Народни носии и болјарски одори на делата на руските сликари (ФОТО)

Јавен домен
Многу сликари во Русија се занимаваа со историското наследство и ја истражуваа „народната“ тематика, вклучувајќи ги и носиите на селаните и одорите на болјарите од епохата пред Петар Велики.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Иван Аргунов: Портрет на непозната селанка, 1784.

Поранешниот кмет, уметникот Иван Аргунов сликал, меѓу другото, и портрети на кралското семејство, но сепак се осмелил да им оддаде почит на своите корени и да наслика девојка во народна носија со многу интересен облик на кокошникот (традиционална женска капа).

Алексеј Венецианов: Пролет. На орање, 20-тите години на XIX век

Еден од првите руски сликари кој во своето творештво се занимавал со темата на селскиот живот бил Алексеј Венецианов. На неговата најпозната слика е прикажана девојка во народна носија составена од кошула и сарафан (долг фустан) со појас. На главата носи еден вид кокошник. Девојката е боса, како античка божица, иако селанките на орање носеле лапти (опинци плетени од кората на млади дрвја).

Непознат уметник: Селанка со кокошник

Оваа сељанка како да слегла од слика на Венецианов. И таа на себе има кошула и сарафан, како и наједноставна варијанта на кокошник.

Алексеј Венецианов: Захарка, 1825.

Селското дете на оваа слика на главата има капа-мурмолка со завиткан раб од крзно.

Василиј Суриков: Болјарката Морозова, 1884—1887.

Најразлични кафтани, шамии, бунди, топли блузи и друга зимска облека може да се видат на историската слика на Суриков.

Николај Јарошенко: Селанец во шума, 1880 година

Пример за машка селска носија. Мажот носи летен кафтан („зипун“), а на нозете носи лапти врзани со врпца околу белите завои, кои служеле наместо чорапи. Тоа што го носи на главата не е англиски цилиндар, туку руска народна капа „гречишник“.

Виктор Васнецов: Госпоѓица, 1884.

На овој портрет, стилизиран на начин да потсетува на дамнешно време, најпознатиот сликар на сижеа од бајки Виктор Васнецов прикажал многу интересна капа. Девојчето носи висок „еднорог“ кокошник, богато украсен со бисери, а преку него е префрлен таканаречен „убрус“, платно извезено со орнаменти.

Виктор Васнецов: Принцезата-жаба, 1918.

Руската носија имала голем број различни видови на горни делови на облека со долги ракави, кои понекогаш достигнувале дури до подот („опашењ“). Притоа рацете се провлекувале низ специјални процепи, понекогаш веднаш до рамената. Таквата облека е опишана во сцена од бајката за принцезата-жаба, на која од волшебните ракави ѝ излегуваат лебеди.

Виктор Васнецов: Летечки килим, 1880.

Принцот Иван од бајката исто така има долги ракави со процепи за рацете. Оваа варијанта на облека се нарекува „ферјазˮ.

Клавдиј Лебедев: Болјарска свадба, 1883.

Разновидност на богати одори кај болјарите: бунди, кафтани, крзнени наметки. На сите жени главата задолжително им е покриена, а невестата носи кокошник украсен со вез со долг ткаен „убрус“ префлен преку него. Додека младоженецот со сатенскиот кафтан носи исправена јака - „ѓердан“, украсена со бисери.

Василиј Суриков: Портрет на Наталија Фјодоровна Матвеева, 1909.

Кокошниците биле неверојатно разновидни. Нивната форма и големина се разликувале дури и во соседните области на Русија. Затоа уметниците посветувале големо внимание на овој женски украс за глава. Девојката на сликата на Суриков носи венец од бисери. Со фина лента од бисери девојките обично врзувал плетенка или пунџа.  

Константин Маковски: Млада госпоѓа и Госпоѓицата со кокошник

Сликарот Константин Маковски изработил огромен број портрети на болјарски ќерки и жени со најразлични „круни“. На сликата лево дамата носи „кичка“, свечена капа за мажени жени, додека десно можеме да видиме празничен кокошник. 

Константин Маковски: Госпоѓица покрај прозорец, 90-тите години на XIX век

Оваа дама седи со вретено не за да работи, туку да покаже дека е добра домаќинка и дека знае рачни работи. Сепак, нејзината богата облека укажува на тоа дека очекува важни гости кои веројатно ќе дојдат да ја просат. Таа носи кокошник-крст и свечен „опашењ“ со широки и долги ракави.

Константин Маковски: Пиење чај, 1914.

Уште една свечена варијанта на кокошник.  

Михаил Нестеров: Девојка со кокошник. Портрет на М. И. Нестерова, 1885.

Нестеров на својот модел му стави мистериозен кокошник со бисерен „превез“.

Михаил Нестеров: Визијата на момчето Вартоломеј, 1889-90.

На историската слика за идниот Сергеј Радонешки, Нестеров прикажал машка народна носија. Момчето е облечено во кошула „косоворотка“ (косата јака е потребна за да не испадне крвчето за време на полските работи), појас и панталони со слободен крој напикани во високи чизми.

Андреј Рјабушкин: Неделен ден, 1889.

Уметникот прикажал неколку носии на луѓе кои се враќаат од неделната богослужба. Од десната страна гледаме имашен болјар во зимски кафтан или „кожуха“. Девојката во центарот носи краток крзнен „шугај“ преку долгиот топол „опашењ“ со низа копчиња. Младичот лево има богато украсен кафтан и наметка со јака.

Андреј Рјабушкин: Госпоѓица од XVII век, 1903.

Оваа висока крзнена шапка се нарекувала „горлатна шапкаˮ. Ја носеле и мажи и жени во Русија, но само од богати и угледни семејства. Ќерката на болјарот носи „шубка“, што е еден вид зимска бунда со процепи за раце. Дланките ги сокрива крзнен маф.

Иљја Рјепин: Принцезата Софија Алексеевна една година по нејзиното затворање во Новодевичкиот манастир, за време на егзекуцијата на стрелците (единици вооружени со огнено оружје во XVI и XVII век) и мачењето на сета нејзина послуга во 1698 година (1879)

Членовите на царското семејство носеле облека со ист крој како и болјарите. Но, ткаенините биле поскапоцени, а накитот и копчињата од скапоцени камења. Дека се работи за принцеза-затвореник можеме да видиме само по распуштената неуредна коса и неспокојниот израз на лицето.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња