петокот претпладне 10, по ручекот 32, а во саботата 10, што вкупно изнесува 63 посети, а 'десетте блиски роднини ги остави за крај'. По два дена следуваа возвратни посети, по ручек кај неа беа кнегињите Голицина, Шаховскаја, Татишчева, Гагарина и Николаева. Се исплаши, 'што ако сите сто сакаат да се поздрават со мене!', и нареди на сите да им кажат дека не е дома“.
Возење покрај Кремљ. Рудолф Френц, почеток на ХХ век
Слободни извориЗа московското и за петербуршкото благородништво визитите, формалните посети на роднините и познаниците станаа секојдневна обврска. Одењето и доаѓањето во град и од град, родендени, големи празници, венчавки и погреби, сите овие настани изискуваа формални посети. А, потоа требаше да се прими возвратна посета. Да се игнорира ова правило значеше исклучување на себеси од кругот на пристојниот свет, по што повеќе немаше надеж за напредок во службата или за добар брак.
Мачниот обичај на странците им се чинеше како нешто бесмислено, а некои, како Ирката Марта Валмонд, дури и ги револтираше. Така на почетокот на деветнаесеттиот век заедно со модата на сѐ англиско во Русија стаса и културата на визит-карти.
Во ходниците и во предворјата на куќите на луѓето со благородничко потекло за посетниците во тоа време постоеле сребрени послужавници и скапи садови. Обично имало два, еден за лично донесени, и друг за оние што се праќале по слугите. Постоеле и мошне необични места за оставање визит-карти, па така во московска куќа на благородници од стар род можеше да ве изненади препарирана мечка со отворена вилица и послужавник за посетници во шепите.
Секој угледен господин и дама од почетокот на 20 век носеле штос визит-карти со себе. Доаѓајќи на посета, тие повеќе не можеле веднаш да се претстават, туку се давале визит-карти. Посетниците на дамите биле со поголеми димензии и необично украсени. Визит-картите на мажите биле со димензија на денешните банкарски картички или кутија цигари, а посетниците на оженетите биле скромни и помали од визит-картите на беќарите.
На визит-картите се наоѓало името на сопственикот или на сопственичката, неговата/нејзината титула, чин или должност. На посетниците на лекарите и научниците пишувало „доктор“ и титула, кај воените лица воениот чин, а кај државните службеници рангот. Некои имале два вида визит-карти, едни со адреса, а други со празно место на кое можело да се закаже состанок или да се повика на ручек или на театар.
Не сите успевале да ги испочитуваат правилата на престолнините. Историчарот Михаил Загоскин оставил сведоштво како негов посетител на посетницата не ја оставил својата адреса. „Така еднаш морав да ги минам сите хотели и приватни куќи за да дознам каде отседнал еден провинцијалец кој ми беше на посета. Меѓутоа, додека го барав по цела Москва, тој заминал во својата губернија и сега, како што слушам, страшно ми е лут не само на мене, туку и на цела Москва. „Убава престолнина“, вели кога и да има можност. „Внимателни луѓе се овие московјаните“.
Ако личноста кај која некој доаѓал на гости била дома, слугата ќе ја однесел посетницата, а домаќинот решавал дали ќе го прими гостинот или ќе се повика на зафатеност. Ако домаќинот не бил подготвен да прими гости, посетницата ја оставал и на послужавник, како и во случај кога не бил дома.
Ако се одело на посета кај некој со повисок ранг во службата или по државната положба оставањето визит-карти се сметало за безобразие. Кога чиновниците доаѓале да ги посетат начелниците или благодорниците со не толку високо потекло, гроф или кнез, а тие не биле дома или не ги примале, мајордомот ги запишувал имињата на посетителите во посебна книга. Имало и интересни случаи.
Писателот Пјотр Вјаземски запишал: „Кога Карамзин официјално беше именуван за руски историограф кај некој на посета и му рекол на слугата: Ако не ме примат, запишете ме. Кога слугата се вратил со образложение дека домаќинот не бил дома, Карамзин го прашал: Ме запиша ли? Тој ми одговорил: Запишав. Што запиша, било следното прашање на Карамзин. Карамзин, гроф на историја, следувал одговор“.
Старото благородништво ги презирало визит-картите. Особено кога ги носеле слугите. „На што личи тоа, ќе го донесат слугата со запрега со четири коњи под прозорецот, и тој ќе ја фрли визит-картата на руска благородничка од старински род“, негодувале според зборовите на рускиот музичар Николај Макаров, тогашните тетки.
Свеж носител на орден. Павел Федотов, 1846.
Третјаковска галерејаНо, по крунисувањето на Николај Први во септември 1826 година сѐ се сменило. Николај Павлович и неговата сопруга Марија Фјодоровна во младоста биле големи ѕвезди на европските салони, а на нивното крунисување дошле стотици француски и англиски благородници коишто визит-картите ги користеле со полна пареа и не ги сметале за непристојни, Потоа културата на визит-карти во Русија дефинитивнo е воспоставена и се задржала сѐ до 1917 година.
Било вообичаено на првата посета да се оди лично, а потоа можело да се запише или да се остави визит-карта. Учтив одговор на оставена посетница бил да се испрати своја визит-карта, а ако тоа го немало, или ако посетницата е испратена во хартиен плик, тоа значело дека е подобро да не се доаѓа повторно во таа куќа.
Кога се оставала визит-карта, а домаќинот не се гледал, задолжително било таа да се превитка. Во зависност од тоа како тоа се правело, односно кој агол бил свиткан се менувало и значењето.
Десен горен агол – лицето дошло лично
Лев горен агол – честитање
Лев долен агол - изразување сочувство
Десен долен агол – проштевање.
Доколку ниту еден од аглите не бил свиткан, тоа значело дека посетницата ја оставил слуга. Секако, мошне брзо почнале да се испраќаат свиткани визит-карти и преку слуги. Кнезот Сергеј Трубецкoj во првата половина од минатиот век има запишано: „Обично остававме кога заминувавме од свечен настан, претходно свиткани карти на портирот (со рубља) или еден од нас ги носеше картите на своите пријатели. Несвиткани карти во Москва тогаш никој не оставаше или не праќаше“.
Веќе кон средината на 19 век обичајот на оставање визит-карти што требало да остави барем привид на учтивост се претворило во сосема механичка процедура што ја извршувале слугите. „За Нова година и за светла недела имаше најмногу посетници во оптек“, сведочи Михаил Хагоскин. „Лакеите или пеш или на коњи одеа по цел град. Меѓутоа, разнесувачите на посетници најдоа начин да ја олеснат својата работа, па постоеја зборни места, а тоа главно беше на Охотни рјад. Таму ги споредуваа списоците и ги разменуваа посетителите.
Секако, доаѓало и до грешки. Се случувало да добиете посетница од некој господин што воопшто не го познавате, или да му честитате празник на човек којшто не би сакале ни да го сретнете“.
Сепак, во Руската Империја, во сите времиња најмногу се ценеле личните посети. Понекогаш посетницата, оставена или испратена на некоја важна личност, можела да стави крај на кариерата на несреќниот посетител.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче