- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Балот организиран на 24 февруари 1903 година во Зимскиот дворец во Санкт Петербург беше посебен по многу нешта. Првенствено поради тоа што беше приреден по повод 290-годишнината од династијата Романови, празник кој целата империја го славеше раскошно. Покрај тоа, балот беше костимиран, а целото благородништво загрижено како да се облече што е можно поавтентично и поскапо во манирот на облека на високите кругови во Русија од XVII век. И на крајот, судбината сакаше тоа да биде последниот спектакуларен бал не само на оваа династија, туку и на Руската империја. Повеќе никој не приредуваше такви импресивни балови по 1903 година. Руско-јапонската војна, а подоцна и првата руска револуција во 1905 година, го означуваа почетокот на големите потреси.
А како изгледаше познатиот бал во сите негови бои денес можеме да видиме благодарение на работата на руската уметница Олга Ширнина (позната и како Klimbim), која ги обои архивските снимки од познатиот настан.
Public domain, color by Klimbim
Според замислата на царицата Александра Фјодоровна, а оваа идеја потекнува токму од неа, сите 390 гости требаше да се појават во облека каква што се носело во високото општество во Русија во XVII век. Дворските дами се очекуваат во сарафани и кокошници, украсени со скапоцени камења, а мажите во богато декорирани кафтани и крзнени шапки во стилот на болјарите.
Public domain, color by Klimbim
Според сведоштвата на современиците, на императорката ѝ дошла идејата за бал последните денови од 1902 година. За време на појадок таа полемизирала со гостите за судбината на староруската облека, на која едни ѝ предвидувале заборав, додека други „нов живот“. Севкупните околности ја фаворизираа втората опција. Од времето на Петар Велики, општеството веќе помина низ ерата на позајмување на сé што е европско и интересите повторно се свртеа кон изворите. Со стапувањето на тронот на таткото на Николај II, императорот Александар III (познат противник на либералните реформи), сè што беше руско повторно стана модерно.
Public domain, color by Klimbim
Првата реакција на благородништвото на иницијативата на императорката беше умерено негативна. „Старинските руски костими чинат цело богатство... Покрај тоа, играњето во тешки фустани и бунди не претставува никакво задоволство. Дефинитивно, несреќната Александра Фјодоровна е склона кон несоодветни работи“, пишува на времето Иван Всеволожски, поранешен директор на Императорските театри, за идејата за балот.
Public domain, color by Klimbim
Цената на костим беше навистина неверојатна. На пример, само за материјалот за костумот на Николај II, два вида кадифе и златeн брокат, беа издвоени 437 рубли, што беше месечна плата на генерал на царската армија.
Public domain, color by Klimbim
Поради таа причина, повикувајќи се на недостаток на пари, од балот се откажаа околу сто луѓе. Меѓутоа, императорката беше непопустлива. За тие семејства костимите се правеа на државен трошок, со тоа што после балот да бидат донирани на Императорските театри.
Public domain, color by Klimbim
Кога почнаа подготовките за балот во престолнината настана вистинска гужва. Нарачките за ексклузивни историски костими беа исклучително многу, а сите кројачи, кои можеа да ги шијат, беа претрупани со работа, па не стигнуваа да ги завршат на време. Така, на великата кнегиња Ксенија Александровна кројачката ѝ испрати фустан без врвки, нешто повеќе од еден час пред да замине во Зимскиот дворец, а пак таа во својот дневник ја нарече „изрод“.
Public domain, color by Klimbim
Љубопитните петербуршки дами цело време јуришаа на московскиот приватен Музеј на антиквитети сакајќи да ги проучат кроевите на облеката и накитот што се носеле во Русија во тоа време.
Public domain, color by Klimbim
Семејното богатство пренесувано од колено на колено тој ден блескаше на сите страни. Бордурата на фустанот и кокошникот на принцезата Зинаида Јусупова беа опточени со скапоцени камења од јувелирската куќа „Картие“. Со свечената облека притоа одеа два кокошника и два вида ракави. Императорот, кој носеше реплика на оделото на вториот руски цар Алексеј Михајлович, имаше и автентична царска шапка и царски жезол кои пристигнаа од Оружејната палата во Москва.
Public domain, color by Klimbim
Китењето со стари скапоцености со непроценлива вредност имаше и свои ризици. Така, помладиот брат на Николај II, великиот кнез Михаил Александрович, на балот ја изгуби големата дијамантска копча од својата крзнена шапка. Копчата му припаѓала на Павле I.
Public domain, color by Klimbim
Балот траеше два дена. Почна со „рускиот наклон“, односно со тоа што гостите во парови му приоѓаа на императорот и императорката и им се поклонуваа. Следуваше оперски концерт, а потоа започна и самиот бал со богата гозба и танц.
Public domain, color by Klimbim
Менито на вечерата не се вклопуваше во дадениот концепт. На дворот сепак не беа подготвени да ги менуваат навиките. Се служеа консоми со тартуфи, венецијанска салата со листови зелена салата, патка на руански начин, ладна шарлота со јаболка. Но, затоа во позадина хорот пееше народни епски песни за руските јунаци.
Public domain, color by Klimbim
Балот во високото општество во Русија во 1903 година беше вистинска сензација. Во Санкт Петербург доведе до таканаречениот „руски бум“, кога националните мотиви станаа многу модерни и популарни.
Public domain, color by Klimbim
По една година императорката Александра Фјодоровна го доби албумот со фотографии што можеме да ги погледнеме сега. Беше нарачан за добротворни цели и сериски печатен, а на корицата пишуваше „во корист на руските војници на Далечниот Исток“.
Public domain, color by Klimbim
Меѓутоа, веќе во 1904 година, во позадината на вестите од фронтот, забава со тие размери беше недозволива. Додуша, на дворот се одржа уште еден бал, но многу помал и речиси незабележлив, во сосем тесен круг.