Познатите зборови на царот Александар III за флотата и војската - дали навистина биле кажани?

Russia Beyond (Централен военопоморски музеј; Public Domain)
Постои сведоштво за познатиот цитат на рускиот император, но проблемот е што тие зборови ги слушнал само еден човек.

„На големиот ручек во Зимскиот дворец, седејќи на масата спроти царот, емисарот [на Австро-унгарија] го постави мачното балканско прашање. Царот се правеше дека не го забележува лутиот тон на емисарот, а овој се разгори и дури алудираше на можноста Австрија да мобилизира два или три корпуса. Императорот Александар III го слушаше сето тоа со одредена доза на потсмев, а потоа зеде виљушка, ја свитка во јазол и ја фрли кон есцајгот на австрискиот дипломат:

„Еве што ќе направам со вашите два-три мобилизирани корпуси“, мирно рече царот.

„Во целиот свет имаме само двајца верни сојузника“, сакаше тој да им кажува на своите министри: „Тоа се нашата војска и нашата флота. Сите други ќе се свртат против нас штом ќе им се укаже првата можност“.

Портрет на Александар III, А. фон Бутлер, почеток на 1880-тите.

Тоа е извадок од сеќавањето на великиот кнез Александар Михајлович (1866-1933) или Сандро, како што го нарекувале домашните. Сандро бил брат по стрико на Александар III. Своите мемоари почнал да ги пишува во 1920-тите, кога веќе бил блиску до своите седумдесет години, што значи дека од опишаната ситуација поминале повеќе од 40 години (Александар III починал во 1894 година кога Сандро имал 28 години).

И никаде на друго место не се спомнуваат тие зборови на царот, освен кај Александар Михајлович, што е многу чудно, ако навистина толку многу „сакаше да им ги кажува“ на своите министри.

Великиот кнез Александар Михајлович „Сандро“

Покрај тоа, Александар воопшто не водел воинствена политика, а Русија имала сојузник. Царот Александар III првпат по периодот на Наполеон склучил таен одбранбен сојуз со Франција. Во текот на 13 години од владеењето на овој император, Русија не учествувала во ниту една војна.

Ако Александар III не ја кажал таа фраза, како можела да се појави?

Историчарот Константин Душенко претпоставува дека изворите треба да се бараат во зборовите на императорот Вилхелм II Германски (1859-1941): „Главната потпора на државата се армијата и флотата“. Тие се појавија во 1914 година во биографска книга посветена на Вилхелм.

Вилхелм II Германски 1902.

Но, и тие зборови се поврзуваат со легендарната фраза (која исто така не е потврдена) на германскиот император Фридрих Велики: „Нашите најдобри сојузници се нашите најдобри трупи“. Тоа, наводно, го рекол по победата на Прусија над Австрија и Саксонија во битката кај Хоенфридберг во 1745 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња