Најубавите фустани на руските царици

Портрети на великата кнегиња Марија Фјодоровна (1874), царицата Марија Фјодоровна (XVIII век) и царицата Александра Фјодоровна (1900)

Портрети на великата кнегиња Марија Фјодоровна (1874), царицата Марија Фјодоровна (XVIII век) и царицата Александра Фјодоровна (1900)

Государственный Эрмитаж; Astrakhan State Art Gallery; The Alexander Palace Forums
Дворската етикеција строго ја пропишувала облеката и нејзиното сменување. Бројната гардероба за цариците не била само прашање на мода, туку и неопходност.

Секоја царица се облекувала според модата на нејзиното време. Се менувале кроевите, боите, модните куќи, но вкусот и елеганцијата со кои цариците пристапувале кон изборот на тоалетата останувале непроменети.

Венчаницата на царицата Екатерина II 

Екатерина II во 1745 година се омажила за престолонаследникот Петар III. Имала 16 години. Не е познато кој ја изработил венчаницата за идната моќна владетелка, но тоа бил типичен примерок на свечените фустани од XVIII век. Биле шиени од златен или сребрен брокат и биле везени во иста боја. Традиционалниот свечен фустан се состоел од корсет со големо деколте без ракави, а долниот дел од фустанот можел да биде поширок од половина метар. Овој ефект се постигнувал благодарение на кринолинот кој го придржувал долниот дел од фустанот, давајќи му форма и експресивност.

Екатерина во своите мемоари се присетува дека фустанот бил извезен со сребро по сите рабови и бил „страшно тежок“. 

Свечен фустан на Марија Фјодоровна, жената на царот Павел I

Царскиот церемонијал мајстор, грофот Фјодор Головкин, пишува за царицата како за многу елегантна дама: „Она што им пречи на другите жени не е проблем за неа. Дури и за време на бременоста не го соблекуваше свечениот фустан, а меѓу ручекот и балот, кога другите жени облекуваат фустани за по дома, таа, постојано стегната во корсетот, се занимаваше со преписка, везење, а понекогаш дури и работеше со мајсторот за медали и брошеви Лампрехт“.

Фустанот е направен во еклектичен стил и потекнува од 1820 година, кога модата во стилот ампир веќе почнала да му отстапува место на стилот бидермаер. Високиот струк, искривениот дезен и кратките надуени ракави укажуваат на ампер, додека чипканиот пораб на деколтето и ракавите, украсената биста и изборот на бои сугерираат движење кон бидермаер. Фустанот е изработен од моаре ткаенина - свила со брановиден ефект. Токму затоа се чини како фустанот да се „бранува“.

Фустанот за крунисување на Марија Александровна, жената на царот Александар II

Марија Александровна, сопругата на Александар II, го воспоставила обичајот на крунисување во „руски фустан“. По неа, во слични, речиси идентични фустани биле крунисани царицата Марија Фјодоровна, сопруга на Александар III и мајка на Николај II, како и Александра Фјодоровна, сопруга на Николај II. Пред тоа се шиеле фустани за крунисување во зависност од модата и вкусот на сопственичката, додека по крунисувањето на Марија овие фустани станале слични на рускиот сарафан. Бил задржан европскиот крој, но широките ракави и везот се елементи на рускиот стил, користен во изработката на дворски одори.

Вечерни и гостински фустани на Марија Фјодоровна, сопруга на царот Александар III

Судејќи по бројот на фустаните на Марија Фјодоровна кои се сочувани до денес а се дело на Англичанецот Чарлс Ворт, царицата била обожавателка на овој дизајнер. Ворт бил многу популарен во Европа. Главни муштерии му биле претставнички на кралските семејства, но и дами од високото општество. Марија Фјодоровна имала толку голема доверба во Чарлс што понекогаш едноставно му испраќала телеграма во Париз, препуштајќи му го целиот модел, од скицата до изборот на материјали, на неговата волја.

Царицата нарачувала фустани и од други модни куќи: „Maro-Walter“,  „Morin-Blossier“, „Fromont“.

Вечерен фустан на Александра Фјодоровна, сопруга на царот Николај II

Последната руска царица, за разлика од нејзината свекрва, претпочиташе да избира светли бои и повеќето од нејзините фустани ги нарачуваше во Русија. Во нејзината гардероба имаше многу фустани од Август Бризак (по потекло Французин кој работеше во Санкт Петербург) и Надежда Ламанова (сопственичка на една од најдобрите кројачки работилници во Москва).

Ламанова беше автор и на костимите на неколку гости на костимираниот бал во 1903 година. Кодексот на облекување бараше традиционална руска облека. Кнегињата Варвара Александровна Долгорукова запиша: „Некои од најубавите фустани ги изработи по нарачка Ламанова. Тие до детаљ ги подражаваа старите одори.

Талентот, вкусот и стилот на познатата московска кројачка Надежда Петровна Ламанова беа извонредни. Таа беше рускиот гениј на елеганцијата. Таа беше нашата гордост. Никој не можеше да се мери со неа, дури ни најдобрите француски модни куќи“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња