Пет најраскошни балови на руските цареви

Голем костимиран бал 1903 година

Голем костимиран бал 1903 година

Слободни извори
На рускиот двор знаеле и сакале добро да се забавуваат. Речиси секој монарх приредувал раскошни балови со изненадувања, со разоноди и секако со танци. Приемите со танци и забава се приредувале и во нивна чест. На таквите вечери можеле да се видат најневеројатни облеки, но можело да се биде сведок и на истенчена одмазда.

Бал-метаморфоза

Елизавета Прва

Ќерката на Петар Велики од татка си ја наследила љубовта кон забавата. Гласот за балови под маски на дворот на Елизавета Прва одекнувал низ цела Европа. Учеството на тие балови било прилично скапо. Пред сѐ потребно било да се има нов фустан, на кој се ставал специјален печат за некому да не би му паднало на ум истиот фустан да го облече и на следниот бал. Како второ, требало да се води голема сметка и за својот изглед. Кога на Елизавета Прва нешто не ѝ се допаѓало, таа тоа го решавала без многу размислување, така што од фустанот ги сечела неприкладните украси, а доколку би ја оценила фризурата како претенциозна, царицата не се двоумела да ги земе ножиците. Самата императорка немале никакви проблеми со гардеробата. Располагала со 15 илјади фустани, а во текот на еден бал знаела да се преоблече по неколку пати.

Во 1744 година Елизавета Прва приредила бал-метаморфоза. На мажите им наложила да дојдат во женска облека во француски стил, со фишбани и со напудрени перики, а на жените во тесни машки кафтани и со бели чорапи. Маските овој пат не биле дозволени за веднаш да се знае кој изгледа толку смешно. Излегува дека со ваквото преправање била задоволна само Елизавета, со оглед на фактот што машката облека ѝ стоела неверојатно добро, додека останатите овој настан повеќе ги лутел, одошто ги радувал.

Балот на Азор

Екатерина Втора

И Екатерина Втора сакала балови под маски. Есента 1790 година по нејзин налог сошиени се околу сто машки и женски костими во стилот на „египетските премиери“, а во блиските сали поставени се дуќани во кои се продавале овие костими. Гостите што дошле на прием морале да го одврзат ќесето или на лице место да земат заем и да се преоблечат во нови костими. Мажите во женски, а жените во машки. Гостите кои во првиот момент биле изненадени се препуштиле на танцот, а дома заминале без да се преслечат во својата облека.

Баловите под маски на дворот на Екатерина Втора знаеле да бидат слични на сказна. Да кажеме, по повод раѓањето на внукот Александар, таа приредила бал на „Азор, африкански благородник“. Салите биле украсени со монограмите „А“ обвиени со дијаманти и со бисери. Гостите имале можност да играат карти и ако победат самите да се послужат со дијамант од кошниците кои биле поставени во близина. Самиот Азор повремено се појавувал во салата, но не се приближувал. Гостите подоцна се досетиле дека тоа бил маскиран кнезот Потемкин.

Бал во Таврическиот дворец

Пролетта 1791 година кнезот Потемкин во својот Таврически дворец приредил бал во чест на Екатерина Втора по повод освојувањето на турската тврдина Измаил. На влезот оркестарот свирел на ловечки рогови, а внатре сѐ блескало. Дваесет илјади восочни свеќи и повеќе од сто илјади ламби создавале неверојатна светлина. Во Зимскиот двор се слушал пој на птици, во огромните аквариуми пливале риби, сјаеле огледалата, зад кои биле скриени печките. Среде сета таа убавина поставена е мермерна скулптура на императорката. Свирел оркестарот и се изведувале француски комедии и балет. Потемкин ја пречекал императорката дотеран, во пурпурен кафтан, обвиен со дијаманти и цела вечер ѝ бил на услуга. Во салата свирел кадрил, во прв план биле великите кнезови Александар и Константин. Екатерина Втора таа вечер претпочитала да игра карти, наместо да танцува. Не играла за пари, ами за скапоцени камења. Балот траел до зори и бил еден од најгласните настани не само во Русија, ами и во Европа.

Црниот бал

Црниот бал

Императорот Александар Трети не бил воодушевен од баловите, па дури и наспроти венчавката одбивал да танцува со избраничката на своето срце. Императорката Марија Фјодоровна, меѓутоа, уживала во забавата и за двајцата. На дворот често се организирале таканаречени „обоени“ балови, бели за „дебитантките“ (младите дами од аристократските семејства кои на ваков официјален бал влегувале во општеството како зрели личности), а виолетови за младенците. Но, имало и смарагдни. Во Николаевската сала во Зимскиот дворец во 1888 година танцувале дами во црвени, бели, жолти и виолетови тоалети, а нивните обетки и ѓердани ги краселе големи смарагди.

Во јануари 1889 година во Аничковиот дворец одржан е црн бал. Непосредно претходно се случило убиството на австрискиот принц, престолонаследникот Рудолг и на неговата љубовница баронесата Марија Вечера. Во европските дворови во деновите на жалост се откажувале сите свечености. Меѓутоа, во Петербург балот сепак се одржал. На приемот во Аничковиот дворец гостите доаѓале во црни свечени одори, надополнети со дијамантски украси. Глетката била шокантна. Со звуците на виенските валцери во снежнобелата сала се вртеле „црни“ двојки. На овој начин императорката елегантно се одмаздила за дамнешната навреда. Имено, во 1865 година, починал наследникот на рускиот престол кнезот Николај Александрович, за кого таа била свршена. Австрија тогаш не ги почитувала деновите на жалост. Една и пол година подоцна Марија Фјодоровна се омажила за Александар Александрович, помладиот брат на нејзиниот починат свршеник. А, многу години подоцна ја потсетила Австрија на своето недолично однесување.

Руски бал

Сите учесници на костимираниот бал од 1903 година

Последниот руски император Николај Втори, иако сакал да заигра, повеќе се грижел за императорката Александра Фјодоровна која поради лошото здравје не сакала балови. Меѓутоа, токму таа дошла до идеја да организира костимиран бал во неоруски стил. Тоалетите во манирот на 17 век се шиеле според нацртите на сликарот Сергеј Соломок, а биле надополнети со крзно и со стар семеен накит. Николај Втори бил облечен во костим на царот Алексеј Михајлович, а неговата сопруга носела фустан на царицата Марија Иљинична. Во Зимскиот дворец таа вечер имало речиси 400 луѓе.

Балот од 1903 година, организиран по повод 290-годишнината од владеењето на домот на Романови, останал запишан како најраскошен настан на рускиот двор.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња