Рајхстагот според своите габарити била една од најголемите згради во центарот на Берлин, кој преостанатите германски сили кои одбивале да го предадат го претвориле во пепел и прав. Самиот комплекс на Рајхстагот бил од три страни опкружен со каналот на реката Шпре (во облик на кириличната буква П), така што постоел голем проблем при приодот од офанзивна точка со цел негово заземање. Дополнителен проблем за напаѓачите бил и мошне нискиот водостој на реката за време на изведувањето на Берлинската операција. Имено, од другата страна на брегот се наоѓал масивен бетонски ѕид со висина од три метри кој претставувал исклучително тешка вештачка препрека за единиците на Црвената армија, кои би се обиделе речното корито да го форсираат со употреба на чамци, на скелиња и на други десантни средства. Ова било особено комплексно, доколку се знае дека самиот десант се изведувал во вонредно тешки услови, под дожд од непријателски гранати и куршуми.
Истовремено, приодот до Рајхстагот од четвртата страна на која не постоела водена препрека бил едноставно невозможен. Тука се наоѓал екстремно утврдениот парк Тиргартен, каде Германците ја контролирале главнината на своите сили. Меѓу густопоставените и ешалонирани огнени точки од кои „удирале“ панцерфаусти, флакови, минофрлачи, ПАК-40.43, Тигри, доминирала високата кула направена од масивни армирано-бетонски ѕидови, кои практично било невозможно да се урнат. Накусо, оваа позиција била толку силно обезбедена и во организациска смисла вешто подготвена, што полесно било да се пацифицира комплетниот берлински гарнизон, одошто во фронтален напад да се заземе паркот Тиргартен.
Кога станува збор за одбраната, во непосредна одбрана на Рајхстагот и во пристапните улички кои излегувале кон ова здание се собрала групација од околу 5 илјади до заби вооружени германски војници (главно Вафен СС), но и човечка сила која била мобилизирана преку Вокштурм одредите (г. Рошток). Оваа групација во Берлин била префрлена непосредно пред почетокот на советската операција со цел организација на одбраната на ова здание.
Преминот преку каналот на реката Шпре бил можен преку мостот Молтке. Германските инженери успеале да го минираат мостот, но оваа задача не била изведена на најдобар можен начин зашто неговата структура само делумно се урнала во водата (можна е саботажа во самите германски единици – заб. прев.). Откако виделе дека операцијата на уривање на мостот не била реализирана во стопроцентен обем, Германците се обиделе со прострелување на неговите потпорни бетонски носачи (во таа пригода биле ангажирани околу десетина артилериски цевки) да го довршат неговото уривање. Меѓутоа, во таа намера не успеале поради големата концентрација советска артилерија која ја оневозможувала потребната густина на оган која е неопходна за уривање на мостот.
Со привлекување на артилеријата на директната линија на огнот (ИСУ-152, тешката хаубица Б-4), како тешките тенкови ИС, Црвената армија на тесниот простор остварила стратешка превласт која овозможила постепен приод на десантно-офанзивните, на инженерските и на оклопните единици кон коритото на реката Шпре и кон полуурнатиот мост Молтке. На непријателските огнени точки кои го покривале просторот околу мостот дејствувале стотина различни цевки, вклучувајќи и реактивна артилерија. Во услови на апсолутна огнена доминација, офанзивните групи на Црвената армија успеале да ја минат реката и да образуваат мостобрани на нејзиниот спротивен брег, заземајќи го истурениот ешалон на бункерот.
Тој 29 април единиците на Црвената армија успеале да остварат неочекувано добри резултати. Десантно-офанзивната група на 525 пешадиски полк, со дополнително зајакнување го продолжила нападот и ја ликвидирала одбраната во неколку објекти кои се наоѓале на северозападната страна на Рајхстагот. За време на кршењето на германскиот отпор, масовно се користеле рачни бомби, додека непосредна огнена поддршка давале артилериските и самоодните оружја, вклучувајќи ги и разорните ракетизирани проектили со калибар од 200 милиметри „Вањуша“, кои можеле да урнат цел еден кат.
Покрај левокрилните десантно-офанзивни групи кои биле составени од 525 и од 380 пешадиски полк на 171 пешадиска дивизија, на централниот правец на нападот во борбата се воведени два пешадиски полка на 150 пешадиска дивизија (674 и 756), додека десното крило на нападот го презеле два пешадиски полка (597 и 508) од составот на 207 пешадиска дивизија.
Во следните неколку дена најголем напредок е остварен во централана насока на нападот каде дејствувале два пешадиски полка на 150 пешадиска дивизија (674 и 756), додека од левото крило 171 пешадиска дивизија и од десното крило 207 пешадиска дивизија обезбедиле непречено одвивање на операцијата, опфаќајќи ги германските страни со цел нивна изолација.
Според процените на советската команда во самата зграда на Рајхстагот се наоѓала групација која броела околу 1.500 германски офицери и војници. Таа целото ова здание го претворила во едно лавиринтско утврдување со огромен број поврзани внатрешни точки во самиот објект, кои се поставени по подрумските простории, на приземјето и на катовите.
Централната нападна група на Црвената армија која била составена од два пешадиски полка на 150 пешадиска дивизија успеала да го совлада силно утврденото здание на Министерството за внатрешни работи и до крајот на 30 април да ја скрши надворешната одбрана на Рајхстагот која се потпирала на серија ровови и бункери кои биле изградени на потегот помеѓу главната зграда и зградата на Министерството за внатрешни работи. Исклучително важен фактор во успешноста на овој напад била артилериската поддршка која била составена од неверојатни количини артителриско-ракетни оружја кои во густ распоред биле поставени околу зградата на Рајхстагот. Тие биле толку многу што постоел голем организациски проблем како целото тоа оружје да се постави за нивното дејство да биде ефикасно.
На пример, лесните влечни противтенковски топови на раце биле изнесувани низ прозорците, низ балконите и од покривот на околните згради, од каде извршувале дејство врз непријателот кој под борбата се повлекувал во внатрешноста на Рајхстагот.
Евгениј Халдеј/ТАСС/Германија, Берлин, 2 мај 1945 година. Борците на Црвената армија пред Бранденбуршката порта по падот на Берлин во рацете на советските единици.
Евгениј Халдеј/TASSОпштиот напад на Рајхстагот започнал во раните зори на 30 април. Германските сили добро го издржале првиот напад и извеле противудар со што накусо го запреле. Во 13 часот и 20 минути истиот ден Црвената армија го започнува вториот бран. Истовремено, руските единици кои го зазеле мостот Молтке ги ликвидираат последните џебови на отпорот од каде можел да биде загрозен преминот. На лице место излегувале инженери кои брзо го оспособувале мостот за премин на тешка оклопна техника, која во попладневните часови тргнала да се префрла на брегот на кој се наоѓал комплексот со зградата на Рајхстагот.
Некаде до 14 часот и 50 минути делови на советската 150 пешадиска дивизија на повеќе тактички правци успеваат да продрат во зградата. Во Рајхстагот започнала повеќечасовна битка за живот или за смрт. Активно употребувајќи фрлачи на пламен кои се покажале како исклучително употребливи за неутрализирање на целиот сет бункери, прегради, мртви агли по ходниците на зданието, Црвената армија го збива непријателот во лавиринтот премини кои се наоѓале во подрумот на зградата од каде цела ноќ продолжил активниот отпор.
Во раните зори, преостанатите германски сили кои се наоѓале во подрумските и во приземните простории, во содејство со борбената група која го бранела паркот Тиргартен во очај се обидуваат од две насоки да извршат противудар по советските сили кои се поставиле поточно и дотогаш зазеле добар дел од Рајхстагот.
Овој противудар освен ново гинење на германски војници (многумина од нив биле и присилно мобилизирани) немал никаков ефект на решеноста на советските сили кои постојано напаѓале. Преостанатиот дел од германските сили повторно бил вратен на почетните позиции без никакви изгледи за каков било успех. Следниот ден, десеткуваната германска групација стапила во контакт со советските офицери и со бело знаме во рацете го предала своето оружје, со што и формално капитулирал германскиот гарнизон во Берлин.
Самиот Рајхстаг немал некое големо симболично значење за Германците. Ова здание немало некоја исклучително голема употребна функција која историјата му го наменила на Третиот рајх. Меѓутоа, и покрај тоа, не е случајно што токму ова здание станало еден од симболите на заземањето на Берлин.
Кога станува збор за Берлинската операција, германските сили немале физичка можност за помасовно да го опколат Берлин и да го подготват за одбрана, зашто Црвената армија со своите маневарски оперативно-стратегиски состави успеала на повеќе места да опколи неколку германски групации кои пред советските сили се повлекувале кон Берлин. На овој начин голем број германски војници не можеле да ги заземат одбранбените позиции кои однапред биле снабдувани со муниција и со храна.
Како резултат на овие подготвителни операции на Црвената армија (операции на гонење) во кои биле изолирани десетици илјади непријателски војници, самиот одбранбен систем на Берлин бил мошне порозен и полн со дупки. Еден од најголемите градови во Европа (главниот град на Третиот рајх) бил заземен мошне брзо – молскавично, каде огромната контрола над зградата на Рајхстагот немале некакво симболично значење, што не може да се каже за воениот аспект на операцијата.
Германските единици не биле во состојба да ги покријат сите одбранбени позиции на одбраната на градот поради хроничен недостиг од луѓе. Тие поголемиот дел од своите расположливи сили ги распоредиле на клучните одбранбени објекти, додека во меѓупросторот имало голема можност за маневрирање. Рајхстагот бил еден од таквите објекти кој имал доволно голема цврстина да издржи тешко бомбардирање на артилерија и авијација. Од друга страна, самиот комплекс околу зградата со неколку исклучително цврсти објекти погодни за одбрана се наоѓал во самиот центар на Берлин. Кога Црвената армија го зазела самиот епицентар на градот, таа можела по своја желба да ја продолжи својата операција во која било насока, силно компромитирајќи го неговиот систем на одбрана (сечење на парцијални делови и опколување). Откако Црвената армија во стратешка, чисто воена смисла го зазела делот од градот во кој се наоѓала зградата на Рајхстагот, Битката за Берлин била запечатена.
Прочитајте исто така: Како жителите на Советскиот Сојуз ја дочекаа победата во Втората светска војна
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче