Како се облекувале класиците на руската литература?

Russia Beyond (Photo: Legion Media)
Дали е точно дека Лев Толстој одел бос, а Антон Чехов бил поим за елеганција? Што требало да облечете за да добиете етикета дворски шут? Зошто Гогољ сакал чудни парчиња облека? Дознајте дали големите руски писатели се грижеле за модата и како се облекувале.

Лев Толстој: Креирал блуза што стално ја носел, сакал да прави обувки

Лев Толстој како млад обрнувал големо внимание на изгледот, како на својот, така и на луѓето од околината. Во педесеттите години од деветнаесеттиот век живеел во Санкт Петербург и се облекувал кај најдобриот кројач во градот. Биографот на писателот Павел Бирјуков има напишано дека Толстој знаел во моментот да го окарактеризира „како ништожник“ само зашто не носел ракавици.

Меѓутоа, откако се преселил на имотот во Јаснаја Пољана писателот радикално го променил стилот на облекување и се префрлил на селански. Облеката на рускиот класик главно му ја шиеле сопругата и една мештанка, извесна Липунова. Главното парче облека станала широката кошула собрана околу струкот со учкур. Подоцна овој вид блуза и ќе се нарече „толстовка“. Налето оваа комбинација ја дополнувал со сламен шешир.

Толстој сакал и наметки и не се срамел во нив да се појавува пред гостите. Носел чевли на боса нога и наметка од грубо ленено платно, сошиено според негова замисла. Дење ја носел на себе, а навечер ја користел за спиење и за покривање, открил секретарот на писателот Николај Гусе.

Толстој многу сакал и рачно изработена облека, валенки, галоши и чизми (некои од нив и самиот ги правел). Она што не е вистина, а редовно му се припишува дека одел бос. За овој мит е заслужен сликарот Иљја Репин кој во 1901 година ја направил сликата „Босиот Лев Николаевич Толстој.“. Писателот поради тоа многу се лутел: „Само уште без панталони да ме прикажат“.

Антон Чехов: Верувал дека скапоцена кравата и модерни очила ќе ја скријат болеста

За разлика од Толстој, Чехов никогаш не бил виден во наметка. Тој бил подготвен да падне во долгови или да го потроши целиот хонорар од еден расказ само за да изгледа елегантно. Така, во една пригода, очекувајќи аванс од списание за расказот „Павилјон број шест“, Чехов на шега рекол дека „ако ги добие парите истиот ден ќе си купи себеси отмен шешир и летен мантил. Крајно време е да си купам летен мантил. Ќе си купам феноменален шешир и воопшто не планирам да се модирам“.

Големо внимание посветувал на деталите. На 37 години научил да носи очила без дршки поради проблеми со видот. Со овој моден додаток го одвраќал вниманието од болеста. „Се трудам да изгледам како ведар млад човек од 28 години, што често и ми успева зашто купувам скапи кравати и става парфем Вера-Виолета“.

Владимир Мајаковски: Носел жолта блуза кога тоа никому друг не би му паднало на ум

„На светот нема ништо поубаво од облека од бронзени мускули и свежа кожа“ велел поетот. Но, за него не би можело да се каже дека бил човек кој ја потценувал улогата на стилот.

Пред 1915 година, во футуристичката фаза на неговото творештво, често ја шокирал публиката со облека од домашна изработка, меѓу другото и поради недостаток од пари. Еден таков експеримент влегол во историјата. Мајаковски во продавница нашол жолто-црна ткаенина во линии за „непознати намени“ и од неа си сошил блуза. Тоа била вистинска сензација. Извесно време насекаде се појавувал во оваа блуза. Во времето кога машката облека била исклучително строга, накинџурената блуза претставувала плукање по пристојноста. Во тоа време без срам си носел долга виткана коса, бил разбушавен, повремено се бричел мазно, а потоа одеднаш ќе пуштел брада, купувал панталони со реси, ефектни шешири и широки наметки.

Подоцна со неговиот стил се занимавала Љиља Брик, судбоносната љубов на поетот, жената која го избезумувала целокупното високо општество од Сребрениот век. Таа му избирала пеперутка-машни и качкети, „правела од него човек“. Во дваесеттите години Мајаковски престанал да шокира и засакал квалитетна странска стока претожно од марката „Олд Ингланд“. Поголемиот дел прилично сведени буржоаски работи ги носел од Париз.

Николај Гогољ: Не се плашел ни од кокошник за инспирација, а се облекувал по последна мода

Најмистичниот руски писател обожавал чизми. Во куферот речиси секогаш носел под два-три пара. Неговиот стил на облекување може генерално да се окарактеризира како екстравагантен. Во сеќавањата на современикот на писателот Сергеј Аксаков постои едно интересно сведочење. Гогољ работел на „Мртви души“ кога на посета неочекувано му дошол Аксаков и го затекнал во мошне необично издание. Околу вратот имал црвена марама, а на себе кратка спенсер јакна, капутче од фланел, крзнени чорапи и како круна на сето тоа, со злато извезен кокошник на главата. И, сетоа тоа за инспирација.

Секако дека надвор не излегувал така облечен, но дефинитивно обожавал марами и елеци, како и комбинации што не можат да се спојат. Освен тоа, страдал од претерана склоност кон поседување материјални нешта и опсесивно се грижел за својот изглед поради што му се потсмевале. На својот близок пријател Герасим Висоцки своевремено му напишал: „Би сакал да те замолам уште нешто. Кажи ми, дали кај вас во Петербург кај кројач може да се нарача добар фрак за мене. Распрашај се колку чини шиењето фрак по последна мода. Пиши ми, те молам, кои материјали кај вас се модерни за елечиња и за панталони. Кои бои се најмодерни за фракови?“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња