- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
На почетокот на февруари 1945 година, трупите на Првиот белоруски фронт предводени од маршалот Георгиј Жуков пристигнаа на дофат на Берлин. До „дувлото на фашистичкиот ѕвер“ остануваа уште само 70 километри.
Во текот на следните неколку месеци, Црвената армија собираше сили и се подготвуваше за најважната операција во последната фаза од војната. Во тоа време, успешните офанзиви во Источна Померанија, Унгарија, Словачка и Австрија овозможија да се осигураат крилата на советските трупи кои дејствуваа во правец на главната офанзива.
Public domain
Со цел да го заземе Берлин, СССР концентрираше трупи кои броеја околу два милиони луѓе. Покрај трупите на Жуков, во операцијата беа ангажирани и Првиот украински фронт на маршалот Иван Конев, Вториот белоруски фронт на маршалот Константин Рокосовски, 18-та воздухопловна армија на стратешката авијација, Днепарската воена флотила и Балтичката флота. Во рамките на фронтовите дејствуваа 1-та и 2-та Полска армија.
„Одлучивме да удриме на војската што се бранеше со толкава сила што веднаш ќе ги потресеме и ќе ги здрмаме до темел, фрлајќи врз нив авијација, тенкови, артилерија и други видови оружје“, пишува Жуков во своите „Сеќавања и размислувања“.
Александар Устинов/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Престолнината на Третиот Рајх го бранеа трупите на армиите „Центар“ и „Висла“, како и народните доброволечки баталјони на фолксштурмот, кои броеја вкупно 800.000 војници. Советскиот контингент имаше двојно повеќе жива сила и авиони и четири пати повеќе влечни и самоодни артилериски орудија и тенкови.
Сите свои надежи Германците ги полагаа во моќната и длабоко ешалонирана одбрана што ја поставија од Одра до Берлин. Една од првите утврдени линии на кои наидоа советските трупи се протегаше по должината на возвишенијата на подрачјето на градот Зелов. Таму беше стационирано тешко оружје и голем гарнизон од 100.000 луѓе. Како што истакнува маршалот Жуков, „длабоко вкопани в земја, особено на спротивните падини, непријателот можеше да ги заштити своите сили и техника од огнот на нашата артилерија и бомбардирањето на нашата авијација“.
Иван Шагин/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Во првата фаза која започна на 16 април, советската офанзива се одвиваше мошне тешко. Советските трупи мораа да „гризат“ пробивајќи ја германската одбрана и потиснувајќи го жестокиот непријателски отпор. Зеловските висини беа заземени дури на 18 април.
Па сепак, само неколку дена подоцна, тенковските единици на Првиот белоруски и Вториот украински фронт веќе напредуваа со забрзано темпо и успешно се пробиваа низ одбранбените линии на непријателот, отворајќи ѝ го патот на главнината на армијата германската престолнина. На 20 април, советската артилерија со долг дострел за прв пат почна да го гранатира Берлин. Тоа беше своевидна „роденденска честитка“ за Хитлер.
Public domain
Трупите под команда на Жуков и Конев плански го опколуваа градот од север и југ правејќи обрач околу него. Секој војсководец се подготвуваше прв да продре во Берлин. Сталин му ја довери таа задача на Георги Константинович Жуков.
Западно од Берлин, на подрачјето на Кецин, трупите на Втората гардиска тенковска армија на Првиот белоруски фронт се сретнаа со Четвртата гардиска тенковска армија на Првиот украински фронт. Така, обрачот околу градот беше затворен и околу 200.000 војници на Вермахтот и СС-дивизиите, како и припадници на доброволечките одреди на фолксштурмот се најдоа во стапица.
Марк Редкин/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Главниот град на Третиот Рајх во тој момент личеше на една голема тврдина. Секоја улица и секоја висококатница со масивни ѕидови беа претворени во упориште. Германците интензивно ги користеа подземните комуникации (метрото, засолништата, собирните и одводните канали) за брзо преместување од еден кварт во друг, па дури и за ненадејно излегување на површината во заднината на советските трупи.
Офанзивата ја предводеа јуришните групи во состав на моторизираните пешадиски единици засилени со влечна и самоодна артилерија и деминерски одреди. „Напредувавме бавно, прилепувајќи се за ѕидовите на зградите за да ја заштитиме барем едната страна на машината од „фаустовците“. Оние кои одеа на средината на улицата веднаш изгореа“, напиша подоцна тенкистот Иван Маслов. Не помалку опасни беа германските противвоздушни орудија кои отвараа оган врз советските авиони, но и врз оклопната техника и пешадијата.
Евгениј Халдеј / TASS
Отпорот на Германците стануваше сé пожесток како што советските трупи сé повеќе се приближуваа до центарот на градот. „Многу од бранителите на градот се бореа за опстанок со надеж дека ќе ги задржат Советите додека западните војски не окупираат што поголем дел од Германија, а можеби и Берлин. Но, нивните надежи не беа оправдани“, пишува Зигфрид Кнапе, офицер на 56-от тенковски корпус на Вермахтот.
На 30 април, денот на самоубиството на Хитлер, германскиот гарнизон беше поделен на неколку изолирани групи. Почнаа жестоки битки за Рајхстагот. Советските хаубици со калибар 152 мм, како и моќните хаубици со калибар 203 мм со прекар „Сталиновите чекани“, ја биеја зградата со директен оган. Вечерта истиот ден црвеноармејците го кренаа на покривот првото јуришно црвено знаме.
Иван Шагин/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Ноќта на 1 мај, во штабот на Осмата гардиска армија на генералот Василиј Чујков со подигнато бело знаме пристигна германска делегација на чело со генералот Ханс Кребс, кој ја претставуваше новата германска влада на адмиралот Карл Дениц. Германците се обидоа да се договорат за примирје, но добија категоричен одговор кој воопшто не ги радуваше: во предвид доаѓа само безусловна капитулација.
Утрото истиот ден, водникот Михаил Егоров и помладиот водник Мелитон Кантарија го подигнаа над Рајхстагот јуришното знаме на 150-та моторизирана пешадиска дивизија, кое подоцна стана познато како Знамето на Победата. И покрај тоа, борбите во зградата продолжија до доцните вечерни часови, додека Рајхстагот гореше од експлозиите на проектилите истрелани од фаустпатрони.
Public domain
Германската команда конечно на 2 мај заклучи дека понатамошниот отпор е бесмислен. Во 6:30 часот, командантот на Берлин, генерал Хелмут Вајдлинг, им нареди на остатоците од градскиот гарнизон да капитулираат.
Во Берлинската офанзива Црвената армија уништи 70 пешадиски и 23 тенковски и моторизирани непријателски дивизии. Германците изгубија околу 100.000 луѓе (а Советите 80.000). Беа заробени 480.000 германски војници.
Евгениј Халдеј / TASS
Десетици илјади припадници на Црвената армија беа наградени со ордени за храброста искажана во борбите. Над 600 војници го добија звањето Херој на Советскиот Сојуз. На имињата на 187 единици беше додаден почесниот епитет „Берлински“.
Војната не заврши веднаш по заземањето на главниот град на Третиот Рајх. На северот на Германија имаше нова влада која беше подготвена да им се предаде на Американците и Британците, но не и на Советскиот Сојуз. Во Австрија и Чешка беа стационирани воени контингенти подготвени да пружат отпор.
Згора на тоа, дури и дел од советската територија сè уште беше под непријателска окупација. Германски контингент од 200.000 војници, притиснат и отсечен во Курландија (западна Летонја), сè уште даваше отпор.
Тимофеј Мељник / Sputnik