Зошто руските благородници во 19 век меѓу себе разговарале на француски?

Портрет на кнезот Д.В. Голицин.

Портрет на кнезот Д.В. Голицин.

Франц Рис
Во 18 и во 19 век француската граматика на некои Руси им била првата граматика што ја учеле. Од друга страна, приватните часови по француски на почетокот им ги држеле поранешни робијаши и ситни криминалци. Како и зошто познавањето на францускиот јазик станало задолжително во круговите на руското благородништво?

Кога кнезот Дмитриј Голицин (1771-1844), кој бил московски генерал-губернатор, се изнервирал и почнал да пцуе на руски, неговите потчинети се исплашиле и воедно се воздржувале да не пукнат од смеење. Тој тогаш ги употребил највулгарните зборови, но со елитен француски изговор.

Портрет на кнезот Д.В. Голицин.

Работата е во тоа што Голицин подобро знаел француски одошто руски јазик. Поголемиот дел од својата младост ја минал во Франција, а кога во 1820 година станал московски генерал-губернатор сите забележале дека тој зборува руски со забележлив француски нагласок, и дека во пишувањето на руски прави неверојатни грешки.

Во 19 век ова во Русија била вообичаена појава зашто сите претставници на благородништвото меѓу себе зборувале на француски. Тој обичај бил привремено стопиран во војната против Наполеон, но не бил искоренет.

1. На руското благородништво му бил потребен јазик што слугите не го разбираат

Павилјонот „Ермитаж“ во Петергоф

Првиот „ермитаж“ во Русија го направил Петар Велики во Петергоф, предградие на Санкт Петербург. Така Руските го нарекувале павилјонот надвор од градот во кој благородниците можеле да се одморат и да се одвојат од своите слуги. Послугата можела да се наоѓа само во приземјето, додека благородништвото престојувало на катот.

Постоел механизам налик на лифт со чија помош послугата испраќала храна на господата на катот и така не можела да ги слушне нивните разговори.

Петар Велики со пријателите често вечерал во ермитажот зашто тогаш сè уште не постоел обичај да се разговара на француски. А, кога станувало збор за милиони рубли или за милиони животи, никому не му било од интерес портирот или слугинката зад мијалникот да ги прислушува и потоа да ја шири таа приказна. Поради тоа францускиот бил избран како јазик што слугите не го разбираат. Но, зошто токму францускиот, а не англискиот или германскиот, кога во Руската империја имало толку многу Германци?

2. Францускиот станал меѓународен јазик на политичарите во Европа

Страница од Вестфалскиот договор на француски јазик.

Во Европа во модерната доба (од 1500 година) латинскиот бил меѓународен јазик на науката и на дипломатијата. Но, тој воопшто не бил лесен за учење и го знаеле само високообразованите луѓе, па поради тоа во меѓународните односи на негово место дошол францускиот.

Во 1539 година францускиот станал официјален јазик на Франција, а сто години подоцна, во 1635 година, основана е Француската академија за реформа на францускиот јазик. Формулирани се низа определени граматички правила. Првите поважни меѓународни документи напишани на француски јазик биле Вестфалските мировни договори.

Од средината на 17 век и руските дипломати и научници почнале да учат француски.

3. Многумина Французи по револуцијата од 1789 година емигрирале и во Русија и таму давале часови по француски.

„Час по пеење“

Во Руската империја во 18 век само најбогатите луѓе можеле да им овозможат на своите деца елитно европско образование, односно да ги испратат на школување во странство. Останатите благородници можеле само да најмат Французин кој би им давал часови на нивните деца и би живеел на нивниот имот. Овие учители на руските момчиња и девојчиња им давале часови по француски јазик, по музика, танц, јавање и по учтиво однесување. На момчињата им давале и часови по мечување, а на девојчињата часови по сликање.

Многу вакви учители пред Француската револуција биле ситни криминалци и лажговци, и во секој случај немале високо образование. Рускиот историчар Јуриј Лотман пишува дека во 1770 година во една пригода францускиот амбасадор во Петербург го препознал својот поранешен кочијаш кој во Русија станал учител. Уште полош бил случајот кога еден француски робијаш жигосан со симболот на хералдички лилјан како и сите други робијаши, во Русија се претставил како бурбонски принц и за малку не се оженил со благородничка, но пообразованите Руси на време го разоткриле.

Состојбата се сменила по Француската револуција кога голем број образовани Французи (вклучувајќи ги и заколнатите монархисти) ја напуштиле својата татковина, бегајќи од ѕверскиот терор. Тие биле добро пречекани во Руската империја која тогаш била апсолутистичка монархија како и Франција.

Од крајот на 18 век учителите од Франција биле задолжителни практично во секое руско благородничко семејство. Новите француски учители биле пообразовани од своите претходници и на руското благородништво му го всадувале вистинскиот француски јазик и вистинските француски манири.

4. Благородништвото со знаење на француски јазик се издвојувало од останатите

Бал во Петербуршкото благородничко собрани во 1913 година по повод 300-годишнината од династијата Романови.

Во 19 век руското благородништво толку добро го совладало францускиот јазик што многу благородници како што е кнезот Дмитриј Голицин подобро знаеле француски одошто руски. Околу 70% од книгите во библиотеката на просечен руски благородник биле на француски јазик. Русите ги читале Џорџ Гордон Бајрон, Вилијам Шекспир, Валтер Скот, Хајнрих Хајне и други европски писатели во превод на француски. Англиската книжевност на англиски јазик во програмата за школување на руските благородници влегла многу подоцна, во 19 век.

Во приватните преписки и особено во љубовните писма се користел исклучиво францускиот јазик. Императорот Николај Први наредил сите државни документи да се пишуваат само на руски јазик, но тоа не помогнало многу. Може слободно да се каже дека руското благородништво во 19 век било двојазично. Познавањето на францускиот јазик било своевиден знак за препознавање.

Интересно е што Французите и самите им признавале на Русите дека добро ги познаваат францускиот јазик и култура. Во романот на Стендал „Црвено и црно“ (1830 година), главниот јунак Жилиен Сорел го запознава кнезот Коразов, како и други руски благородници со кои се дружи и од кои може да научи многу работи за фините манири и за културното однесување. Стендал зборува за тоа дека Русите во Европа во 19 век навистина биле носители на старата француска култура.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња