Што се носеше во СССР во зима (ФОТОГРАФИИ)

Историја
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Советските граѓани практично немаа никаков избор, затоа сите носеа исто. Во нашата галерија можете да видите и ватник (штепувана јакна полнета со памучна вата), и бунда од персијанер (крзно од астраханско јагне) и груби волнени марами што „боцкаат“.

Во текот на 1920-тите и 1930-тите, повеќето од жителите на градовите и селата се облекуваа едноставно, па дури и по малку „простачки“. Сите носеа тенки капути, валенки и „бурки“ (долги наметки од чоја). Набрзо ватникот стана главниот зимски костум. Таа ватирана штепувана јакна лесно се правеше, не беше скапа и затоа со неа можеше да се реши проблемот со облеката на голем број луѓе.

За време на Втората светска војна ватникот се покажа како идеален зимски костум за широките народни маси. Тој беше подеднакво добар и на фронтот, и во студените фабрички хали, во експедициите, на нива и во поход. Целата земја носеше ватирана јакна - армијата, студентите, работниците, робијашите, градежниците, возачите и другите слоеви на населението. За да се обезбеди дополнителна заштита од продорниот студен ветер, штепуваните јакни беа стегани на половината со ремен или обичен коноп.

По војната, кога животниот стандард почна да расте, целата земја облече тешки капути.

Имашливите луѓе во градовите нарачуваа да им се сошие капут, и да се „облагороди“ со крзнена јака и капа од истото крзно. Луѓето со обични примања го купуваа она што можеше да се најде во продавниците, а тоа беше стандардизираниот капут со јака од вештачко крзно.

Во 1950-тите станаа модерни бундите. Ретко кој можеше да си дозволи бунда од вистинско крзно. Тоа не важеше за бундите од крзно на астраханско јагне - тие беа вообичаени во екот на оваа градска мода во 1950-тите.

Понекогаш модата беше посилна од здравиот разум. Жените во текот на 1950-тите со бунда од астраханско крзно или капут на главата носеа капчиња кои едвај им го покриваа темето. Московјаните им дадоа прекар „менингитис капчиња“ бидејќи практично не го покриваа задниот дел од главата, па веројатноста за воспаление од менингитис беше прилично голема.

Но, тоа го носеа жени кои ја следеа модата. Повеќето мислеа дека волнената марама најдобро ја штити главата од студот. Тие марами многу „боцкаат“, но се вистински спасител во разни ситуации. Жените ги врзуваа наместо шапка, а ако мораа да стојат на студ, тогаш и околу половината. Во случај на настинка таква марама се носеше околу вратот или се ставаше на градите (со претходно триење на мелем).

Шапката -„ушанка“ е познат симбол на руската зима. Се менуваше во текот на неколку векови. Селаните зиме најпрвин носеле треух (ги покривал и главата и тилот). Потоа во советско време ушанката стана дел од униформата на Црвената армија, а во текот на 1960-тите со задоволство ја носеше шефот на државата Леонид Брежнев. Оттогаш комплетната партиска елита почнува да носи ушанки од крзно на елен и крзно на астраханско јагне.

За обичните советски граѓани постоеше поедноставна варијанта – ушанка од зајачко крзно.

Мажите во сите периоди носеа капут или краток капут со крзнени јаки. Особено беше ценета јаката од крзно на астраханско јагне, кратко потстрижен дабар или бизамски стаорец.

Жените како средство против замрзнување често користеа неколку слоја облека. Сé до 1970-тите пантолоните не беа дел од женската гардероба, освен како работничко одело, и тоа само во тешките физички работи.

Затоа под здолништето или фустанот носеа удобна долна облека со ногавици до колена (од памук или волна), а со нив и дебели чорапи, понекогаш и по 2-3 пара еден врз друг.

Беше потешко да се реши прашањето на обувките. Класичните валенки (топли чизми од валана овча волна) не беа многу погодни за секојдневниот градски живот, а добрите чизми беа скапи и се сметаа за знак на престиж. За такви чизми жените стоеја во долги редици пред продавниците или ги набавуваа преку врски. Особено беа ценети југословенските, романските, унгарските и финските чизми. Тие не беа правени за тешки мразови, но заради елеганција, жените беа подготвени да се жртвуваат и да го трпат студот.

Единствено советските деца беа секогаш топло облечени, бидејќи беше вообичаено да им се обезбеди на децата повеќеслоен костум: лесна долна облека, лесна блуза и над неа топол џемпер, хулахопки и преку нив волнени хулахопки без стапала и плетени чорапи. Потоа бунда или капут стегнат со појас на половината. На главата носеа лесна шапка или марама, а преку неа шапка од природно или вештачко крзно. На нозете често имаа валенки, поретко чизмички.

Некогаш на децата преку бундичката или капутчето им се префрлаше веќе споменатата волнена марама.

Во толку гломазен костум децата не можеа да се движат лесно, но тоа беше идеално за долги прошетки или за санкање.

И, се разбира, децата носеа „варешки“ (ракавици со одвоен палец). Тие беа пришиени на долга еластична лента и провлечени низ ракавите на бундичката, така што беше тешко да ги загубите. Сепак, се случуваше и така прицврстени да останат некаде во снегот...