Сè што треба да знаете за Гагарин - КРАТКО И ЈАСНО

Daily Herald/Mirrorpix/Getty Images
Дали првиот космонаут на нашата планета бил син на обичен овчар? И дали е вистина дека страдал од депресија и починал за време на рутински тренинг? Ги собравме најважните факти за човекот кој прв престојуваше во вселената.

Гагарин – син на обичен овчар

Пилотот-космонаут Јуриј Гагарин со родителите дома во Гжатск (сега Гагарин), 1961.

Гагарин беше, како што се вели, „обичен човек од народот“. Татко му беше овчар, а мајка му водеше свињарска фарма. Уште како дете помина година и пол под германска окупација. По завршувањето на училиштето се запишува во училиште за леари и истовремено се запишува во аероклуб. Кога заминува на отслужување на воениот рок, распореден е во авијација. Така започна неговата пилотска кариера. По 265 часа лет го доби звањето „воен пилот од 3 класа“ и дојде до чинот натпоручник.

Знаеше дека мисијата може да биде самоубиствена

Јуриј Гагарин со екипата на првиот одред космонаути на СССР во Центарот за обука на космонаути 1960 година.

Пред неговиот лет, во орбитата четири пати беа испраќани тест-кукли и еден од нив изгоре. Таа информација беше најстрога државна тајна, но сите знаеја дека постојат реални шанси Гагарин да не се врати од вселената.

Дотолку повеќе што три дена пред стартот Сергеј Королев, раководител на вселенската програма, реши да им покаже на космонаутите како полетува боевата ракета Р-9А, но таа експлодираше на космодромот во 08:00 часот за време на лансирањето во присуство на космонаутите. Королев потоа побрза да му објасни на Гагарин дека ракетата Р-7 е далеку посигурна.

Гагарин за секој случај сепак ѝ напиша на жена си проштално писмо.

За време на полетувањето Гагарин помисли дека се запалил и дека гори

Јуриј Гагарин по излегувањето од модулот за слетување на вселенскиот брод „Восток-1“.

Во тоа време сé уште никој не знаеше какво е чувството кога вселенски брод поминува низ слоевите на атмосферата. Поради тоа Гагарин помисли дека бродот гори кога ги виде пламените јазици на надворешната површина на капсулата „Восток-1“. Во паника стапи во контакт со центарот за контрола на летот и рече: „Горам! Збогум, другари!“ Подоцна оваа кратка епизода беше прикриена.

Гагарин навистина за малку ќе го изгубеше животот во 1961 година

Пред полетување, космодром Бајконур, 12 април 1961. Сцена од документарниот филма „Советите во вселената“.

Во тоа време атерирањето на капсулата на земја сè уште беше технички неизводливо. Затоа, Гагарин мораше да се катапултира од неа и да се спушти со падобран. И се катапултираше како што беше планирано, но вентилот за довод на воздух во неговиот херметички костум не се отвори веднаш. Првиот човек во вселената, кој го изведе најопасното можно патување, за малку ќе умреше во последната фаза од таа мисија.

Гагарин е избран поради својот изглед

Беше атлетски граден, имаше добра координација на движењата и одлично поминуваше на тестовите, но немаше некои посебни таленти кои би го направиле да се истакне меѓу останатите кандидати за првиот лет во вселената. Само беше фотогеничен, имаше убава комбинација на име и презиме и магична насмевка. Советскиот лидер Никита Хрушчов знаеше дека првиот космонаут автоматски ќе стане јавна личност и „лице“ што ќе ја претставува земјата. И дека тоа лице мора да биде привлечно.

Летот е изведен во режим на авто-пилот

Беше одлучено целиот лет да се изведе во автоматски режим со цел ризикот од управување со вселенскиот брод да биде сведен на минимум. Космонаутот можеше да го преземе „кормилото“ само во случај да откаже авто-пилотот. Но, тоа не се случи.

За летот доби голем хонорар

Појадок во својот стан.

Тој податок долго време беше државна тајна. Денес знаеме дека за летот на првиот човек во вселената Советите издвоија хонорар од 15000 рубли, т.е. 187 просечни месечни плати во СССР. Но, парите не беа единствената награда. Гагарин доби целосно наместен четирисобен стан, луксузен автомобил и куќа за родителите, а згора на тоа му беше обезбедено буквално сé што му требаше за живот, од капути и кошули до електрична машинка за бричење. Овде детално опишавме како тоа беше регулирано и колку заработуваат космонаутите денес.

Во татковината е пречекуван како суперѕвезда

Куба, Хавана, 26 јули 1961. Фидел Кастро и Јуриј Гагарин

На 12 април 1961 година цел СССР ги остави сите свои работи и работниот ден беше претворен во празник од национални размери. Јуриј Гагарин, за кој дотогаш немаше слушнато, за само неколку часа стана голема ѕвезда. Овде можете да видите како беше пречекуван на советските улици.

Гагарин веднаш беше испратен на светска турнеја во 29 земји. Ручаше со кралицата на Велика Британија, киснеше на тропскиот дожд на Куба со Фидел Кастро и одеше на прием со италијанската актерка Џина Лолобриџида.

Цел живот сакаше само една жена

1960-ти

„Сè ми се допаѓаше кај неа: и карактерот, и нискиот раст, и кафените очи полни со светлина, и плетенките, и малку пегавото носе“ - вака Јуриј Гагарин ја опишуваше својата сопруга Валентина. Заедно поминаа единаесет среќни години. Дури и кога го стигна светската слава и восхитот на илјадници жени ширум светот, тој остана верен на една скромна жена „во обичен син фустан“. По смртта на нејзиниот сопруг, Валентина не се омажи и никогаш не даде ниту едно интервју. Овде прочитајте со што се занимаваше таа.

Гагарин никогаш повеќе не леташе во вселената

Утринска гимнастика на спортскиот терен на Ѕвездениот град.

Како резултат на бескрајните гостувања низ светот, здравјето на Гагарин беше нарушено, се здебели и тоа го загрижуваше. Се плашеше дека главната команда повеќе не планира да го праќа во вселената. Им се врати на тренинзите во 1963 година, но навистина никогаш повеќе не полета во вселената.

Раководителот на обуката за космонаути Николај Каманин тоа го опиша вака во својата книга „Скриена вселена“: „Гагарин се надева дека повторно ќе лета во вселената, но мала е веројатноста дека тоа некогаш ќе се случи. Тој е премногу скапоцен за човештвото за да се ризикува неговиот живот за некој редовен вселенски лет“.

Гагарин страдаше од депресија и многу пиеше

Гагарин на одмор, Крим 1961.

Тој страдаше поради тоа што не можеше повторно да лета во вселената и паѓаше во депресија. Покрај тоа, стана зависен од алкохол бидејќи сите луѓе околу него, од роднини до министри и маршали, сакаа да се напијат со Гагарин во име на пријателството, љубовта, вселената и илјадници други причини.

Сè почесто се ширеа приказни за пијаните испади на Гагарин. Најпознатиот случај се случи во црноморското одморалиште Форос, каде Јура скокна од балконот на хотелот и се здоби со фрактура на челната коска, по што помина еден месец во болница.

Го загуби животот за време на обичен тренинг

Јуриј Гагарин (лево) и воениот пилот од 1 класа полковник Александар Справцев (десно) на воен аеродром пред вежбовен лет.

Загина во авион МиГ-15 пролетта 1968 година, за време на редовен тренинг. Тогаш Гагарин со мирен глас јави дека ја завршил задачата за летање и дека се враќа во базата, по што неговиот ловец влезе во спирала и удри во земјата.

Во текот на истрагата се насобраа 29 тома материјал со печатот на државна тајна. Не е објавен ниту еден, па ниту ни најкраток заклучок за околностите на загинувањето. Дури во 2011 година, врз основа на тие документи, беше објавено дека причина за трагедијата најверојатно бил остар маневар и судар со метеоролошки балон. Патем, Гагарин не беше сам во авионот. Овде дознајте кој загина заедно со него.

Телото на Гагарин е кремирано, а правот заѕидан во кремљовскиот бедем

Погребот на Јуриј Гагарин и Владимир Серјогин

На крајот на 1960-тите советската власт веќе смисли како да го избегне „христијанскиот стил“ на погребување, па затоа многу познати луѓе беа кремирани.

Истото беше направено и со Гагарин. Урната со неговата пепел беше заѕидана во бедемот на Кремљ, каде што тогаш веќе имаше формирано цела некропола од познати комунисти, воени лица и државници.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња